Митрополитот Неофит е избран за Бугарски Патријарх и Софиски Митрополит
 
 
 
 
 

Митрополитот Неофит е избран за Бугарски Патријарх и Софиски Митрополит (24.02.2013 19:17)

Пред неколку часа заврши пребројувањето на гласовите на Патријаршискиот изборен собор. Митрополитот Неофит е избран за Бугарски Патријарх и Софиски Митрополит. Митрополитот Кирил ги прочита резултатите од изборот: Митрополитот Неофит доби 90 гласови, а Митрополитот Гаврил 47.

Изборот на третиот Бугарски Патријарх и броењето беа реализирани под целосна транспарентност на камерите на БНТ. На крајот од изборот се состави документ кој ќе биде потпишан од сите учесници. После тоа учесниците на Соборот ќе се упатат кон Патријаршискиот храм „Св. Александар Невски“, каде ќе биде отслужен благодарен молебен и ќе се изврши интронизацијата на новоизбраниот Бугарски Патријарх и Софиски Митрополит Неофит. Звукот на камбаните од Соборниот храм го обелодени изборот.

Митрополитот Неофит (Симеон Николов Димитров) потекнува од средната генерација на епархиски архиереи. Роден е на 15.10.1945 г. во Софија. На 20 години завршува средно богословско училиште, а 6 години подоцна и богословски факултет. После специјализацијата во Москва во 1973 г. назначен е за професор по црковно пеење и диригент на студентскиот хор при факултетот.

Монашкиот пат го започнува под духовно раководство на тогашниот игумен на Тројанскиот манастир архимандрит Геласиј. Монашкиот потстриг го прима на 03.08.1975 г. од Патријархот Максим, на 15.08.1975 е ракоположен во јероѓаконски чин, на 25.03.1976 во јеромонах, а на 21.11.1977 г. му е даден архимандритски чин.

Протосингел е на Софиската митрополија од 1981 до 1985 г. На 18.12.1985 е хиротонисан за Левкијски епископ во Патријаршискиот храм „Св. Александар Невски“ и е назначен за викар на Софискиот Митрополит.

Во 1989 г. станува ректор на Богословскиот факултет, а во 1991 е избран за прв декан на обновениот Богословски факултет при Софискиот универзитет „Климент Охридски“.

Од 27.01.1992 г. до 27.03.1994 е главен секретар на Светиот Синод. На 27.03.1994 г. епископ Нифонт е избран за Доростоло-црвенски Митрополит. Според решението на Петтиот црковно-народен собор во 2001 г. и со согласност на Митрополитот епархијата е поделена на две и тој ја добива титулата Русенски Митрополит.

На 24.02.2013 г. во Софија е свикан Патријаршискиот црковен собор, при што Русенскиот Митрополит Неофит е избран за Бугарски Патријарх и Софиски Митрополит.

Извор: Двери.бг