Божествена Литургија во храмот посветен на Свети Никола во Шангај
 
 
 
 
 

Божествена Литургија во храмот посветен на Свети Никола во Шангај (28.06.2012 17:36)

На 23 јуни 2012 г. претседателот на Одделот за надворешни црковни врски при Московската Патријаршија, Митрополитот Волоколамски Иларион, кој со благослов на Неговата Светост Московскиот Патријарх и на цела Русија Кирил и на покана на Државната администрација за верски прашања на НРК е во Кина, богослужеше во храмот Свети Никола во Шангај. На влезот во храмот учениците од неделното училиште му врачија цвеќиња на Митрополитот Иларион, а претседателот на ОНЦВ, во името на заедницата, го поздрави претставникот на Рускиот клуб М. Дроздов.

На Божествената Литургија на Митрополитот Иларион му сослужуваа настојателот на православната општина протоереј Алексеј Киселевич, клириците на Кинеската Автономна Православна Црква: јерејот Михаил Ван и протоѓаконот Евангел Лу. Исто така, на богослужбата помагаше и духовното чедо на Архиепископот Виктор (Свјатин), шефот на Руската духовна мисија од 1933 до 1956 г., ипоѓаконот Папиј Фу Силјан. На службата присуствуваа околу стотина луѓе – членови на многунационалната православна заедница во Шангај. Повеќето од нив пристапија и се причестија со Светите Христови Тајни.

Меѓу присутните на службата беа и конзулите на: Руската Федерација – Андреј Смородин, Украина – Сергеј Бурделјак, Белорусија – Владимир Воробеј, рускиот амбасадор на Филипините Николај Кудашев, претседателот на Координативниот совет на Русите во Кина, претседателот на Рускиот клуб во Шангај Михаил Дроздов, режисерот Павел Лунгин, претседателот на Канцеларијата за верски прашања од шангајската област Луван Сјуј Хуејцјан. При крајот на богослужбата дојде и Ирина Белева, конзулот на Бугарија во Шангај.

По Божествената Литургија, во архипастирското слово, Митрополитот Иларион рече:

„Овој ден срдечно ве поздравувам, бидејќи имавме можност да отслужиме Божествена Литургија во историскиот храм Свети Никола во Шангај. Многу децении во овој храм немало служба. Но, во последните години, иако повремено, на големите празници, одново почна да се богослужи. Ова се должи, пред сѐ, на фактот што вие ја зачувавте православната вера и со своето трпение и упорност ги надминувате сите пречки, коишто се дигнаа против неа.

Православието суштествува во Кина веќе неколку векови. Православната вера во оваа земја ја исповедаат како Кинезите, така и Русите, Украинците, Белорусите, Молдавците и претставници на други националности, кои живеат тука. Мошне важно е што сите православни верници имаа можност да дојдат во храмот и да учествуваат во богослужбата, бидејќи преку Светата Евхаристија ние сме соединети со Бога, не само духовно, туку и со целото наше естетство.

Храмот е срце на духовниот живот на христијанинот. Невозможно е да се биде христијанин, а да не се оди во црква. Невозможно е да се биде православен, а да не се учествува во црковните Тајни, да не се причестува со Светите Христови Тајни. Оние луѓе, коишто себеси се сметаат за христијани, но притоа не одат во црква, како по правило, се далеку од Бога. Тешко им е да најдат зборови со кои ќе ја изговорат молитвата кон Бога. Тие луѓе во храмот се чувствуваат неудобно и непријатно: цело време им се причинува дека тие не знаат многу и како богослужбата да не се извршува за нив. И само оние христијани, коишто во неделите и на празниците се во храмот, во своите животи го чувствуваат Божјото присуство.

Јас би сакал од сѐ срце да да ви се заблагодарам на секој од вас за тоа што ја чувате православната вера. Стојте цврсто во својата вера и не попуштајте. Во овој живот ништо не е поважно и ништо не е подрагоцено. Сѐ останато – нашите успеси и падови, нашето здравје и нашите болести, проблеми и тешкотии – доаѓаат и заминуваат, а православната вера опстојува вечно, ни помага да живееме со Бога и да Го придружуваме по патот кон Царството небесно.“

 

         

 

         

Извор: russianorthodoxchurch.ws