Интервју со Митрополитот Пергамски Јован
 
 
 
 
 

Интервју со Митрополитот Пергамски Јован (20.04.2007)

По повод 80-от роденден на папата Бенедикт ХVІ, Митрополитот Јован Пергамски (Зизиулас) беше во Рим, за да пренесе поздрави од Вселенскиот патријарх Вартоломеј. После средбата со папата, Митрополитот Јован одговори на прашања на италијанскиот весник „Ла Република“ од 16 април 2007 год.


Ваше Високопреосвештенство, која е пораката што ја пренесовте на Ватикан?

Патријархот го поканува папата во Равена на отворање на заседание за дијалог меѓу католиците и православните, коешто ќе се одржи од 7 до 15 октомври.

Ова е невообичаен настан. Дали ова ќе биде нов поттик за подобрување на дијалогот?

Оваа средба, во Равена, е важна. Исто како и во Белград ланската есен, кога после долгото прекинување ја обновивме средбата, на која присуствуваа сите Православни Цркви и Католичката црква. Ние имаме иста вера и исто предание. Главниот проблем којшто треба да го решиме е приматот на Римскиот епископ, т.е. улогата на папата.

Ова беше идеја на Јован Павле ІІ. До каде можат да одат православните?

За некои проблемот е нерешлив. Јас, сепак, сметам дека можеме да најдеме решение. Потребно е добро да се дефинира местото на Римскиот епископ во структурата на вселенската Црква. Православните се спремни да ја прифатат идејата за еден вселенски примат и според каноните на древната Црква, епископoт на Рим е “primus”.

Тогаш каде е проблемот?

Несогласувањето се пројавува по повод еден основен проблем: може ли епископот на Рим да се меша во животот на помесните Цркви?

Ова е прашање на јурисдикција. Каков одговор ќе дадете вие?

Не може да има мешање без заедничка одлука, донесена заедно со другите епископи. На крајот, Римскиот епископ секогаш треба да дејствува заедно со соборот.

Дали е папата апсолутно независен или треба да биде во хармонија со едно епископско тело?

Тој е вселенски примат кој секогаш треба да дејствува во заедница со соборот.

На средбата во Белград минатата година имаше проблеми со Руската Православна Црква...

Се плашам дека Москвa не е расположена да ја прифати идејата за вселенското првенство на Римскиот епископ. Иако Москва не го признава ни вселенското првенство на Константинополскиот патријарх. За нив таквото првенство нема никаква смисла. Но во Белград сите останати Православни Цркви гласаа дека Константинополската катедра го изразува единството на православните. 

Извор: Orthodoxie.org

 

P.S.

Ставот на Митрополитот Пергамски Јован (Зизиулас) дека со Римо-католичката црква имаме иста вера и исто предание е неприфатлив за сите Православни Цркви. Исто така, неприфатливо е за сите Православни Цркви да се прави компромис со било каква манифестација на приматот на папата во животот на која било помесна Православна Црква.

 

од редакцијата на официјалниот web site на

Македонската Православна Црква

www.mpc.org.mk