Евангелие и поука на ден
 

 

Евангелие и поука за 08/11/2026

Почеток
 
 

Евангелие на празник: Свето евангелие според светиот апостол Јован 15:17-27;16:2

17. Оваа заповед ви ја давам: да се љубите еден со друг.
18. Ако светот ве мрази, знајте дека Мене светот уште пред вас Ме замрази.
19. Да бевте од овој свет, тогаш светот ќе го љубеше своето; но бидејќи не сте од светот, туку Јас ве избрав од светот – затоа светот и ве мрази.
20. Помнете ги зборовите што ви ги реков Јас: ниеден слуга не е поголем од својот господар. Ако Мене Ме гонеа, и вас ќе ве гонат; ако Моите зборови ги запазеа, и вашите ќе ги запазат.
21. Но, сето ова ќе ви го прават заради Моето име, оти не Го знаат Оној, Кој што Ме пратил.
22. Да не бев дошол и да не бев им зборувал, грев немаше да имаат. Но сега тие немаат изговор за својот грев.
23. Кој Ме мрази Мене, Го мрази и Мојот Отец.
24. Ако не бев направил меѓу нив дела, какви што никој друг не направил, грев немаше да имаат; а сега и видоа, и Ме замразија Мене, и Мојот Отец.
25. Но нека се изврши словото, напишано во нивниот Закон, дека Ме замразија без вина.
26. А кога ќе дојде Утешителот, Кого што ќе ви Го испратам Јас од Отецот, Духот на вистината, Кој излегува од Отецот, Он ќе сведочи за Мене;
27. а и вие ќе сведочите, бидејќи од почетокот сте со Мене.
2. Ќе ве истеруваат од синагогите. Но ќе настапи и време, кога секој, што ќе ве убие, ќе мисли дека на Бога Му принесува служба.

Евангелие на денот: Свето евангелие според светиот апостол Лука 8:26-39

26. И пристигна во Гадаринскиот крај, спроти Галилеја.
27. А кога излезе Он на суво, Го сретна еден човек од градот, кој имаше бесови од многу години, и не облекуваше алишта, и не живееше дома, туку по гробовите.
28. Кога Го виде Исуса, извика и падна пред Него, и гласно рече: „Што имаш со мене, Ти, Исусе, Сине на Севишниот Бог? Ти се молам, не мачи ме!”
29. Зашто Исус му беше заповедал на нечистиот дух да излезе од човекот; оти долго време го мачеше, и беше во окови, и со вериги го врзуваа, чувајќи го; но тој ги раскинуваше оковите и бесот го тераше да оди во пусти места.
30. А Исус го праша, велејќи: „Како ти е името?” Тој одговори: „Легион”, зашто многу бесови беа влегле во него.
31. И Го молеа Исуса да не им наредува да одат во бездната.
32. А таму, по ридот, пасеа многу свињи; па Го молеа да им позволи да влезат во нив. И им позволи.
33. И откако излегоа бесовите од човекот, влегоа во свињите; и се гргнаа свињите низ стрмнината и се издавија во езерото.
34. Свињарите, кога видоа што се случи, избегаа и раскажаа по градот и околината.
35. И излегоа да видат што станало; па кога дојдоа кај Исуса, го најдоа човекот, од кого беа излегле нечистите духови, како седи пред нозете Исусови, облечен и со здрав разум; и се уплашија.
36. А оние, што беа виделе, им кажаа како се исцели бесниот човек.
37. И сиот народ од Гадаринскиот крај Го молеше да си отиде од нив; зашто се беа уплашиле многу. И Он влезе во коработ и се врати.
38. Човекот, пак, од кого беа излегле демоните, Го замоли да биде со Него; но Исус го отпушти, велејќи:
39. Врати се во домот свој и раскажувај што ти направи Бог! Тој си отиде и расправаше по целиот град, што му направи Исус.

Апостол на празник: Второ послание на светиот апостол Павле до Тимотеј 2:1-10

1. Чедо мое, потсилувај се во благодатта, што ти е дадена од Христа Исуса,
2. и сe, што си чул од мене пред многу сведоци, предај го на верни луѓе, ки се способни и други да научат.
3. Па така, поднесувај страдања како добар војник на Исуса Христа.
4. Оти ниеден војник не се вплетува во светски работи, за да му угоди на својот началник.
5. А ако, пак, некој војува, сепак венец не добива, бидејќи не се борел според правилата.
6. Земјоделецот што се труди, прв треба да вкуси од плодот.
7. Разбери што ти зборувам; а Господ нека ти даде разум во сe!
8. Помни Го Господа Исуса Христа од родот Давидов, Кој воскресна од мртвите, онака како што ви проповедав,
9. поради кое страдам, дури до окови, како злочинец. Но словото Божјо не се врзува.
10. Затоа сe трпам заради избраните, та и тие да добијат спасение во Христа Исуса со вечна слава.

Апостол на денот: Послание на светиот апостол Павле до Ефесјаните 2:4-10

4. но Бог, богат со милост, поради големата Си љубов, со која нe засака,
5. иако бевме мртви поради гревовите наши, нe оживе со Христа
6. и нe воскресна со Него и постави на небесата во Христа Исуса,
7. за да им го покаже на идните векови преизобилното богатство на Својата благодат во добрина кон нас преку Христа Исуса,
8. зашто по благодат сте спасени преку верата; и тоа не е од вас – Божји дар е;
9. не е од дела, да не би некој да се пофали.
10. Оти ние сме Негова творба, создадени во Христа Исуса за добри дела, што Бог ги предодредил уште од порано да ги вршиме.

Поука на денот: Свети Игнатиј Брјанчанинов

Ако не умреме за светот, не можеме да стекнеме плач и солзи. Нив ги стекнуваме во онаа мера во која умираме за светот. Трудот при самиот плач и излевањето на солзите се состои во присилувањето на плач, во великодушното поднесување на сушата и бездождието, од кои е оптоварен понекогаш блажениот подвиг, но после кои трпеливиот подвижник секогаш се наградува со обилен излив на солзи. Како што земјата која долго чека да биде оросена, конечно добива изобилство дожд и наеднаш се прекрива со нежно бујно зеленило, така и срцето истоштено од духовна суша, а потоа оживеано од солзи, шири од себе мноштво духовни мисли и чувства, украсени со заедничкиот цвет на смирението. Подвигот на плачот, бидејќи неразделен од подвигот на молитва, ги бара истите оние услови на успех кои се потребни и за молитвата. На молитвата и треба трпелив, постојан престој во неа. Истото тоа му треба и на плачот.