Вселенскиот Патријарх: „Ваше право беше да барате автокефалија“
 
 
 
 
 

Вселенскиот Патријарх: „Ваше право беше да барате автокефалија“ (05.01.2019 16:23)

Денес, 5 јануари 2019 година, во Фанар беше потпишан Томосот за автокефалија на новата Православна Црква во Украина.

На чинот кој се изврши во патријаршискиот храм на Свети Георгиј, Вселенскиот Патријарх во своето обраќање, помеѓу другото рече: „Дојде полнотата на времето за Божјиот дар на осамостојување и независност и самоуправување слободно од секаква надворешна зависност и мешање“.

„Денес се враќаат милионите верници од вашата земја, кои ненадејно се најдоа надвор од каноничност и општење, без своја вина. Но, Константинопол ги прибра и ги прегрна како нивна духовна Мајка, која некогаш ги приведе кон христијанско крштение, а не како маќеа“, додаде Вселенскиот Патријарх.

На потпишувањето беа присутни Претседателот на Украина, Петро Порошенко, Претседателот на Украинската Врховна рада, Андриј Паруби, јерарси од Украинската Црква, од Вселенската Патријаршија и мноштво верници.

После потпишувањето на Томосот, Патријархот Вартоломеј приреди прием во Престолната Одаја, каде што беа присутни јерарсите од Украина, и државните претставници.

Вселенскиот Патријарх откри дека Претседателот Порошенко повторно донел чоколади и се надева дека овојпат ќе се уверат сите дека не беше даден поткуп, како што некои злонамерно ширеа клевети.

Историскиот настан беше покриен од медиуми од целиот свет. Турски медиуми го пренесуваа настанот во живо, додека беа присутни и медиуми од Русија, но и големи светски куќи како Reuters и Associated Press.

Аналитичарите сметаат дека овој настан доби сесветски димензии токму поради негативниот став на Москва, на Претседателот Путин и на Патријархот Кирил. Ако не беше ова силно спротивставување, потпишувањето на Томосот ќе беше само една внатрешна црковна работа, од интерес само на црковните агенции.

 

Извор: bigorski.org.mk