Извршен напад со оружје на верниците во три коптски цркви во Египет (14.04.2006)
Денес, за време на богослужење, најмалку еден човек е загинат и дванаесетмина се ранети во напади извршени од луѓе вооружени со нож врз верниците на три цркви во Египет. Според соопштението на полицијата нападите се извршени истовремено во три коптски цркви во Александрија. Претходно немало никакви најави дека се на повидок нереди, и верниците дошле на богослужење. Како реакција на нападите стотина христијани се собраа околу храмовите во знак на протест против насилството. Како што пренесува Associated Press во близината на еден храм дошло до судир меѓу жителите на муслиманскиот и на христијанскиот кварт во Александрија. Христијаните Копти се околу 10% од населението на Египет, што претставува бројка од околу 7 милиони жители. Тие го празнуваат Велигден следната недела, истовремено со православните. Главно, муслиманите и христијаните имаат мирен соживот. Иако одвреме навреме во земјата избиваат инциденти на насилства на религиозна основа.