Новооткриени мошти на свети Максим Исповедник во Грузија
 
 
 
 
 

Новооткриени мошти на свети Максим Исповедник во Грузија (31.10.2010)

Единствените мошти на свети Максим Исповедник што се познати до денес е десната рака отсечена после неговото второ судење, која беше собрана од страна на неговите ученици и зачувана многу векови на Света Гора во манастирот на свети апостол Павле.
Постои многу старо грузиско предание кое вели дека останатите мошти на свети Максим се чуваат под олтарот на манастирската црква на свети Максим во Тсагери (Грузија) во регионот каде што тој бил затворен и умрел, во епархијата на денешниот Владиката Стефан, кој одлучи да се започне со ископувања на ова место во соработка со Реваз Христан, археолог и професор на Универзитетот во Тбилиси. При овие ископувања се откриени на првото ниво останки на тројца луѓе, а на пониското ниво останки од еден човек.

Анализата на овие коски му е доверена на Владимир Асланишвили, антрополог, професор на Универзитетот во Тбилиси. Неколку од неговите заклучоци (особено во врска со состојбата на останките, трагите од мачењата и осакатувањето и возраста на умрените) имаат тенденција да ја потврдат хипотезата дека на првото ниво се моштите на свети Максим Исповедник и на неговите двајца ученици (монахот Анастасиј и библиотекарот Анастасиј), а на второто ниво - моштите на св. Арсениј (основателот на сегашниот манастир на свети Максим, кој порано бил посветен на св. Арсениј).

Од 20-25 октомври се одржа Меѓународна конференција посветена на Максим Исповедник на Универзитетот „Свети Андреј“ во Тбилиси, потоа во Тсагери (местото каде што светителот бил погребан) и во Лентекхи (главниот град на регионот во којшто свети Максим бил затворен и каде што го завршил својот овоземен живот). Во неа учествуваа експерти од различни специјалности (патрологија, теологија, филологија, археологија, антропологија...) како и од различни земји (Грузија, Франција, Русија, Србија), меѓу кои и светски познатиот специјалист за Свети Максим Исповедник, Жан-Клод Ларше.

Свети Максим Исповедник

Цариграѓанин по род и најнапред висок дворјанин на дворецот на царот Ираклиј, а потоа монах и игумен на еден манастир недалеку од престолнината. Најголем бранител на Православието од т.н. монотелитска ерес, која се изроди од ереста Евтихиева. Имено: како што тврдеше Евтихиј дека Христос има една природа така монотелитите тврдеа дека Он има една волја. Свети Максим се спротивстави на тоа тврдење и се најде како противник на царот и на патријархот. Но не се исплаши туку докрај истраја во докажувањето дека Господ Христос имаше две волји соодветно на двете природи. На негово настојување се одржа еден собор во Картагена, а друг во Рим. И двата собори го анатемисаа учењето на монотелитите. Страдањето на Свети Максим за Православието е неописливо: малтретиран од кнезовите, измамуван од судиите, плукан од народните маси, тепан од војниците, прогонуван, затваран, а најпосле му ги отсекоа јазикот и раката и го осудија на доживотно прогонство во тврдината недалеку од денешниот град Тсагери, каде што на 13 август 662 година ја предаде својата душа на Бога.

 

 

 

 

                 

 

    

                                                                                                                                Експедицијата на Кавказ до Скимери, каде што најверојатно била византиската
                                                                                                                                           тврдина Скемарис, каде што Свети Максим бил затворен и умрел
 

 

Извор: Orthodoxie.org