Романската Православна Црква ја поздрави одлуката на Владата да не се гради ’Паркот на Дракула’
 
 
 
 
 

Романската Православна Црква ја поздрави одлуката на Владата да не се гради ’Паркот на Дракула’ (08.04.2006)

На крајот од минатиот месец романскиот премиер Калин Попеску – Таричану изјави дека Владата на Романија го раскинува порано потпишаниот договор со  компанијата ’Дракула Incorporated’, која требаше во Снагов, предградие на Букурешт, да ја изведе изградбата на паркот за забава со име на озлогласениот гроф. Проектот предвидуваше територијата на паркот да зафаќа цели 460 хектари.

 

Романската Православна Црква ја поздрави одлуката на Владата на Романија со која конечно се напушта идејата за изградба на овој комплекс во непосредната близина на Букурешт. Проектот за изградба на забавниот парк кој требаше да профитира од историјата на легендарниот вампир, беше попречуван и запоставуван веќе пет години наназад, а сега е и наполно напуштен.

 

„Од самиот почеток нашата Црква беше против овој проект, и сега е сосема природно дека ние се откажуваме од него“, изјави во врска со одлуката на државата прес-секретарот на Синодот на Романската Црква, Константин Стоица. „Иако со Црквата никој не се консултираше, ние постојано изјавувавме дека митот за Дракула нема ништо заедничко со романската историја. Ваков став поддржуваат и многумина научници.“

 

Како причина за раскинувањето на договорот романската Влада ги наведува „несогласувањата и одолговлечувањата“ коишто во меѓувреме се појавиле во неговото исполнување.

 

Според легендата, во Снагов бил погребан Влад Цепеш, војвода во Валахија во 15 век. За него е познато дека при одбраната на својата земја Влад бил многу суров кон своите непријатели и велможите што се бунтувале. Се смета дека кон крајот на 19 век токму тој го вдахновил ирскиот писател Брем Стокер да го создаде ликот на грофот–крвопиец Дракула.

 

                    

 

’Паркот на Дракула’ требаше да привлекува до еден милион туристи годишно, и да отвори три илјади работни места. Според почетната идеја било планирано комплексот да го изградат во Трансилванија, недалеку од местото на раѓањето на Влад Цепеш, но „под притисок на народот“ Владата решила да го пренесе местото на градбата.

 

                    

 

извор: www.pravoslavie.ru/ www.patriarhia.ru