Се упокои во Господ схимонахот Арсениј Каруљски
 
 
 
 
 

Се упокои во Господ схимонахот Арсениј Каруљски (22.05.2018 18:42)

Вчера, на денот кога се празнуваат свети Арсениј Велики и преподобен Арсениј Трудољубовиот, на 90-годишна возраст се упокои во Господ схимонахот Арсениј Каруљски. Тој на Каруља беше дојден уште во 70-те години.

За него пишува Митрополитот Николај (Хаџиниколау) во својата книга „Света Гора – највисоката точка на Земјата“: „Таму живее отец Арсениј, укоричувачот на книги. Нема повеќе од 50 години. Тивок, повлечен, без излишни зборови и љубезности. Влегувавме кај него по тројца: поголем број луѓе едноставно не можеа ни да влезат. Отец Арсениј ни го покажуваше своето ракоделие и без зборови ни даваше до знаење дека време е да си одиме...“

Се сеќавам, еднаш о. Арсениј влезе во ќелијата на о. Серафим. Беше многу жешко на Каруља. Можете да си замислите – камен, усвитен на сонце. Му понудивме да се напие вода. Во такви услови пиеме најмалку по еден литар вода, а отец Арсениј најде една малечка чашка и замоли да му ја наполниме со вода. И не ја ни испи.

Чудесно спокоен, светол Старец. Тогаш веќе имаше над 80 години. Последните години Старецот, поради болеста, не живееше целото време на Каруља, туку дел од времето го поминуваше во манастирот во Ламија, но дури и неколку месеци во годината да се поминат на ова подвижничко место, не е лесно.

Извор: Павел Троицки – История Святой Горы Афон