Уводник Духовден Да се биде Христијанин во денешно време воопшто не е така едноставно и наивно како што можеби ќе ни се причини во припратата на црквата. Дарот на верата што ни се дава одозгора како знак на бескрајната љубов на Бог кон сето создание, е просто одговор за смислата на постоењето, фластер на раната на човештвото, повторно воспоставување врска со суштината. Потсетување на себеси. Извлекување од заборавот на инертното живеење. И најнакрај, присуство на Светиот Дух, Оној што на нашиот дух му сведочи дека сме деца Божји (Рим. 8, 16). Овој Дух се симна врз апостолите на денот на светата Педесетница, и оттогаш па наваму се слави како роденден на Црквата, педесеттиот ден по Пасхата. Ова е ден кога се исполни ветувањето на Христос – подобро е за вас Јас да си отидам, оти, ако не си отидам, Утешителот нема да дојде при вас; ако пак, заминам, ќе ви Го пратам (Јован 16, 7)... Со силата на Светиот Дух се менува лицето на сето создание: зашто поранешната земја помина и морето го нема веќе (Откр. 21, 1). Сè е поинакво, ново, различно... Црквата е нова. Црквата е премин од смрт во живот, нов начин на постоење, нов завет помеѓу Бог и човекот, знак на помирување и љубов... Дар кој останува на нас да го умножиме... уредникот
|
|||