Божествена Литургија во Нов Дојран (19.10.2025 09:01)
Денес, на празникот на светиот апостол Тома, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи Божествена Литургија во црквата „Св. великомаченик Георгиј“, во Нов Дојран. Верниот народ на Литургијата се причести со Светите Христови Тајни.
На Литургијата Владиката се обрати со следното слово:
Бог Кој ни се даде до болка и смрт – без остаток
Ви говорев, пред некое време, дека луѓето кои имаат робовски или наемнички однос кон Бог не сакаат да ја насочат и посветат целата своја енергија, целите себе – без остаток, кон Бог, оти таква е самата природа на нивниот однос. Робот дејствува од страв, а наемникот од интерес, така што дава само дел од себе, дел од својата енергија, колку да му помине стравот или колку да го оствари интересот.
Но, каков е односот што децата Божји го градат со Бог? Кога градиме личен и љубовен однос со Бог, ние во таквиот однос се вложуваме целите себеси, целата своја енергија. Притоа, во таквиот однос ние само се даваме, без ништо да бараме за себе, и на овој начин си ја чуваме и својата слобода – дури и во однос на Бог, и својата љубов кон Него, т.е. ги чуваме и ликот и подобието Божјо по кои сме создадени. Истото важи и за нашите меѓусебни односи.
Впрочем, каков друг однос е нормално да градиш со Бог, Кој целиот Себеси ти се посветува и ти се дава, целата Своја несоздадена енергија, целата Своја љубов – без остаток? И не само тоа, нашиот Бог е Бог Кој се воплоти и стана Човек – Богочовек; Кој живееше со нас и нѐ поучуваше; Кој беше осуден и распнат; и Кој пострада и умре за нас, за да нѐ спаси од гревот, смртта и ѓаволот. Тоа е Бог Кој ни се даде до болка и смрт – без остаток.
Токму на ваквиот личен и љубовен однос – на деца Божји, и кон нашите ближни, сака да нѐ потсети евангелието на денот што денес го чувме: „Туку вие љубете ги непријателите ваши и чинете добро, и на заем давајте, не очекувајќи ништо. Така, ќе биде голема наградата ваша и ќе бидете синови на Севишниот; зашто и Он е добар кон неблагодарните и лошите. И така, бидете милостиви како што е милостив вашиот Отец“ (Лука 6, 35–36).
Очигледно е дека проверка на нашиот однос кон Бог – дали е како на деца Божји, е односот кон нашите ближни – дали се однесуваме со милост кон нив, како кон наши браќа, а деца Божји. Тоа е од една страна, а од друга страна, исполнувањето на заповедите Божји – за милост кон сите, ни овозможува благодатна заедница со Бог, која пак, ни дава сила за собрано и целосно молитвено насочување на енергијата на нашиот ум кон нашето срце, кон Бог.
Користењето и на двете функции на умот – и на секундарната и на примарната, во исполнување на заповедите Божји – на љубов кон ближните и кон Бог, ни овозможува преобразување на енергијата на умот и познание на Бог. По ваквиот начин на богопознание копнее светиот Апостол Тома, а не само да ги слуша раскажувањата на другите – па макар биле Апостоли, за Христовото Воскресение. На ваков начин на богопознание сака да нѐ поттикне и евангелието на денешниот празник – од личен опит, не само да ги слушаме проповедите на епископите и презвитерите. Од слушање никој ништо не постигнал, од чинење – да.
Пресвета Богородице, спаси нас!


