Грчката Црква не ја исклучува можноста за опело при изјавена желба за кремирање
 
 
 
 
 

Грчката Црква не ја исклучува можноста за опело при изјавена желба за кремирање (13.02.2007)

Прашањето за односот на Црквата кон кремацијата одново стана актуелно во Грција, по решението на Грчкиот парламент да го дозволи кремирањето, кое до сега беше забрането во Република Грција. Градските власти на Атина веќе презедоа чекори кон изградба на првиот крематориум во Грција. Во поранешните дебати по тоа прашање, кои траеја повеќе од една деценија, Црквата многупати ја изразуваше својата позиција во заштита на традиционалниот погреб наспроти кремирањето, дефинирано како нехристијански религиозен поглед на светот. Но, сега, кога одлуката на Грчката Влада стана факт, Црквата е исправена пред една нова реалност, на која треба да реагира „со пастирско чувство на одговорност и љубов кон судбината на оние православни што ќе го изберат кремирањето после својата смрт“. Овие денови претстои разгледување на прашањето на Светиот Синод на Грчката Православна Црква, кој ќе излезе со официјален став.

Претставници на Светиот Синод веќе изјавија дека „само по себе се подразбира дека Црквата нема никакви права да се изјаснува по прашања што го засегаат изборот на инославни граѓани или иноверци“. Истовремено „Светиот Синод ќе донесува одлуки, после внимателно проучување на сите аспекти на прашањето, каква да биде пастирската реакција, заснована на длабока љубов и разбирање, во случаите кога православни верници ќе настојуваат да ја изберат кремацијата наместо погребот“.

Претставник на Светиот Синод, митрополитот на Александруполис г. Антим, во врска со прашањето дали проблемот ќе се решава на седница на Синодот во полн состав или во состав на постојаниот Синод, изјави: „Тоа ќе биде разгледано на следната седница на проширениот Синод, која ќе се одржи во месец октомври, освен ако околностите не наложат свикување на вонредна седница.“

Известува: http://newsportal.rnn.gr/?c=176&a=2095