На старт! Внимание! Со Бога!
 
 
 
 
 

На старт! Внимание! Со Бога! (08.02.2014 18:33)

- Отец Николај, ве молиме раскажете ни како дојде до тоа вие да бидете духовник на олимпискиот тим? Можеби сте практикувале некој вид на спорт?

- Сум спортувал, но аматерски.  Пловење, пливање, стрелаштво, скијање. Како и сите млади луѓе – „за себе“. Кога бев во војска скијавме, стрелавме. А духовник на олимпискиот тим станав благодарение на благословот на Патријархот кој благослови да учествувам во подготовките на првите олимписки игри кај нас – во Москва. Уште во 1980 г. учествував во подготовките на игрите, односно во организацијата околу молитвената соба. Потоа, почнувајќи од Атина, добив послушание да бидам духовник на олимпискиот тим. Бев одговорен за духовната храна, за сите религиозни барања на спортистите во Атина, Турин, Ванкувер, Пекинг...

- Имаат ли спортистите посебни небесни покровители?

- Најпрво тие се молат за застапништво од својот светител чие име го носат. Александар од св. Александар Невски, Даниил од кнезот Даниил, Олга од рамноапостолната кнегиња Олга, Наталија од маченичката Наталија... И често се молат на апостолот Павле, бидејќи тој во своите дела ги спомнува „игрите“. Тој напишал дека знае за тие игри каде луѓето се натпреваруваат, и ги истакнал како пример за во духовните борби: како што таму се трудат да победат, така треба и ние да се трудиме да победуваме во духовните борби. Но се служат и молебни за секое добро дело, обраќајќи Му се на Господ Исус Христос.

- Што уште содржи вашата служба, послушанието како духовник на олимпискиот тим?

- Најпрво, тоа е воспоставувањето на духовниот живот во олимпискиот тим. Ние ги известуваме спортистите дека имаат можност, ако сакаат, да учествуваат (се молат) на богослужбите кои се служат за нив, во определеното време, во олимписките капели. Тие можат да дојдат таму, да поразговараат со свештеникот, да закажат молебен, да учествуваат во сите богослужби, вклучувајќи ги и панихидите и опелата, бидејќи се случуваат и такви работи.

- Навистина?

- Да, се случува да се упокои спортист или новинар. Понекогаш учесниците од најразлични причини може да починат – од срцев удар, или поради некој инцидент.

- Дали се создаваат поблиски односи со спортистите?

- Некои беа крстени. Некои придонесоа да бидат крстени нивните роднини... На пример, мои духовни чеда се Катја Гордеева и Сереж Гринков, олимписките шамнпиони... Има и некои кои сега не живеат во Русија, но таму си имаат свои исповедници.

- Отец, зар можете да ги утешите?

- Спортот е спорт. Секој победува до таа мера во која може да победи. Па дури и ако сте биле неуспешни, а можело подобро, значи, тоа било лекција – казна или вразумување. Но никогаш не треба да се очајува. Затоа велам: „Секогаш радувајте се, молете се непрестајно, за сѐ благодарете“. Ова се зборови на апостолот Павле.

- Отец Николај, што мислите за ова: секојдневно, како осуденик, ако може така да се каже, со постојан труд, човекот целиот свој живот го става на олтарот на спотот...

- Да, целиот свој живот поради еден скок...

- ... значи, има ли сето ова смисла?

- Смислата на сето ова е во тоа да се покаже, напомне (потсети), дека човекот е обдарен со огромен потенцијал на енергија! И физичка, и духовна енергија, која ние подари својата гревовност и поради својата неразумност сме ја растерале низ илјадалетијата. И сега, повторно се покажува дека во секој од нас постои таа искра, која може да ја открие таа височина, на која човекот е способен да се искачи. Тој може да лета како птица, да прелетува растојанија за кои другите немаат сили, тој може да подигне тежина која едноставно другите не можат. Разбирате, спортистите ги покажуваат неисцрпните можности кај човекот – Божјиот образ и подобие. Јас мислам дека човекот до гревот реално го можел сето тоа. А денес тоа се само мали точки, како ѕвездички. Но сето тоа е нужно. И ако секој човек правилно се насочи, спортот не му пречи во духовниот живот, не го оддалечува од Бога. Најважно е да не биде горделив.

- Да, вие истакнавте еден мошне вашен момент. Тренерот често поттикнува: „Покажи им дека си најдобар!“ Но овој слоган може да ја распали суетата кај човекот. Оттаму потекнува изразот „спортски бес“. Значи вие цело време апелирате на грешните чувства.

- Безусловно.

- Како да го надминат тоа?

- Како? Со покајание. Затоа и постои свештеникот – духовникот или духовниот раководител, за правилно да го насочи човекот, за тој и покрај победата, и покрај поразот, да сфати дека тоа е Божја волја, блага и совршена.

- Во што спортистите се разликуваат од обичните парохијани?

- Во црковниот живот? Во ништо! Само што се поревносни и упорни.

- Односно, тие се со посилен дух од обичните луѓе?

- Да, во основа.

- А учесниците во параолимписките игри?

- Параолимписките игри – неверојатен настан кој е наменет да ја покаже целата големина на човековиот дух. Кога луѓето кои и во обичниот живот се соочуваат со потешкотии, кои ние не можеме ниту да ги замислиме, ни покажуваат, вистински, за што е способен човекот... Тоа се луѓе со огромен физички и креативен потенцијал!

- Што би сакале да им посакате на нашите  спортисти?

- Мир, трпение, Божја помош. 

 

    

Извор: Pravoslavie.ru