Уводник Светлината на светот
Богородица е заедница помеѓу Бог и Човек. Раѓајќи Го Бог, го раѓа Човекот. Во светлината на Нејзината чистота се содржи тајната на љубовта заради која Бог го создал светот. Во убавината на Нејзината личност е содржана причината заради која Бог Го даде Својот Единороден Син за спасението на светот. На Богородица се чекаше илјадници години, за да дојде и да го покрие светот со тишината на Својата молитва и љубов кон Небесниот Отец. Светлина од Која се роди Светлина за да му го покаже патот на човештвото. Љубов заради љубовта и заради Оној Кој Е. Нема зборови и нема ум за да се изрази величенственоста на Онаа што стана почесна од херувимите и пославна од серафимите. Онаа што со еден двиг на срцето Му одговори на Бог: „Да, Господи, нека биде волјата Твоја!“ Затоа Нејзината душа е поширока од небесата, а нејзината пречиста утроба Светиња над светињите. Дар што светот и човештвото Му го принесуваат на Бог, како што вели божикната молитва: небото Ти принесе ѕвезда; ангелите – песна; мудреците – дарови; пастирите – радоста своја; земјата – пештера; пустината – јасли... Ние луѓето – Мајката Дева... Заради молитвите на Твојата Пресвета Мајка и Секогашдева Марија, Господи Исусе Христе, помилуј нè! уредникот
|
|||