Митрополит Иларион: Сеправославен собор може да се одржи за неколку години
 
 
 
 
 

Митрополит Иларион: Сеправославен собор може да се одржи за неколку години (26.06.2010)

За неколку години е возможно да се одржи Сеправославен собор со учество на сите Православни Цркви.

 

„Цариградскиот Патријарх, првиот меѓу еднаквите во семејството на православните народи, има желба овој собор да се одржи во најскоро време. При последната негова посета на Москва тој изјави дека би сакал да свика собор за една до две, максимум до три години“, рече претседателот на Одделот за надворешни црковни врски на Московската Патријаршија Волоколамскиот Митрополит Иларион (Алфеев), на 24 јуни 2010 г., при средбата со новинарите во Варшава.

 

На крајот на мај, за време на својата посета на Русија, Патријархот Вартоломеј изјави дека е донесено решение да се забрза процесот за подготовка и свикување на Сеправославен собор, истакнувајќи дека донесените одлуки на тоа историско случување „ќе имаат огромно значење за целиот православен свет“.

 

Подготовката на соборот започна уште на почетокот на 60-тите години на минатиот век со свикување на Сеправославни конференции и меѓуправославни подготвителни комисии. Соборот треба да донесе одлуки за прашања од општо-црковен карактер, коишто се насобрале за време на неколку векови од одржувањето на последниот, Седми вселенски собор.

 

Досега се одржани четири сеправославни подготвителни конференции (во Шамбези во 1976, 1982, 1986 и 2009 г.) и шест меѓуправославни подготвителни комисии (исто во Шамбези во 1971, 1986, 1990, 1993, 1999 и 2009 г.).

 

Долгите прекини меѓу конференциите и во работата на комисите беа предизвикани од условите на меѓуправославните односи заради настанатите несогласувања меѓу Московската и Цариградската Патријаршија по повод црковното устројство на Естонија. Средбата на поглаварите на светите помесни Цркви во октомври 2008 година во Истанбул го овозможи возобновувањето на меѓуправославната соработка за подготовка на соборот.

 

Извор: Interfax