5:1-15
| 1. | Потоа беше празник јудејски, и се искачи Исус во Ерусалим. |
| 2. | А во Ерусалим, при Овчата порта, има бања, по еврејски наречена Витезда, со пет тремови. |
| 3. | Во нив лежеа мнозина болни, слепи, хроми, суви, кои очекуваа да се раздвижи водата, |
| 4. | зашто одвреме навреме во бањата слегуваше ангел Господов и ја раздвижуваше водата; и кој прв ќе влезеше по раздвижувањето на водата, оздравуваше од каква и да било болест да боледуваше. |
| 5. | Имаше таму и еден човек, кој боледувал триесет и осум години. |
| 6. | Исус, кога го виде како лежи и штом узна дека од многу години боледува, му рече: „Сакаш ли да оздравиш?” |
| 7. | Болниот Му одговори: „Да, Господи! Само немам човек што ќе ме спушти во бањата кога ќе се замати водата; додека, пак, јас дојдам, друг слегува пред мене.” |
| 8. | Исус му рече: „Стани, земи ја постелката своја и оди си!” |
| 9. | И веднаш оздраве човекот, ја зеде постелката своја и одеше. А тој ден беше сабота. |
| 10. | Заради тоа Јудејците Му рекоа на исцелениот: „Сабота е и не треба да ја земаш својата постелка!” |
| 11. | Но тој им одговори: „Оној, што ме излекува, ми рече: »Земи ја постелката своја и оди!«“ |
| 12. | А тие го прашаа: „Кој е човекот што ти рече: »Земи ја постелката своја и оди?«“ |
| 13. | Но исцелениот не знаеше кој е, зашто Исус се беше отстранил, оти на тоа место имаше многу народ. |
| 14. | А потоа Исус го сретна во храмот и му рече: „Ете, сега си здрав и не греши веќе, за да не те снајде нешто полошо!” |
| 15. | А човекот отиде и им кажа на Јудејците дека Исус е Оној, што го излекувал. |