Фитотерапевтски центар на Манастирот Ватопед
 
 
 
 
 

Фитотерапевтски центар на Манастирот Ватопед (13.11.2010)

Во недела, на 31 октомври 2010 г., на празникот на светиот апостол Лука (којшто, како што е познато, беше и лекар) во манстирот Ватопед на Света Гора беше осветен и официјално отворен Центарот за истражување и изучување на лековити билки, кој ќе функционира во овој манастир во соработка со италијански експерти. На отворањето, освен игуменот на манастирот Ватопед, архимандритот Ефрем, и браќата, присуствуваа и професорот на Универзитетот во Витербо (недалеку од Рим) г. Роберто Мицинили и професорот на Универзитетот во Рим г. Марко Сарандреа.

„Имаме желба да им помогнеме на луѓето на еден природен и еколошки начин, бидејќи нас монасите не нè интересира само здравјето на душата, туку и на телото. Човекот е двоен, има душа и тело. Билките коишто ги користиме се пронајдени во оваа област и се надеваме дека тие ќе помогнат во постигнувањето на оваа цел“, изјави игуменот на манастирот Ватопед, старец Ефрем, по повод свеченото отворање и чинот на осветување на Центарот. „Италијанските научници коишто се наоѓаат денес тука им покажаа на отците од нашиот манастир начини како човекот да се лекува на еден правилен, здрав, древен и еколошки начин, кој секако ќе придонесе на здравјето на човекот“, рече старец Ефрем. „Верувам дека многумина ќе добијат помош со употреба на лековити билки. Веќе нè известуваат многумина поклоници што доаѓаат во нашиот манастир кои ги употребувале овие лековити билки дека многу им помогнале“, рече на крајот старец Ефрем.

Професорот на Универзитетот во Витербо г. Роберто Мицинили рече: „Света Гора е вистински ботанички рај. Тоа е едно недопрено место, изолирано, без загадувања на околината. Одбравме за почеток педесет лековити билки од Света Гора кои ќе ги користиме во нашата програма. Фитотерапијата (лекувањето со лековити билки) е многу стара дисциплина и резултатите од таквото лекување се извонредни. Се користи за хронични заболувања како што се ревматизам, проблеми со циркулација, алергии, и за враќање на рамнотежата на минералите во телото, а се користи многу успешно и за јакнење на имунитетот. Манастирот Ватопед е прв манастир кој започна на ова ниво да се занимава со фитотерапија. Старец Ефрем веднаш го препозна значењето на еден таков потфат и го усвои“. На прашањето кога започна оваа соработка, професор Мичинили одговори: „Пред шест години еден мој пријател го посети манастирот, и еден од отците го распрашувал за билките и за нивноте лековити својства. Тоа беше повод да се запознаеме со старец Ефрем и да ја започнеме оваа соработка“.

 

Извор: Vatopaidi.wordpress.com