Конечно соопштение на Мешаната меѓународна комисија за богословски дијалог меѓу Православната Црква и Римокатоличката црква
 
 
 
 
 

Конечно соопштение на Мешаната меѓународна комисија за богословски дијалог меѓу Православната Црква и Римокатоличката црква (22.10.2009)

Единаесеттата средба на Мешаната меѓународна комисија за богословски дијалог меѓу Православната Црква и Римокатоличката црква се одржа на Пафос, Кипар, град со богата историја, кој угости тројца апостоли, Павле, Варнава и Марко. Средбата се одржа од 16-23 октомври 2009 година, а домаќин беше Православната Црква на Кипар.

Првиот ден од заседанието, како вообичаено, римокатоличките и православните членови се состанаа одделно за да ја восогласат својата работа. На православното заседание, покрај останатите работи, се дискутираше и за негативните реакции против Дијалогот од одредени православни кругови, на кое тие едногласно беа прогласени за потполно неосновани и неприфатливи и за такви кои даваат погрешни и лажни информации. Сите православни членови на Комисијата потврдија дека дијалогот продолжува со одлука на сите Православни Цркви со тежнеење кон полнотата на Вистината и Преданието на Црквата. На римокатоличкото заседание се разгледуваше предлог-текст како добра основа за работата и се потврди намерата да се продолжи Дијалогот со меѓусебна доверба, во послушание на волјата Господова.

Како што беше одлучено на пленарната седница во Равена, во 2007, на оваа среба Комисијата ја проучуваше темата „Улогата на Римскиот епископ за единството на Црквата во првото илјадалетие“, на основа на предлог-текст подготвен од Мешаната координативна комисија, којашто се состана во Елунда, Крит, Грција минатата година. За време на оваа пленарна средба, Комисијата внимателно го разгледа и го искорегира предлог-текстот на Мешаната координативна комисија, и одлучи да ја заврши својата работа на текстот наредната година, со свикување понатамошни средби на Мешаната комисија. Никаков конечен текст не беше донесен, и каков било друг текст што би можел да циркулира се смета за невалиден.

Одлучено е на 12-та пленарна средба домаќин да биде кардиналот Кристоф Шенборн, во Виена, Австрија, од 20-27 септември 2010 година.

Единаесттата пленарна седница заврши со православна Вечерна богослужба во соборната црква на свети Теодор на Пафос, после која беше приреден прием од страна на Митропитот Георгиј.

Средбата на Мешаната комисија помина во дух на пријателство и соработка со доверба. Членовите на комисијата искрено се заблагодарија на великодушното гостопримство на Црквата на Кипар, и тие се надеваат по молитвите на верниците дијалогот да продолжи и понатаму.

 

Извор: Ромфеа