Во дворот на Лешочкиот манастирски комплекс има две цркви, “Света Богородица” (изградена во првата половина на XIV век, а обновена од темел во XVII век ) и “Свети Атансиј” (изградена околу 1935 година), како и параклис посветен на светите Кирил и Методиј, а изграден од страна на игуменот Езекил.
Манастирската црква на Пресвета Богородица се наоѓа во северо-источниот дел на дворот од денешниот Лешочки манастир и претставува една од најстарите сочувани цркви во Полог. Според историските извори, црквата била изградена на постаро култно место, во византискиот период, кога Лешок бил градска населба. Заедно со градот Леаскумцосу, како што го нарекувале тогаш Лешок, црквата била приклучена кон Охридската Архиепископија во 1019 година од страна на Василиј II.
Црквата се споменува и во 1326 година, а била возобновена во 1641 година и живописана во 1646 година. Постојат сведоштва за нејзино повторно делумно обновување во 1879 година. За обновата на црквата дознаваме од сочуваниот натпис во фрескотехника, што се наоѓа на западната врата од внатрешната страна. Во него се вели дека во времето на игуменот архимандрит Силвестер, со помош на други свештеници, кои се појавуваат како ктитори, црквата е обновена на 8 мај 1879 година, од раката на зографот Михаил Ѓурчинов и Панојот од Галичник.
Со изградбата на новата манастирска црква на Свети Атанасиј Велики и нејзиното осветување во 1936 година, оваа црква повеќе не се користела за свети богослужби и почнала постепено да се запушта. Во 50-тите години Заводот за заштита на културно-историските споменици изврши градежна интервенција за да не дојде до поголеми оштетувања, бидејќи црквата била во многу лоша состојба.
Црквата е 80 сантиметри во земја. Подот е со камени плочи, а плафонот е засводен. Покрај јужниот ѕид се наоѓаат столови. На западниот ѕид од јужната апсида се наоѓа и архиерејскиот трон, кој е од XIX век.
Во самата црква има големо богатство од мајсторски компонирани фрески што целосно го исполнуваат просторот.
Црквата претставува една мала богата галерија, единствена во Полог. Дело е на мајсторска рака на зографите, на кое човек може само да се восхитува.
Живописот и сочуваните записи откриваат дека тој е од два периода, од XVII и XIX век. Од живописот, во нартексот е забележлива композицијата “Страшниот суд”, која е зографисана на целата површина на северниот ѕид. Ликот на Пресвета Богородица е застапен повеќепати во разни сцени, а Господ Седржител е насликан трипати.
Иконостасот е изработен во 1879 година од галичанецот Михаил Ѓурчинов, а е поставен по завршувањето на живописот. Сите икони се со изедначен квалитет и сите се евидентирани од страна на Заводот за заштита на културно-историските споменици.
Оваа црква не беше поштедена од албанските терористи во 2001 година. Оштетувањата се направени на прозорите на јужната страна надворешно, како резултат на неуспешен обид на пробивање. Истите се со искршени стакла и оштетувања на крилата и заштитната мрежа. Надворешната влезна врата во олтарот е обиена со видни оштетувања на крилото на вратата и е вандалски растурена. Во олтарниот дел е разбиено и отворено ковчежето во кое имало црковни одежди и Свето Евангелие со позлатени корици. Светото Евангелие е украдено, а одеждите се уништени, расфрлени и изгазени. Малиот полиелеј е искршен. На фрескоживописот и на иконостасот нема оштетувања и нема украдени икони.
Манастирската црква на Свети Атанасиј Велики ја возобновил игуменот Серафим во 1924 година, врз темели на старо-христијанска базилика, а ја завршил игуменот Ташко во 1934 година. Била изградена во многу убав византиски стил, со три куполи, а на десната купола е вградена камбанаријата. За внатрешното уредување и за изработката на иконостасот и на архиерејскиот трон во 1936 година биле ангажирани мајстори од Гостивар, од чии имиња се познати само иницијалите И. С. Т. Р. Ж., испишани на задниот дел од царските двери.
Живописот во црквата се состои од икони и фрески. Иконите што се на царските двери се на Пресвета Богородица и свети Архангел Гаврил. Лево во дверите е Пресвета Богородица, а до неа, на влезната врата, е свети Атанасиј; десно од дверите е Господ Исус Христос, а на десната врата е свети Јован Крстител. Во втората зона се дванаесетте апостоли, Распетието Христово, и под него Воскресението Христово. Над централната купола е Христос Седржител.
Сите се изработени во 1936 година од непознат зограф.
На северниот и јужниот ѕид се наоѓаат фрески изработени од зографот Теодос Колоски од Скопје во 1962 година. Оттогаш па наваму ја зографисувале повеќе зографи, кои се разликуваат по својот квалитет.
Во олтарот, на чело на престолот, се наоѓа монументален крст, изработен од камен–оникс.
Интересно е да се спомне дека над влезната врата се наоѓаат две фрески, едната на свети Атанасиј, а втората на непознат светител.
Дополнително обновување на манастирот е извршено од 1965 година до 1968 година, под раководство на игуманијата Меланија, а во поново време истото е сторено од несебичните заложби на епархискиот Ахиереј г. Кирил.
Во манастирскиот двор секоја година се одржува манастирски собир на 28 август, кога се собираат голем број верници од селото, околината и подалечните места.
Манастирската црква, за жал, беше минирана и целосно уништена на 21.08.2001 година, во утринските часови. Со ова уривање, до темели, уште еднаш се потврди дека историјата на селото Лешок и на Лешочкиот манастир се повторува. Црквата е разрушена до темел, со минирање. Останат е само нартексот од западниот дел и скоро целиот западен ѕид од наосот. Двете куполи на нартексот се останати. На јужната купола се видливи конструктивни пукнатини.
Од експлозијата е уништено сè, освен неколку фрески на светители.
Исто така, оштетени се манастирските конаци, изградени во XIX век од јеромонахот Езекил. Конаците претходно се неколкупати поправани и санирани, а целосна санација е извршена во периодот од 1993 до 1996 година. Како резултат на експлозијата, настанати се значителни оштетувања на кровната конструкција и на фасадата. Поголеми оштетувања се забележани на прозорците: искршени се стаклата и руинирани се цели прозорци.
Просториите во приземјето и на катот од конаците се значително оштетени, особено градежната столарија.
Извршено е ограбување на сите вредни работи од конаците, меѓу кои и предмети од историска вредност.
Капелата во чест на светите Кирил и Методиј, во манастирскиот конак, е обиена и има оштетувања од детонацијата, на малтерот на плафонот.
Полиелејот е искршен и неупотреблив. Четири престолни икони се оштетени, а украдени се Светите Садови од Светата Трпеза.
Во кругот на манастирскиот двор оштетен е гробот на архимадритот Силвестер и гробот на јеромонахот Кирил Пејчиновиќ. Не е поштедена ниту новата летна трпезарија. Таа е обиена и покрадена.
Иако беше разурнат манастирот, сепак, на 28 август, истата година, беше прославен празникот на Успение на Пресвета Богородица, но не со зурли и тапани, туку со солзи. Верниот народ не се откажа од силната вера и големата љубов кон најголемото светило на тоа поднебје.
На 15.02.2002 година, беше посетен манастирскиот комплекс од европската комисија и беше утврдено повторно да се возобнови и да воскресне ова светило. Со несебичните заложби на Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил, европската комисија, како и многу верници и фирми од Македонија и надвор од неа, помогнаа повторно во ова светило да се собираат илјадници верници, со цел да оддадат чест и слава на Пресвета Богородица и на свети Атанасиј.
Манастирскиот комплекс е завршен оваа, 2006 година, а неговото преосветување е планирано за 2007 година, кога Македонската Православна Црква прославува 40 години од својата автокефалност.
Значајно е да се спомне дека во манастирскиот двор од пред две години се одржува и Тетовскиот фолк-фест, во предвечерието на празникот Успение на Пресвета Богородица.