Претстои посета на Кипарскиот архиепископ на Рим (14.06.2007)
На 16 јуни 2007 година папата Бенедикт XVI ќе го прими на аудиенција во Ватикан архиепископот на Кипар Хризостом II. Намерата на Кипарскиот поглавар е да посредува во реализирањето на средба меѓу Папата и Рускиот патријарх Алексиј II.
Во интервју за италијанскиот неделник „L’Espresso“, Архиепископот, кој по ова ќе ја посети и Москва, уверува дека ќе стори сѐ што може да се сретнат двајцата верски лидери. Тој исто така има намера да разговара и за влезот на Турција во Европскиот сојуз.
На прашањето дали ќе посредува за средба меѓу Папата и Московскиот патријарх, Архиепископот одговара дека сака да помогне „да се подобрат односите меѓу двете Цркви, бидејќи ние сме чеда на Едниот Отец“. „Ќе се радувам ако тој го прифати предлогот“, додава Кипарскиот архиепископ. „Јасно е дека таква средба не се организира за 24 часа“, признава г. Хризостом II и додава дека е „подготвен да ја предложи својата соработка“. „За да биде успешен, настанот треба да се подготви“ и „јас ќе сторам сѐ што е можно за тие да се сретнат“.
„Јас сум еден од неговите добри пријатели“, вели тој за патријархот Алексиј и додава: „Сметам дека ни за него нема проблем“. „Ако ни се намерите добри, пречките се надминуваат“.
„Не само што е време“ да се сретнат, смета Архиепископот, „туку е дури и доцна“. Според него, средбата е можна бидејќи од една страна е „Папата, кој во длабочина го познава грчкото богословие“, и од друга „Патријархот, кој е отворен за екуменистички дијалог“.
Извор: Infocatho