Со указ на Рускиот патријарх основан е Руски православен универзитет
 
 
 
 
 

Со указ на Рускиот патријарх основан е Руски православен универзитет (21.01.2011)

Со указ под број 1 за 2011 година Рускиот патријарх Кирил формираше Руски православен универзитет, установа за високо професионално религиозно образование на Руската Православна Црква, која ќе содржи како црковни, така и светски образовни стандарди. Новиот универзитет ќе биде сместен во комплексот на црквата на Свети Јован Богослов, патријаршиски метох во Китај город (историски реон во центарот на Москва), а за негов ректор е назначен Петар Еремеев, ректор на Православниот инстиут „Свети Јован Богослов“.

„Во подготвителната работа за отворање на универзитетот се вклучени широк круг на специјалисти, уверени во неопходноста за создавање нова, отворена образовна основа за обезбедување на синтеза на богословското знаење и современата наука, подготвени да ја решат задачата за актуелизација на православното вероучение, духовното послание на Црквата до современото општество и човекот“, изјави игуменот Петар Ермеев. Во составот на универзитетот својата дејност ќе ја продолжи Православниот институт „Свети Јован Богослов“, чијшто „статут, потенцијал и ресурси обезбедуваат широка реализација на образовните и научни планови на универзитетот“. Покрај институтот, при универзитетот ќе бидат создадени профилирани учебни оддели.  

Во концепцијата за развој на Рускиот православен универзитет се вели дека неговото формирање е актуелна задача поради „силниот дефицит на православно-ориентирани квалификувани и конкурентно-способни кадри на државно, општествено и бизнис ниво“. Стратешка цел на универзитетот е формирање на стабилен и социјално активен слој на луѓе кои поседуваат висок степен на духовна, светска и бизнис култура и етика, лидерски способности, способност да работат тимски, кои имаат развиени комуникациски навики и опит во проектниот менаџмент.  

Новооснованиот универзитет треба да ја постави на фундаментално ново ниво црковната работа во образовната сфера. Пред универзитетот стои нова задача: да овозможи синтеза на научното знаење, духовниот опит и иновативните технологии и методи на обучување, да создаде модел за „образованието на иднината“. Реализацијата на концепцијата „образование на иднината“ ќе биде засновата на модуларен систем на образование врз основа на реални проекти. Наместо вообичаените курсеви, групи, предавачите и студентите ќе формираат проектни групи, во коишто има партнерски односи и ограничен состав на учесници. Наместо предавања и семинари во основата на учебниот процес ќе бидат проекти, вежби, деловни игри, мастер-часови, работни семинари, кратки курсеви за зголемување на квалификацијата, специјализација и стажирање кај локални и странски работодавачи. Својствена карактеристика на Рускиот православен универзитет ќе биде целосна ориентација на учебниот процес кон подготовка на дипломирани студенти, кои се потполно адаптирани во современата реалност, луѓе претприемачи, способни за самостална дејност и одговорно донесување на решенија, а истовремено и насочени кон формирање на духовно богата личност.

Извор: Двери.бг