Вавилис подготвен да открие имиња
 
 
 
 
 

Вавилис подготвен да открие имиња (08.04.2006)

Од Италија во неговата татковина е екстрадиран Апостолос Вавилис, чие име освен со меѓународниот шверц со дрога се поврзува и со недооткриените афери што минатата година ја потресоа Грција, посочувајќи на вмешаност на личности од полицискиот, политичкиот и црковниот врв во земјата.

Денес атинскиот суд ја потврди седумгодишната казна што во 1994 г. за истиот престап (пренесување количество од 1, 8 килограми хероин од Италија во Грција) на Вавилис му ја изрече судот во Венеција.

Во изјавата пред атинскиот суд Вавилис, којшто вели дека делото го извршил за „да им помогне на властите“ и кој себеси се смета за невин, изразил подготвеност да ги открие деталите за улогата што ја одиграл во изборот на расчинетиот ерусалимски патријарх Иринеј во 2001 година по налог на Атинскиот архиепископ Христодул. Тој ветил дека ќе ги открие имињата на високите личности со кои притоа соработувал доколку тоа не се смета за предавство кон татковината.

Апостолос Вавилис изјавил дека дека преку него се обидуваат да го срушат Атинскиот архиепископ Христодул, кому му изразил лојалност, велејќи: „Јас сѐ уште го сакам Христодул како порано“. Од своја страна поглаварот на Грчката Црква одрекува дека во 2001 година го испратил Вавилис во Ерусалим со задача да влијае врз текот на патријаршиските избори. Сепак архиепископот Христодул признава дека издал писма на препораки за Вавилис пред и после неговата осуда за шверц со дрога.

Постојат обвиненија и дека Апостолос Вавилис одиграл клучна улога во случај со местење на судски процес, како и во случај во којшто бил вмешан расчинетиот Ерусалимски Патријарх Иринеј.

 

Информацијата е преземена од грчкиот дневен весник „Катимерини“: http://www.ekathimerini.com/4dcgi/_w_articles_politics_100010_08/04/2006_68413