Божествена Литургија во Струмица
 
 
 
 
 

Божествена Литургија во Струмица (01.03.2025 20:36)

Денес, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи Божествена Литургија во црквата „Свети Григориј Палама и свети Димитриј Мироточив“, во Струмица. Верниот народ на Литургијата се причести со Светите Христови Тајни.

Во беседата на Литургијата, Владиката рече:

Љубовта е давање и слобода. Љубовта само дава и ниту бара нешто за возврат, ниту пак очекува нешто. Ако некој нешто бара и очекува за возврат, тој е само роб на самољубието. Љубовта, ќе се изразам соблазнително, е самодоволна, затоа што: љубовта е Божествено својство, љубовта е Божја благодат, љубовта е несоздадена божествена енергија, љубовта е Божји живот; и токму затоа во љубовта се наоѓа полнотата на животот, радоста на постоењето, внатрешниот мир, смислата на дејствувањето, врвната креативност, неискажливата убавина; на љубовта ништо не ѝ недостасува, ни во времето, ни во просторот – ниту од минатото, ниту од сегашноста, ниту од иднината, ниту од сѐ создадено; љубовта е полнота на сѐ во сѐ. Љубовта е, пред сѐ, личен и слободен однос со Бог и затоа ништо суштински нема да ни недостасува и само ако ја раздаваме, дури и ќе ни се умножи. Доволно е само да се трудиме да љубиме, да не застанеме – дури до истоштување, и ќе растеме од љубов во љубов. Од друга страна, многу е добро ако љубовта и хоризонтално се распространува, ако некој ни возврати со љубов, затоа што тоа е најдобриот поттик за љубов и нејзино сведоштво и во овој свет: „По тоа ќе ве познаат дека сте Мои ученици, ако имате љубов меѓу себе“ – во слава Божја.