Изјава на Светиот Синод на Молдaвската Православна Црква во врска со одлуката на Романската Патријаршија да формира три епархии на територијата на Република Молдавија
 
 
 
 
 

Изјава на Светиот Синод на Молдaвската Православна Црква во врска со одлуката на Романската Патријаршија да формира три епархии на територијата на Република Молдавија (02.11.2007)

На 29 октомври во резиденцијата на Кишиневско-молдавската митрополија се одржа седница на Синодот на Молдавската Православна Црква. Главна тема на седницата на Синодот на Молдавската Православна Црква беше неодамнешната одлука на Светиот Синод на Романската Православна Црква од 24 октомври за формирање на три епископски катедри на територијата на Република Молдавија. На крајот од седницата е донесена и заеднички потпишана декларација упатена до Неговото Блаженство, Романскиот патријарх Даниел.

„На 30 септември 2007 година ние станавме сведоци на востоличувањето на шестиот по ред Патријарх на Романската Православна Црква коешто се случи во историската престолнина на Романија, Букурешт. Тоа беше духовен, литургиски и канонски настан којшто имаше огромно значење не само за романското Православие туку и за Православието во светот. Навистина ова историско случување нѐ принудува да се запрашаме како е најдобро со умот и со срцето да се разбере тајнодејствието на Светиот Дух Којшто е насекаде и сѐ исполнува.

За Православната Црква востоличувањето на било кој епископ, дотолку повеќе на Поглавар на епископите, е празник на обновување на целата Црква. Православната Црква во Молдавија, посебно се надеваше и се надева, дека како резултат на востоличувањето на новиот Патријарх соработката помеѓу двете Цркви ќе биде уште поблиска, за да се исцели постоечкиот црковен конфликт на територијата на Република Молдавија.

Ваше Блаженство, Вие во својот говор оптимистички подвлековте дека се надевате на продолжување на дијалогот, на соработка и взаемно почитување во однос на другите Цркви, издвојувајќи посебно внимание кон зачувување на православната вера и сите традиционални богатства на Православието. На таков начин, изразувајќи благодарност на сите коишто усрдно се грижат Православната Црква да не ја загуби својата православна идентичност, своето духовно наследство, кога општи со други христијански Цркви, додадовте дека имате желба и обврска да останете цврсти и непоколебливи во единството на православната вера. Во исто време сметајќи дека љубовта кон Православието не треба да се изразува само во одбрамбени дејствија и во преувеличан страв туку во конкретни пастирски и мисионерски примери.

Но, наспроти нашите очекувања, од 22-24 октомври 2007, на работната седница на Светиот Синод на Романската Православна Црква, под Вашето раководство беа оформени три нови епархии на Романската Патријаршија на канонската територија на многунационалната Црква – Православната Црква на Молдавија:

-          Белцка епархија (поранешна Хотинска) со центар во Белц;

-          Јужно-Бесарабска (поранешна Белгород-Днестровска и Измаилска), со центар во градот Кантемир

-          Дубосарска епархија и на цело Приднестровје (поранешна Романска православна мисија во Приднестровјето), со центар во Дубосар.

Ние, членовите на Светиот Синод на Православната Црква на Молдавија што се собравме на вонредна седница, во присуство на викарните епископи, коишто беа посебно поканети заради тоа што е нарушено нивно територијално-канонско право, го оценуваме ова дело на Романската Патријаршија како директно и агресивно мешање во канонската територија на друга црковна структура. Ние го примаме овој чекор како удар, нанесен на Православието, коешто е едно и нерзаделно, обединето во една вера и едно канонско право. Отсекогаш црковните канони одредуваа еден епископ да биде во една епархија, а назначување на втор нов епископ претпоставува дуплирање на црковното раководство.

Во исто време, провокативните дејствија на Романската Патријаршија можат да доведат до нарушување на стабилноста на двете држави вовлечени во овој религиозен конфликт.

Исто така, ние не сакаме да веруваме дека тоа што се случи ќе влијае на дијалогот меѓу комисиите на двете Патријаршии коишто имаат намера да почнат со својата работа во ноември оваа година.

Ја молиме Романската Патријаршија да се откаже од назначување на епархиските епископи за ново-оформените епархии, за да се сочува мирот и да се избегне спротивставувањата меѓу верниците и клирот, не само на територијално ниво туку и на републичко.“

На крајот од декларацијата потпишани се членовите на Синодот на Молдавската Православна Црква.

Извор: Патриархиа.ру