Свето евангелие според светиот апостол Лука
 

 

Свето евангелие според светиот апостол Лука

Календар, житија, пости
Почеток
 

3:1-18

1. Во петнаесеттата година од владеењето на ќесарот Тибериј, кога Понтиј Пилат беше управител во Јудеја, а Ирод – четворовласник над Галилеја, и Филип брат му, четворовласник во Итуреја и Трахонитската област, и Лисаниј – четворовласник во Авилинија,
2. при првосвештениците Ана и Кајафа, му рече Бог на Јована, синот Захариев, во пустината.
3. И тој го обиколи целиот крај околу Јордан, проповедајќи покајно крштавање за проштавање на гревовите,
4. Како што е напишано во Книгата, според зборовите на пророкот Исаија, кој вели: „Гласот на оној, што вика во пустината: пригответе го патот на Господа и рамни правете ги патеките Негови;
5. секоја долина нека се исполни и секоја планина и секој рид нека се снизат; кривините нека се исправат и нерамните патишта нека се израмнат,
6. и секое тело ќе го види спасението Божјо!”
7. А на луѓето, што доаѓаа при него да ги крсти, им велеше: „Породи змиини, кој ве научи да бегате од гневот што иде?
8. Но родете плодови достојни за покајание и не почнувајте да зборувате во себе: »Го имаме таткото Авраама!« Зашто ви велам, дека Бог може и од овие камења да издигне чеда на Авраама.
9. Оти веќе и секирата стои кај коренот на дрвјата; и секое дрво, што не дава добар плод, се сече и фрла во оган.”
10. И го прашаа луѓето, велејќи: „Тогаш што треба да правиме?”
11. А тој им одговори и рече: „Кој има две облеки, нека му даде на оној што нема; а кој има храна, нека го прави истото.”
12. Дојдоа и митници да се крстат од него и му рекоа: „Учителе, што да правиме?”
13. А тој им рече: „Не барајте повеќе, отколку што е определено.”
14. Го прашаа и некои војници, говорејќи: „А што да правиме ние?” И им рече: „Никого не присилувајте, никого не клеветете, и бидете задоволни со вашите плати.”
15. А на луѓето што чекаа и си помислуваа во срцата свои за Јована да не е тој Христос,
16. Јован им одговараше на сите, велејќи: „Јас ве крштавам со вода; но иде посилен од мене, Кому не сум достоен да Му ги одврзам ни ремчињата на обувките Негови: Он ќе ве крсти со Дух Свети и со оган.
17. Нему му е лопатата во раката Негова и Он ќе го очисти гумното Свое, и ќе го собере житото во житницата Своја, а плевата ќе ја изгори со неизгаслив оган.”
18. И уште многу друго му проповедаше на народот, утешувајќи го.