VI Меѓународна богословска конференција на Руската Православна Црква
 
 
 
 
 

VI Меѓународна богословска конференција на Руската Православна Црква (19.11.2010)

Во Москва, во понеделник, на 15 ноември, во конференциската сала на манастирот на Свети Даниил, беше отворена VI Меѓународна богословска конференција на Руската Православна Црква „Животот во Христос: христијанскиот морал, аскетското предание и предизвиците на современaта епоха“.

Работата на форумот ја отвори Неговата Светост Патријархот Московски и на цела Русија Кирил, кој присутните ги поздрави со слово за значајот на богословите во современиот живот на Православната Црква.

Во работата на конференцијата учество зедоа претставници на сите помесни Православни Цркви, како и домашни и странски богослови. Организатор на форумот е Синодската библиско-богословска комисија.

Конференцијата заврши вчера, кога беше одржана тркалезна маса посветена на актуелните прашања на сеправославното сведоштво во светот, и пленарна седница, на која беше усвоен и конечен документ.

 

Следуваат извадоци од словото на Рускиот Патријарх:

 

„Огромниот проблем на денешниот црковен живот се состои во неспособноста на богословието, што значи и на проповедништвото, да се актуелизира христијанската проповед“, рече Патријархот, отворајќи ја VI Меѓународна богословска конференција.

Според него, доколку богословите им помогнат на луѓето да го сфатат значењето на светите списи во однос на денешниот ден, каква перспектива откриваат тие, „тогаш тоа и ќе биде реално сведоштво на интелектуално ниво за Христос – Спасителот на светот“.

Како што забележа Патријархот, понекогаш се слушаат скептички изјави дека „современоста не ѝ е нешто битна на Црквата“, во што има „многу вистина“, затоа што Црквата, нејзините вредности „се насочени кон вечноста“.

Во исто време, продолжи тој, за човекот кој е заробен во секојдневните животни грижи и нема можност да застане и да размисли, „фокусот е секогаш во неговиот секојдневен дневен ред: одење во продавници, устројство на начинот на живот, организација на семејниот живот, здобивање со образование, кариера“.

Патријархот Кирил смета дека Црквата мора да влезе „во контекстот на секојдневниот живот на човекот, да му помогне од внатре, излегувајќи од неговата сопствена преокупираност да ги прими вечните божествени заповеди, да ги устрои вистинските приоритети на бивствувањето“.

Тој констатираше дека значењето на богословието за потребите на црковниот живот „не се сфаќа во вистинската мерка од страна на црковните практичари“, подвлекувајќи дека христијанството „не е теорија, митологија, идологија, ритуал, туку самиот живот“.

Патријархот Кирил исто така забележа дека во денешното пост-индустријално информативно општество „ширењето на гревот и порокот често се става на индустријална основа, во таквото општество веќе нема зауздувачки морални основи“, и многу од она што се сметаше „противприродно, незамисливо, гревовно, спротивно на човечката природа, се прифаќа како норма“.

„Колку е важно да се актуелизира за современиот човек аскетската проповед на Црквата, да им се помогне на луѓето да сфатат дека надвор од таа норма на живот воопшто не постои човечки живот, дека опстојувањето на човечката цивилизација е условено токму со тој поредок на бивствување кој Бог му го предложи на човекот преку Своето Слово“, додаде Патријархот.    

 

            

 

                  

 

Извор: Interfax, Patriarhia