Во Романската Црква е прославен нов Светител
 
 
 
 
 

Во Романската Црква е прославен нов Светител (09.09.2007)

На 29 август, во манастирот Секу (Њамц, источна Романија), архиереите на Романската Православна Црква, возглавени од Митрополитот молдавски и буковински Даниил, отслужија служба на која беше канонизиран Митрополитот молдавски Варлаам. На церемонијата присуствуваа околу 6000 верници, членовите на Светиот Синод на Романската Православна Црква, како и претставници на повеќе државни организации. На митрополитот Даниил му сослужуваа митрополитите Теофан Олтенски, Лаврентиј Трансилваниски, Петар Бесарабиски, Јосиф Централно-европски и други архиереи од Романската Православна Црква. На церемонијата исто така присуствуваше и претставник на Цариградскиот патријарх Вартоломеј, Митрополитот шпански и португалски Поликарп.

Варлаам, во светот Василиј, е роден околу 1585 година во областа Вранча, источна Романија, во православно селско семејство. Во 1608 година бил избран за игумен на манастирот Секу, а на 23 септември 1632 година за Митрополит молдавски. Управувал со катедрата за време на кнезот Василиј Лупу (1634-1653). Во 1639 година бил еден од кандидатите за Цариградскиот патријаршиски престол. Во 1642 година учестувал на соборот во Јаши, а во 1644-45 година го свикал соборот на молдавските и влашките архиереи на кој бил усвоен „Одговор на Калвиновата катехеза“. Последните години од својот живот, од април 1653 година, ги поминал во манастирот Секу. Се упокоил кон крајот на 1657 година. Митрополитот Варлаам имал значаен удел во развојот на романскиот литературен јазик. Во манастирот на Тројцата Светители во Јаши тој ја основал првата молдовска типографија во која биле отпечатени голем број богословски книги. Се грижел за црквите и за манастирите основани од кнезот Василиј Лупу.

Извор: Благовестинфо.ру