Трета Конференција на Друштвото „Пријатели на Света Гора“ во Madingley Hall
 
 
 
 
 

Трета Конференција на Друштвото „Пријатели на Света Гора“ во Madingley Hall (11.02.2007)

Овој викенд во Madingley Hall, во близина на Кембриџ се одржа третата годишна конференција на друштвото „Пријатели на Света Гора“, чиј претседател е Епископот Диоклејски Калист Вер. Оваа, како и претходните две конференции се состојат од серија предавања поврзани со улогата и значењето на Света Гора, нејзиното минато и сегашност. Во состав на програмата се предвидени и редовните богослужби, вклучувајки ја неделната Литургија. Тема на годинашната конференција е׃ „Света Гора: Изминатите и Следните 50 Години“. Учесниците беа поздравени од Епископот Калист, кој воедно и ја започна конференцијата со предавањето насловено „Опаѓање и Обнова: Закани и Надежи“. Ке се обидеме накратко да ја пренесеме содржината на ова во секој поглед многу интересно излагање.

 

Своето излагање Владиката го започна со опис на едно бдение отслужено на празникот на Рождеството на Богородица во Големата Лавра, на кое тој присуствувал во текот на неговата прва посета на Света Гора:  во 1961 година бев на едно сеноќно бдение на кое присуствуаа околу 80-ина монаси и 40-ина лаици, монасите беа речиси без исклучок белобради, квалитетот на пеењето прилично варираше... за време на службите што ѝ претходат на Литургијата сослужуваа осуммина свештеници и четири ѓакони, но кога дојде време за Литургијата, од сето мноштво свештеници остана само еден, а ниту еден ѓакон. Се запрашав: нели Литургијата треба да е централниот настан во бдението? Но тоа што особено ме зачуди е што кога дојде време за причестување на верните, ниту еден човек не пристапи и не се причести.

 

Денес на Атос е речиси невозможно прославата на еден празник да се случи на овој начин. Денес монасите се претежно со црни бради, пеењето е многу подобро, и причесници има многу.

 

Однадвор гледано, во 1961 година Атос беше во фаза на опаѓање. Во 1893 год. бројот на монасите на Атос изнесувал 7432; во 1913 овој број паднал на 6345 заради големиот број на руски монаси што биле приморани да ја напуштат Света Гора;  во 1943 бројот на монаси значително се намалил и тоа на 2879; во 1959 на Атос имало 1641 монаси а во 1971 год. нивниот број изнесувал 1145. Во период од 12 години е забележано опаѓање на бројот на монаси за 40-50 годишно, а меѓу постојаните жители на Атос немало помлади од 40 години. На пример манастирот Симонопетра во 70-те немал ниту еден нов член на братството за период од 30 години наназад. Во Филотеј пак од вкупно 17 монаси, во 1973 остануваат само 9...

 

Во контекст на генералното опаѓање на животот на Света Гора минатиот век, Владиката ни прочита извадок од книгата „Црните Ангели на Атос“ (1934) од американскиот социолог Michael Choukas, во која авторот „пророкува“ катастрофален крај на православното монаштво велејќи дека тоа е на прагот на своето изумирање и чија следна генерација е предодредена да биде последниот неуспех на православното монаштво. Но, како што рече Владиката: Смели зборови кои уште посмело беа докажани за погрешни! Тој продолжи со опишувањето на најактивниот живот на Света Гора кој се одвивал токму во пустината-скитовите но и во манастирот Дионисијат каде тогаш живеел еден од најголемите светилници на православието на минатиот век, игуменот Гаврил. Владиката го издвои и Јосиф Исихастот од Нов Скит кој починал само три години пред неговата прва посета на Атос. При неговата посета на Света Гора во 1971 тој се среќава и со Старец Паисиј кој живеел близу манастирот Ставроникита. Како што забележа Владиката Калистос, Света Гора впрочем никогаш и не престанала да раѓа исклучителни духовни водачи. Во 1972 година, за првпат по 58 години бројот на светогорските монаси е во пораст и тоа за еден. Од тогаш нивниот број непрестајно се зголемува со просечен пораст од 61 монаси годишно. Како пионери на духовната обнова на животот на Света Гора кои при крајот на 70-те и почетокот на 80-те стануваат игумени, Владиката ги издвои Отец Василиј од Ставроникита - првиот манастир каде што се возобнови духовниот живот, Старец Ефрем Филотејски, Старец Емилијан Симонопетриски, Отец Георгиј Григоријатски.

 

Меѓу позначајните промени што го пропратија возобновувањето на светогорското монаштво, Епископот Диоклејски ја наведе културолошката разлика на новите и старите монаси. Додека старите монаси потекнуваа од претежно рурална средина и во манастир доаѓаа на прилично рана возраст од 15-16 год, новите монаси се најчесто интелектуалци кои доаѓаат од урбана средина и на позрела возраст. Друга многу значајна промена за Владиката Калист е отвореноста на манастирите да примаат монаси кои не биле пораснати во Православната Црква – нешто што во 1961 не било дури ни опција. Владиката си приспомнува дека при неговата прва посета на Атос како лаик неодамна крстен во Православната Црква, можноста да остане во некој од светогорските манастири не била предложена како реална ниту од монасите а ниту од него самиот.

 

Други промени на подобро биле забележани во начинот и квалитетот на исхраната, во квалитетот на пеењето, во обновувањето на категоријата на духовно раководство, во креативното творење, како и во престанокот на идиоритмичката пракса.

 

Каква е природата на ова возобновување, на оваа пролет во Градината на Богородица? Одговарајќи на ова прашање, Владиката многу интересно го спореди начинот на кој се случи возобновувањето на светогорското монаштво и преродбата што ја доживеа Римокатолицизмот по Вториот Ватикански Концил. Тој рече: Обновувањето на Света Гора не се случи после серија состаноци на разни комитети, дискусии и дебати за изнаоѓање решенија за враќањето на животот во манастирите, туку едноставно тоа беше обид да се живее Преданието на Православната Црква...

 

Според Епископот Диоклејски, еден од најважните аспекти на ова возобновување е враќањето на практиката за често причестување. Илустрирајќи ја практиката на светогорците што ја затекнал при својата прва посета на Света Гора, Владиката кажа дека тогаш монасите се причестувале само 10 пати годишно, односно еднаш во 40 дена, додека денес монасите се причестуваат 2-3 пати неделно. Тој ја подвлече важноста на честото причестување и рече дека тоа во ниту еден случај не е „новина“, наведувајќи го како доказ движењето на Коливарите од 18 век, предводено од Св. Никодим Светогорец, чија цел била возобновувањето на практиката на често причестување, по можност и секој ден.

 

Кои беа причините за возобновувањето на светогорското монаштво?

 

а) забрзаната секуларизација на животот во Грција;

б) опаѓањето на верските движења, особено на братството „Зои“, кое со својата моралистичка и побожна програма претставуваше пристаниште за луѓето од Грција кои сакаа да водат духовен живот;

в) развитокот на туризмот, кој го направи речиси невозможен животот на монашките заедници низ Грција, особено на Метеори;

г) присуството на исклучителни личности - духовни отци на Света Гора

 

Но како што рече Владиката, позитивната причина е безброј пати позначајна од сите негативни фактори на едно место.

 

Откако накратко го објасни и илустрира обновувањето на животот на Света Гора, Владиката премина кон разгледување на евентуалните недостатоци и закани на автентичноста на светогорското монашко постоење: сепак, дали можеме да речеме дека сè е во ред? Постојат ли причини за загриженост?Некои велат дека Света Гора ја губи детската едноставност на несомнената вера. Јас сепак не би се сложил. Сметам дека сè уште постојат едноставни монаси со силна вера. Фактот што денес монасите доаѓаат од поинаква средина  од таа пред еден век не ја оспорува автентичноста на нивниот живот како монаси. Друга грижа која за мене е многу позначајна е ставот кој го заземаат светогорските монаси по прашањето за заедништвото на Христијаните. Во 70-те посетителите кои доагаа од западните неправославни земји беа примани на заедничка трпеза. Си спомнувам при мојата прва посета на Атос запознав еден Евреин кој беше многу добро примен во сите манастири. Денес ова не е случај. Многу посетители кои доаѓаат од Запад со добра волја, ја напуштаат Света Гора длабоко огорчени. Дали е неопходен ваквиот третман на неправославните гости? Ова секако е тема за понатамошна  расправа.

 

Многу сум загрижен и за ставот на Света Гора кон дијалогот што Православната Црква го води со Римокатолиците и Коптите, особено на еден отец каков што е о.Георгиј Григоријатски. Јас сум член на одборот задолжен за овој дијалог и можам да ве уверам дека ние сме доследни до крај на Православната Вера и Предание.

 

Постојат и други причини за загриженост, особено за влијанието на модерната технологија врз тишината и исихијата на Света Гора. Постојаната бука на камиони, моторни пили, мобилни телефони и слично е звук што ја нарушуваа таа надалеку позната светогорска тишина.Овие нешта лично ми причинуваат тага. Можеме ли одговорно да се користиме со технолошките достигнувања а притоа да не ја изгубиме молитвената исихија?

 

Со ова Епископот Диоклејски Калист го заврши своето излагање, после што во присуство на сите учесници заеднички се прочитаа вечерните молитви.

 

известува: Марија Стефановска