Пролог: Светите маченици Евстратиј, Авксентиј, Евгениј, Мардариј и Орест
 

 

Житие: Светите маченици Евстратиј, Авксентиј, Евгениј, Мардариј и Орест

Календар, житија, пости
Почеток
 
Овие петмина храбри мажи светнаа како пет блескави ѕвезди во мрачното време на христоборните цареви Диоклецијан и Максимијан. Свети Евстратиј беше римски војвода во градот Саталион, Евгениј му беше војнички другар, Орест беше исто така еден угледен војник, Авксентиј свештеник, а Мардариј прост граѓанин и земјак на Евстратиј, бидејќи обајцата беа од градот Аравракин. Царските намесници Лисиј и Агрикола го мачеа прво Авксентиј, како свештеник. Кога го виде невиното страдање на христијанинот, Евстратиј сам се пријави пред Лисиј и изјави дека е христијанин. За време на неговото мачење истапи пред судијата и Евгениј и возвикна: „Лисиј и јас сум христијанин!“ А на Свети Орест, кога нишанеше пред Лисиј, му испадна крстот од под облеката на градите, по што Лисиј го препозна дека е христијанин. Тогаш и самиот отворено исповедаше. Орест беше млад и прекрасен војник и во растот ги надвишуваше останатите. Авксентиј го убија со меч, Евгениј и Мардариј завршија во маки, Орест издивна сред усвитено железо, а Евстратиј во огнена печка. Пред смртта Св. Евстратиј се причести во затворот од Св. Власиј (под 11 февруари). Подоцна неговите мошти беа пренесени во Цариград и положени во црквата со името на овие Свети Петочлисленици. Во таа црква ги видувале и живи, а Св. Орест му се јави и на Св. Димитриј Ростовски (под 28 октомври). Од Св. Евстратиј остана една прекрасна песна што се чита на саботната полноќница: „Величаја величају тја, Господи!“

Тропар
Низ оган злато поминува за да се очисти, о свети Евстратие, но огнот тебе не те допре, затоа што напоен од благодатта Христова, нечистотија во срцето не најде. Со таа благодат кон сведоштво за спасение ги приведе Авксентија, Евгенија, Мардарија и Ореста, вие сега застапете се пред престолот Господов за нас, кои го празнуваме вашиот свет спомен.