Светите отци велат дека како што ангелите се светлина за монасите така и вистинските монаси се светлина за луѓето.
Што значи овде зборот „светлина’?
Дека монасите се тие коишто го одржуваат високиот критериум, или маченички етос, на христијанскиот подвиг и живот во Црквата. И уште, дека тие треба да бидат патеводители, да им го покажуваат патот на духовното растење на луѓето со своето постоење, со своите дела, со својот збор, со целиот свој живот. Значи, монасите треба да се светлина за мирјаните, за луѓето кои што христијански живеат во светот. На свој начин тоа го поставува монашкиот чин во Црквата на место на пророчка служба: како што Пророците во Стариот Завет го објавувале доаѓањето на Христа и им го покажувале патот на луѓето како постојано да бидат во заедница со Бога и никогаш да не се оддалечуваат од Него така и монасите денес ја имаат таа улога во животот на Црквата. И навистина, доколку монасите ја исполнуваат својата назначеност, тие стануваат светлина и поткрепа за сите кои се надеваат во Бога.
Вистински монах е тој што го поминал патот на очистување на срцето од страстите и од гревот и што се искачил на вториот степен на духовниот развој, а тоа е просветлувањето на умот. На тоа духовно ниво умот на монахот, заради отвореноста на срцето, може да се симне во самото срце и таму да ја твори молитвата. Престојувајќи молитвено во срцето, умот се причестува со Божествената благодат којашто секој човек ја добива при Светото Крштение. Тука, внатре, умот на монахот се просветлува преобразен од оваа благодат и заради тоа овој степен од духовното растење се нарекува просветлување на умот. Преку оваа просветленост на умот монахот ги спознава тајните на животот воопшто, тајните на Бога и на Светото Писмо, тајната на Црквата. Затоа тој и може својот пат и своето достигнување да им ги покаже на другите луѓе и да ги води по овој пат бидејќи самиот го има поминато и го познава...
...Љубовта кон луѓето ни е наједноставниот показател за тоа како растеме во Христа.
(Митрополит Наум Струмички, извадок од есејот „За содржината на монашкиот живот“)