Познати цркви и манастири
- Св. Пантелејмон,
с. Горно Нерези, Скопје - Св. Андреј, Матка
- Св. Никола Шишевски, Матка
- Св. Никита,
с. Бањани, Скопска Црна Гора - Св. Спас, Скопско
- Св. Велкомаченик Георгиј,
с. Старо Нагоричино, Кумановско - Св. Софија, Охрид
- Плаошник, Охрид
- Св. Јован Богослов -
Канео,
Охрид - Пресвета Богородица- Перивлептос, Охрид
- Св. Герогиј,
с. Курбиново, Преспа - Св.Никола, Варош, Прилеп
- Полошки манастир Св. Георгиј, Кавадаречко
- Пресвета Богородица
Елеуса,
с. Велјуса - Св. Леонтиј, с. Водоча
- Св. Архангел Михаил, Берово
- манастирски комплекс Св. Партениј Зографски, Стар Дојран
- Успение на Пресвета Богородица, Матка
- Св. Никола, с. Љубанци, Скопска Црна Гора
- Марков манастир Св.
Димитриј,
с. Маркова Сушица - Св. Спас, Скопје
- Св. Архангел Михаил,
Варош, Прилеп - Св. Преображение,
с. Зрзе, Прилепско - Успение на Пресвета
Богородица,
Трескавец, Прилепско - Рождество на Пресвета
Богородица,
с. Сливница, Преспа - Св. Јован Крстител,
с. Слепче, Демир-Хисарско - Св. Атанасиј,
с. Журче, Демир-Хисар - Св. Наум, Охридско
- Бигорски манастир Св. Јован Крстител
- Воведение на Пресвета Богородица „Пречиста“, Кичевско
- Лесновски манастир
Св. Архангел Михаил
Првото доаѓање на Св. апостол Павле на европско тло, при благовестењето на Евангелиото меѓу јазичниците, се случува во Македонија. Оттогаш, на ова балканско парче земја доживеано во поширока или потесна смисла, почива апостолскиот благослов. Оттогаш, сите форми на подвиг во Црквата се пројавиле и тука. Рамноапостолни, маченици, проповедници, учители, архиереи, преподобни... Оваа земја раѓала и раѓа свети души. Многу имиња на анонимни светители останале непознати низ вековите, но запишани на Небесата. Многумина пак, се споменуваат во житијата на светителите во сите помесни православни цркви на овој простор.
Историските списи тврдат дека за прв пат масовно се возобновува православното монаштво во Македонија со доаѓањето на светите Климент и Наум во тогашната погранична и неразвиена област - Кутмичевица, на бреговите на Охридското Езеро, во првата половина од X век. Во историските книги и научните трактати овие двајца просветители на Македонците се величаат по својата мисија на синтеза на кирилицата и просветителската дејност во Охрид, како основоположници на првиот универзитет на писменостa во Македонија - т.н. Охридска книжевна школа. Но, честопати се пренебегнува или заборава фактот дека 3500-те и повеќе ученици на Св. Климент, чиј број се споменува во опширното Светиклиментово житие, кои се собрале околу него во првите седум години од неговата учителска дејност, во манастирот Св. Пантелејмон, на Плаошник, а и подоцна повеќето ученици на Св. Наум во Охрид и во манастирот на Светите Архангели, на изворите на Црн Дрим, всушност биле: монаси. Од нив многумина Св. Климент ракоположил за чтеци, ѓакони, свештеномонаси. Подоцна некои од нив примиле хиротонија за епископи. Преданието вели дека еден од учениците на Св. Климент го возобновил монаштвото во околината на градот Прилеп, во Варош, каде биле изградени (по угледот на Охрид) голем број цркви и манастири.
Втор бран на возобновување на монашкиот живот во Македонија, во историските списи е забележан од 1085 до 1106 година, по хиротонијата на преподобниот отец Мануил за епископ Тивериополски, при основањето на манастирот Пресвета Богородица-Елеуса, во темата Струмица, над селото наречено Палеокастро. Манастирот на Пресвета Богородица-Елеуса бил еден од ретките манастири во историјата на Православието што не потпаѓал под јурисдикција на локалната црковна власт, ниту под Вселенскиот Патријарх, туку негова игуманија е Богородица, (првиот катигумен поставен од епископот Мануил, бил јеромонахот Илија). А со хрисобула од самиот византиски цар за време на династијата Комнени му биле допуштени неограничени суверени права над сопствените манастирски поседи и типик. Овој манастир, во наредните два-три века станува монашки духовен расадник за манастирите на југоистокот од Македонија, по долината на реката Брегалница.
Пустиножителскиот подвиг на Св. Гаврил Лесновски (кон крајот на X век) и Св. Јоаким Осоговски (втората половина на XI век), е темел на подоцнежниот повторен подем на општежителното монаштво на овие простори, сѐ до XV век, до наездата на Турците Османлии. Во овој период се осветуваат во монашкиот подвиг и делуваат Св. Никодим Прилепски-Тисмански (основоположникот на романското монаштво, родум од Прилеп), Св. Нектариј Битолски, учениците на големиот учител на исихастичката молитва - Св. Григориј Синаит - Синаитите, учениците на Св. Григориј Палама. Македонија, како и околните балкански предели, станува монашка колевка на исихазмот.
Петте века османлиско ропство означуваат период на искушенија и страдање, кога православното монаштво е делумно раселено, повлечено на Света Гора, делумно во опаѓање по бројност. Има задача да ја сочува духовната и националната свест кај македонскиот народ. Преродбенскиот период во XIX век, и дејноста на Кирил Пејчиновиќ, Партениј Зографски - епископот Полјански и многу други, пред сè монаси, претставува еден вид повторен подем на монашката авангарда.
Во дваесеттиот век, во периодот меѓу двете светски војни, многу монаси од Русија, по Октомвриската револуција, ги населуваат македонските манстири. Тие тука го завршуваат својот подвиг, сочувувајќи ја верата. Многумина од Македонија пак, стануваат светогорски монаси, особено во атонскиот манастир Зограф. По Втората светска војна, претежно женското монаштво го одржува монашкиот живот во манастирите во Македонија, којшто во времето на социјализмот се одвива во целосна анонимност, малубројност и повлеченост од јавноста. Во овој период невидливо, смирено, молитвено бдее личноста на големиот испосник, епископот Велички - отец Гаврил, во Лесновскиот манастир.
По еден период на затишје и „ртење“, семето на монаштвото повторно почна да никне во Македонија. По молитвите на Богородица, мајката на сите монаси, по молитвите на македонските светители (ако воопшто епитетот на одреден топоним може да биде придружен кон името на некој светител, оти светителите молитвено посредуваат пред Бога за сиот свет). Процесот на возобновување на монаштвото се повтори, никна од старите корени. Како и пред десет века, со доаѓањето на преподобниот Мануил од светата гора Авксентиј, и неговото востоличување за епископ Тивериополски. Како и пред тоа, со доаѓањето на светите Климент и Наум, со Климентовото ракополагање за епископ на Дремвица и Велика.
Манастирот на Воведение на Пресвета Богородица-Елеуса, денес - од перспектива на осум години потоа - сигурно не случајно, повторно, како пред десет века, стана духовен расадник на монаштвото во Македонија. Спонтано, во духот на илјадугодишната традиција, прво беше возобновено машкото монаштво во него, за една година подоцна да продолжи да живее како женски општежителен манастир. Тогаш, во 1996-та година, беше возобновен прво Водочкиот манастир на Св. Леонтиј како машки манастир. Потоа, по 1998-та до сега, уште повеќе од дваесет машки и женски манастири низ териотријата на Република Македонија. Денес, неофицијалната статистика вели дека: приближно еден од 10.000 Македонци е монах.