Ерусалим
 
 
 
 
 

Ерусалим (14.04.2006)

Мината година, во периодот непосредно пред и во текот на велигденските празници израелската полиција ги контролираше реакциите на Палестинците предизвикани со наводните зделки на тогашниот Патријарх Иринеј за издавање на грчки православни имоти на еврејски инвеститори во Ерусалимскиот Стар град. Оваа година предвечерието на православниот Велигден, пред свеченоста на 22 април, има елементи за уште поголема драма. Скандалот со земјиштето ги подели православните Грци.

 

Православните епископи минатиот мај го симнаа од престолот на Ерусалимската Патријаршија дотогашниот патријарх Иринеј, после извештаите што го товареа за незаконски зделки на издавање под наем на неколку главни зданија во близина на портата Јафа. Мнозинството од христијанската паства на Патријаршијата, кое е палестинско, го осуди патријархот како приврзаник на обидите за раслабување на арапското присуство во источен Ерусалим.

 

Иринеј од своја страна не замина тивко. Тој одби да го признае неговото официјално расчинување и сѐ уште возглавува група на лојални клирици.

 

Државата Израел не му даде формална поддршка на новиот патријарх Теофил Трети, кој не ги одобрува издавањата на патријаршиски имот под наем на еврејски закупци.

По традиција, на грчкиот Патријарх во Ерусалим му е потребно уште и одобрение од трета страна – од Јордан и од Палестинците - коишто застанаа на страна на Теофил. Патријаршискиот спор сега се наоѓа пред израелскиот Врховен суд.

 

Во меѓувреме во Грција инспекторите истражуваат подлабоко околу можна шпионска афера чиј дел претставува и изборот на Иринеј за патријарх во 2001 година. Истрагата е фокусирана на тоа дали осудениот шверцер на дрога Апостолос Вавилис бил испратен во тајна мисија да лобира за Иринеј како за кандидат што го протежирале грчките функционери и свештенството од тоа време. Вавилис – кој меѓу своите многубројни имиња досега се користел и со името ’Апостолос Павлос’ - на 6 април оваа година беше екстрадиран од Италија во Грција за да се соочи со обвиненија меѓу кои спаѓа и „откривање на државни тајни“ на странски агенти. Тој се врати во Грција облечен во мантија на православен свештеник, иако не е ракоположен.

 

Функционерот којшто наводно ги договорил зделките, Никос Пападимас, финансиски службеник на Патријаршијата под Иринеј, сѐ уште е во бегство. Можно е Иринеј да се обиде директно да го оспорува достоинството на Патријархот Теофил за време на свеченоста на Светиот Оган во црквата на Светиот Гроб во Ерусалим. Но, тоа би предизвикало скоро непоправлив расцеп во Црквата.

 

Поверојатно е дека ќе има бучни јавни препирки меѓу противничките групи за време на прославата. Израелското обезбедување, заради пресметките, минатата година беше зајакнато.

 

Архиепископот Аристарх, задолжен за обезбедувањето на Патријаршијата, изјави дека кружат гласови дека поранешниот патријарх Иринеј би можел да се појави на свеченоста, но дека „нема шанси да настапи таму како патријарх“.

 

„Само Теофил Трети ќе дојде на свеченоста во својство на патријарх“, рече Аристарх. „Се надевам и посакувам да нема никакви непријатни епизоди“.

 

извор: грчкиот дневен весник „Екатимерини