Ilindensko poslanie
 
 
 
 
 

 

† СТЕФАН,
ПО  МИЛОСТА  БОЖЈА,
АРХИЕПИСКОП  ОХРИДСКИ  И  МАКЕДОНСКИ,
ЗАЕДНО  СО  СВЕТИОТ  АРХИЈЕРЕЈСКИ  СИНОД,
ДО  СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛИТЕ,  ДО  МОНАШТВОТО
И ДО СИТЕ ЧЕДА НА
МАКЕДОНСКАТА  ПРАВОСЛАВНА  ЦРКВА
–  ОХРИДСКА  АРХИЕПИСКОПИЈА,
А  ПО  ПОВОД  ИЛИНДЕНСКИТЕ  ПРАЗНУВАЊА,
ИСПРАЌА  МИР  И  БЛАГОСЛОВ  ОД  БОГА

Нека познае овој народ дека Ти, Господи, си Бог и
Ти ќе го свртиш срцето нивно кон Себеси.

Возљубени празникољупци,
Денес Светата Црква молитвено и со свештен трепет го празнува споменот на светиот пророк Илија. Тој е еден од најнеобичните луѓе коишто некогаш живееле на земјата и е еден од најзначајните пророци во Стариот Завет. Но, тој се јавил како сведок Христов и во Новиот Завет, при Неговото славно Преображение, кога на гората Тавор се појавил заедно со Мојсеја[1], посведочувајќи дека Христос е Оној за Кого говореле и пророкувале сите пророци. Светата Црква го воспева денешниов славеник нарекувајќи го „втор Претеча на Христовото доаѓање“[2]. Тоа е потврда за неговата непоколеблива вера и е откровение на Црквата Христова; тоа е единствената причина зошто овој чудесен и свет човек, без да вкуси смрт, бил вознесен на небесата. Само човек како него, кој со својата пламена љубов кон Бога ги спалил сите страсти во своето срце, и кој станал чувар на вистинската вера, можел да се издигне во пророк Божји и во ревносен искоренител на идолопоклонството! Тој, сиот бил оган од самото негово раѓање, бидејќи „со оган бил хранет и повиван од ангели Божји, според видението на татко му“[3]. Поради својот возвишен и молитвен живот, тој и мртви воскреснувал, и храна умножувал, и небото го затворал и дожд измолувал…

Возљубени во Господа,
Сведоштвото на свети Илија е неопходно и во нашиве дни. Живееме во противбожни времиња, во кои сè помалку има место за Единиот вистински Бог, Кој заради нас Се воплоти и стана Човек. А светот, кој Го отфрли и Го распна, еве, и во дваесет и првото столетие упорно избира да остане антихристијански, да биде свет во кој непријателот на нашето спасение продолжува да измислува лажни богови, на кои многумина и меѓу нас тргнале да им се поклонат. Но, исто така, со радост гледаме и Му благодариме на Бога, затоа што Тој и во наши дни изнедрува вистински Свои слуги кои не коленичат пред современите непријатели на Бога. Па, кој е призивот на современите христијани, ако не оној што светите Божји пророци го живееле?! Богоугоден христијански живот не е само да се проповеда единствениот вистински Бог, туку и да се сведочи со сопствениот живот, со срдечна љубов и кон Него и кон секој човек, па дури и кон непријателите.

Возљубени потомци на славните илинденци,
Нашиот народ, во својата историја, има блескави примери на вистински подражаватели на ревноста на светиот пророк Илија. Ние сме синови и ќерки на славните илинденци, на луѓе кои, како и нивните предци, знаеле како да живеат христијански. Тие знаеле да поднесуваат страдања и да не се откажуваат од своето најсвето, со што земале учество во спасителниот Крст Христов. Исто така, знаеле и да умираат достоинствено, свесни дека нема поголема љубов од онаа – да ја положиш душата своја за ближниот свој[4]. Какво место имале Богочовекот Христос и Мајката Црква во нивните животи, ни говори и тоа што по цели пет века на тешко ропство ја сочувале верата, не заборавајќи кои се и не одрекувајќи се од најголемиот дар со кој Бог го обдарил човекот – слободата. Тие биле свесни дека скапо сме платени и дека не треба да стануваме робови на луѓе[5], свесност која денес нам, современите Македонци, насушно ни е потребна!
Илинденското востание, вклучително и неговиот краен исход, кој, всушност, е восход кон Бога, е залог да постоиме како народ со своја држава, затоа што храбрите и богољубиви илинденци знаеле дека нашиот опстанок како народ, и во времето и во вечноста, не зависи од нас, туку исклучиво од Промислата и Милоста Божја. Знаејќи, пак, дека неправдата никогаш не може да биде посилна од правдата, ниту ропството може да се спореди со слободата, нашиот народ одлучил на Илинден во 1903-та година да се крене на востание, не плашејќи се пред далеку побројниот и понаоружан поробител. Токму поради таа нивна жртва, проникната од нивниот копнеж за слободна и независна Македонија, нашиот народ ги пожнеал плодовите на вториот, асномски Илинден, во 1944, стекнувајќи своја држава, за на третиот Илинден, во 1991 година, Македонија да стане независна и суверена.

Возљубени родољупци,
Секое поколение треба да го носи своето бреме, но за нас, наследниците на славните илинденци, тоа благословено „бреме“ не е ништо друго туку Крстот Христов, кој, за оние што гинат е безумство, но за нас кои се спасуваме е сила Божја[6]. Затоа, „да застанеме смерно, да стоиме добро“[7], и со свештен трепет да внимаваме од живиот Бог да не отпаднеме, поведувајќи се по некакви нови проповеди за „нова слобода“, кон која нѐ повикуваат новите погубни идеологии, кои водат (о)родување со сè и сешто, само за да заборавиме дека сме род Негов, народ избран, царско свештенство[8]. Не поведувајќи се по други „божества“, да ги чуваме и да ги воспитуваме нашите деца во Црквата Христова, затоа што единствено во неа ќе Го познаат вистинскиот Бог, и само така и само тогаш нашиот народ ќе продолжи да го чува и да го носи благословот Божји.

Возљубени чеда на Мајката Македонска Црква,
Нашето поколение Македонци е исправено пред современите предизвици, но има и света должност да опстои според начелата на нашите славни и во Бога бесмртни илинденци. Слободата во која се родивме и во која живееме, Татковината наша Македонија, љубената ни Охридска Архиепископија, возобновена во лицето на Македонската Православна Црква, почиваат на себепринесувачката и саможртвена љубов, и на исповедничката и маченичка крв на нашите предци.
Молитвениот спомен на денешниов ден, за сите нив, е наш молитвен принос пред Бога, за нивните души да ги насели и да ги утеши во Својот покој. Исто така, се молиме и нас да нè утврди по патот по кој тие чекореа, по патот што води во живот вечен и во заедничарење со нив во Светата Литургија, која е реална средба со воскреснатиот Христос и со сите оние кои во Него починале со надеж на Воскресение и живот вечен[9]. Само ако така живееме, свесни дека ќе треба пред Бога одговор да дадеме, и ние, со Божја помош, ќе останеме свои на своето, па на следните поколенија Македонци ќе им го предадеме сето она за коешто илинденските јунаци се бореа и за коешто се жртвуваа, а нам во аманет ни го оставија.
По молитвите на свети пророк Илија нека им е вечен споменот на сите коишто се бореа за нашата национална и духовна слобода!
Бог да ги благослови и да ги сочува до крајот на вековите: нашата Татковина – Македонија и Мајката – Македонската Православна Црква!
Честит и вечен Илинден!

† СТЕФАН,
АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ
заедно со членовите на Светиот архијерејски синод
на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија

† ПЕТАР,
Митрополит Преспанско-пелагониски
и администратор Австралиско-новозеландски

† ТИМОТЕЈ,
Митрополит Дебарско-кичевски
и администратор Австралиско-сиднејски

† НАУМ,
Митрополит Струмички

† АГАТАНГЕЛ,
Митрополит Повардарски

† ЈОВАН,
Митрополит Крушевско-демирхисарски

† МЕТОДИЈ,
Митрополит Американско-канадски

† ПИМЕН,
Митрополит Европски

† ИЛАРИОН,
Митрополит Брегалнички

† ЈОСИФ,
Митрополит Тетовско-гостиварски

† ГРИГОРИЈ,
Митрополит Кумановско-осоговски

† ЈОАКИМ,
Епископ Дељадровско-илинденски

† МАРКО,
Епископ Делчевско-каменички

Илинден, 2024.

___________________________________
[1] Сп. Мт 17, 1–8; Мк 9, 2–8 и Лк 9, 28–36.
[2] Тропар на свети пророк Илија.
[3] Од Житието на свети пророк Илија.
[4] Сп. Јн 15, 13.
[5] Сп. 1 Кор 7, 23.
[6] Сп. 1 Кор 1, 18.
[7] Божествена Литургија на свети Јован Златоуст, возглас од Литургијата на верните.
[8] Сп. 1 Птр 2, 9.
[9] Сп. Молитва за покој на душите на починатите.