„Равенскиот инцидент“ е инсцениран со цел Московската Патријаршија да се постави на свршен чин пред новиот модел на црковно устројство
 
 
 
 
 

„Равенскиот инцидент“ е инсцениран со цел Московската Патријаршија да се постави на свршен чин пред новиот модел на црковно устројство (28.11.2007)

Конфликтот помеѓу Московската и Цариградската патријаршија кој се појави во текот на последното заседание на Мешаната православно-католичка богословска комисија, продолжува да се развива, без оглед на тоа што од моментот на октомвриската средба на членовите на Комсијата во Равена помина повеќе од еден месец.  

Делегацијата на Московската патријаршија го напушти едното од првите заседанија на Комисијата, несогласувајќи се со учеството во неа на претставниците на т.н. „Естонска апостолска Црква“, која во 1996 година e основана од Цариградската патријаршија на канонска територија на Руската Црква. На крајот, учесниците на заседанието во отсуство на преставниците на Руската Црква го прифатија заклучниот документ, со кој се дефинира нивното заедничко гледиште на природата на власта во Универзалната Црква. Изјавите кои следеа од страна на Московската Патријаршија за тоа како без потпис на најголемaтa Помеснa Црквa равенскиот документ не може да се смета за легитимен, членовите на Комисијата ги отфрлија, како православните така и католичките.

Предводникот на делегацијата на Московската патријаршија во Равена, претставник на Руската Православна Црква во меѓународните организации, Епископот бечки и австриски Иларион, во интервјуто за „Интерфакс-религија“ ја даде својата оцена, како за спорните точки на равенскиот документ, така и за целиот тек на полемиката која се разви околу тоа во последниов месец.

 

Владико, овие денови италијанскиот весник „Република“ го објави деталниот коментар на „тајното“, по нејзините зборови, заклучно октомвриско заседание на Мешаната православно-католичка комисија во Равена. Во написот се тврди дека 46-те точки можат да станат „патна карта“ за надминување на православно-католичките проблеми. Како би ги прокоментирале вие основните тези на документот, со оглед на тоа дека потписот на Москоавската патријаршија на него сѐуште го нема?

 

Равенскиот документ не е „таен“. Во крајна линија, јас го добив од Секретаријатот на Мешаната комисија за православно-католички дијалог пред три недели и, со оглед дека ознаката „ембарго“ на него ја немаше, го вклучив во 130 број на електронскиот часопис „Europaica“, на кој се претплатени повеќе од 7000 корисници. Со текстот можете да се запознаете на сајтот на бриселското претставништво на Руската Православна Црква.  

            Документот е посветен на „еклисиолошките и канонските последици на светотаинската природа на Црквата“. Еден од неговите делови се однесува и на поимот „соборност“. Како што е познато, соборноста е термин кој го вовеле руските философи – славјанофили во 19 век. Овој поим имал клучно значење во еклисиологијата на Алексеј Хомјаков. На јазикот на славјанофилите терминот „соборност“ нема јурисдикциско значење, и не се однесува толку на црковната управа, колку на Црквата како таква, на нејзиниот внатрешен карактер.

            Еве како поимањето на Хомјаков за соборноста го толкува Николај Берѓаев: „За него (А. Хомјаков – „ИФ“) субјектот на Црквата бил црковниот народ. Соборноста на црковниот народ била слободното единство во љубовта. Соборноста на Црквата, основната идеја на целото славјанофилство, во која славјанофилите ја гледале суштината на Православието, не ги содржи во себе формалните и рационалните карактеристики, во соборноста нема ништо јурисдикциско, ништо што потсеќа на државна власт, ништо надворешно и принудно... Соборност – тоа е жив организам, и во него живее црковниот народ. На Вселенските собори најизразено се покажал соборниот дух на Црквата. Но и авторитетот на Вселенските собори не е надворешен, не е формален, не е изразито рационален, не се преведува на правен јазик. Вселенските авторитети се авторитети само благодарение на тоа што во нив се открива вистината за живиот соборен организам на Црквата. Црквата не е авторитет, Црквата е живот на христијаниот во Христа, во Телото Христово, живот слободен, благодатен“.

            Денес зборот „соборност“ се користи како термин кој укажува на соборната структура на Црквата, нејзиното соборно управување. Всушност, во таков контекст за „соборноста“ говори равенскиот документ. Во исто време за авторите на документот соборноста се изразува пред сѐ во соборот на епископите. И поимот „соборност“ во црковното управување е нераздвоен од поимот „власт“ (англискиот термин „authority“ во документот се толкува како синоним за грчкиот збор „exousia“ – власт). Вклопувањето на соборноста и власта се разгледува на три нивоа на постоењето на Црквата – на локално, регионално и универзално.

            На ниво на локалната Црква, т.е. епархија, власта му припаѓа на „епископот, кој е легитимно ракоположен во апостолско преемство, кој поучува во верата добиена од апостолите, кој е во општење со другите епископи и нивните Цркви“ (точка 18. од равенскиот документ). На регионално, т.е. меѓуепархиско ниво, власта му припаѓа на соборот на епископите. Всушност, на тој принцип е заснована идејата за патријаршија или митрополија: координацијата на дејствувањето на епископите на поедини епархии ги спроведува првиот меѓу нив – патријархот или митрополитот.

            И сѐ додека равенскиот документ говори за локално и регионално ниво, сериозни проблеми и нема. Тие се појавуваат кога ќе почне да се говори за соборноста и власта на „универзално“ ниво, т.е. на ниво на Универзалната Црква. Во дадениот случај, не се мисли на Православната или Католичката црква во онаа состојба во која тие денес постојат, туку повеќе на некоја теоретска Црква, изградена на моделот на Црквата од времето на Вселенските собори.

            Како се оставрувала и како би требало да се остварува соборноста во таквата Црква? Кому му припаѓа првенството на ниво на Универзалната Црква? Кога одговара на овие прашања, документот наведува цел низ на сомнителни аргументи и тврдења незасновани на историската вистина.

 

            Каква позиција, во тој случај, по однос на равенскиот документ треба да заземе Руската Православна Црква?

 

            Јас мислам дека равенскиот документ би морало детално да го проучат експерти по канонско право, еклисиологија и црковна историја. Таква група е и формирана во рамките на Богословската комисија на Руската Православна Црква. Мислам дека, всушност, Богословската комисија би требало да даде официјална оцена на равенскиот документ, која потоа би била потврдена од Светиот Синод. Јас сега можам да дадам само некои коментари и назнаки.

            Пред сѐ, во 39. параграф од документот се тврди дека после расколот меѓу Истокот и Западот во 1054 г. кој го „оневозможи свикувањето на Вселенските собори во вистинско значење на тие зборови“, двете Цркви продолжија да свикуваат собори во кризни ситуации. „На тие собори присуствуваа епископи на помесните Цркви кои се наоѓаа во општење со Римскиот престол, или иако сфатено на поинаков начин, со Цариградскиот престол“.

            Овие зборови јас ги оспорив уште во Белград 2006 година, нарекувајќи ги противречни на еклисиолошкото подразбирање на помесните Православни Цркви. Зар ние православните христијасни сме тоа што сме, само благодарение на фактите дека се наоѓаме во општење со Цариград? А што е со општењето со Ерусалим, Александрија, Антиохија и другите Цркви? Поради што – врз основа на кој канон – тоа е помалку важно од општењето со Цариград?

            А ако некоја црковно-политичка причина го прекине општењето на некоја помесна Православна Црква со Цариградскиот престол, дали таа престанува да биде Православна Црква? Во 19 век Грчката Црква 30 години се наоѓала надвор од општење со Цариград, а Бугарската во 19 век и 20 век – цели 70 години. Руската Црква била надвор од општење со Цариград во 1996 година во текот на цели 4 месеци. Што тогаш – во текот на овие периоди Грчката, Бугарската и Руската Црква не биле Православни Цркви? Ајде, дајте нека покажат барем еден единствен канон на древната Црква кој го потврдува таквото мислење.

            Сепак, сите канони на древната Црква, конкретно 28. правило на Халкидонскиот собор (451 г.), му укажуваат на Цариградскиот патријарх второ, а не прво место. Тоа правило зборува за тоа како, бидејќи Цариград е – нов Рим – „градот на царевите и сиклитите“, и на епископот на Цариград треба да му се укаже иста чест како и на епископот на древниот Рим. Мотивацијата, како што се гледа, е од чисто политичка природа. Но, зар овде се говори ли за било какво првенство на јурисдикција, за универзална власт?

            Понатаму, во 41. параграф на документот се тврди како епископот на Рим во древната Црква го заземал првото место меѓу патријарсите. Во 42. параграф се прави внимателен обид да се дефинира улогата на Римскиот епископ на Вселенските собори: „Соборноста на универзално ниво, остварена во вселенските собори, подразбира активна улога на Римскиот епископ, како прв меѓу Епископите од главните катедри, во консензусот на собраните Епископи. Иако Римскиот епископ не ги свикувал вселенските собори од првите векови и никогаш лично не ги возглавувал, тој сепак бил вклучен најдиректно во процесот на донесување одлука од страна на соборите.“ И каква е сега таа активна ангажираност на епископите на Рим во работата на Вселенските собори? Католиците сметаат дека одлуките на соборот стапувале во сила дури откако ќе биле потврдени од епископите на Рим. Православните така не мислат.

            Равенскиот документ во параграфот 45. признава: „Улогата на Римскиот епископ во заедничарењето на сите Цркви мора да биде разгледана потемелно“. И го поставува прашањето: „која е специфичната улога на епископот „на првата катедра“ во еклисиологија на заедничарењето?“

Всушност, тоа прашање треба да послужи како појдовна точка за следните етапи на дијалогот, кога на дневен ред ќе биде поставено прашањето за првенството во Универзалната Црква. И овде ние, како што изгледа, ќе се најдеме во замка. Католиците ќе настојуваат да формулираат таков еклисиолошки модел на Универзалната Црква, според кој улогата на „првиот епископ“ би била опишана максимално приближно на онаа која во сегашната Католичка црква го има Римскиот папа. Од своја страна, Цариградската патријаршија ќе се стреми кон тоа уште од сега на „првиот“ (меѓу Православните) да му бидат додадени правата, кои Цариградската патријаршија денес не ги има, но кои, очигледно, би сакала да ги има.

 

Но, на Цариградската патријаршија всушност ѝ припаѓа одреден степен на првенство во однос на другите помесни Цркви?

 

Ние навистина го почитуваме Цариградскиот патријарх како „прв меѓу еднаквите“ во семејството на поглаварите на Православните Цркви. Дури, историски гледано, Цариградската патријаршија била Црква-Макја на многу помесни Православни Цркви, вклучувајќи ја и Руската Црква.

Но една работа е историјата, а друга еклисиологијата. Ние на Цариградскиот патријарх му го признаваме првенството по чест, но не и првенството на власт: тој нема директна јурисдикција над поглаварите и епископите на другите помесни Цркви, туку само зазема прво место во низата на поглаварите, кога тие се собираат на заедничко служење.

Во последно време митрополитот Јован (Зизиулас), копретседател на Мешаната комисија од православна страна, почна да го застапува гледиштето, по кое поимот „првенство по чест“ им противречи на црковните канони: по негово мислење, каноните признаваат само еден примат – приматот на реална власт. А всушност со тој примат тој би сакал да го обезбеди Цариградскиот патријарх. И форматот на Мешаната православно-католичка комисија подобро од било што одговара на разработката на таквиот, начелно нов модел на црковно устројство. Бидејќи во Католичката црква таквиот модел de facto постои, зошто тогаш не би го репродуцира и кај нас? Но, таму таквиот модел се формирал како резултат на многувековниот историски развој, а кај нас, во православната традиција, таков модел никогаш не постоел.

Дури ние, низ сите овие векови, во полемика со католиците, всушност, таквиот модел го оспорувавме, истакнувајќи дека единствена вистинска Глава на Вселенската Црква е Самиот Христос. Он, од наша точка на гледиште, не може да има земен заменик, викар.

Мислам дека всушност со оваа проблематика комисијата и ќе се сретне при следната етапа на разговори.

 

Дали Московската патријаршија има намера во настанатите околности и понатаму да зема учество во работата на Мешаната комисија?  

 

Јас веќе изнесов мислењето дека на Цариград ќе му биде полесно начелно да го достигне прифаќањето на новиот еклисиолошки модел во отсуство на делегацијата на Руската Црква, отколку при присуството на таа делегација. Јас, дури, и не ја исклучував можноста „Равенскиот инцидент“ тенденционално да е инсцениран со цел Московската Патријаршија да се исклучи – привремено – од првославно-католичкиот дијалог, за во нејзино отсуство да се прифатат неопходните формулации, а потоа ние да застанеме пред свршен чин: новиот модел на црковно устројство е прифатен и вие морате да му се приклучите.

Денес и претставниците на католичката страна (о. Димитриј Салахас) и претставниците на Цариград (Митрополит Јован Зизиулас) настојуваат да убедат како отстапувањето на Московската патријаршија во дијалогот, не ја поткопува легитимноста на дијалогот: доколку една Црква отстапи, а сите други останат, дијалогот се продолжува.

Јас мислам дека без Руската Црква, чијашто бројност ја надминува бројноста на сите останати помесни Православни Цркви земени заедно, ќе биде тешко да се сочува впечатокот дека во дијалогот учествува полнотата на Православната Црква. Тоа веќе нема да биде православно-католички дијалог, туку ќе биде дијалог на Ватикан со само некои делови на Православната Црква. И јас не сум уверен дека Православната Црква ќе ги прифати резултатите од таквиот дијалог.

Во конфигурацијата на православното учество во дијалогот, која настана после Равена, тој дијалог не само што нема да ги приближи православните и католиците едни со други, туку само ќе внесе нова поделба меѓу православните. Дај Боже, таквиот развој на случувањата да се избегне.

 

Извор: Патриархиа.ру