Патријаршиско послание на Света Пасха 2020
 
 
 
 
 

Патријаршиско послание на Света Пасха 2020 (20.04.2020 06:47)

 

† ВАРТОЛОМЕЈ
по милоста Божја
архиепископ Константинополски, на Нов Рим
и Вселенски патријарх
до сета полнота на Црквата благодат, мир и милост
од славно воскреснатиот Христа

Возљубени браќа јерарси и чеда во Господа возљубени,

Откако стасавме до Светата Пасха и станавме причесници на радоста на Воскресението, Го воспеваме Господа на славата, Кој ја згази смртта со смртта, Кој со Себе го совоскресна целиот Адамов род и на сите нас ни ги отвори рајските врати.

Светлоносното Востание на Христа е уверување дека владетел во животот на светот не е смртта, но Спасителот Кој ја укина смртната држава, Оној Кој во почетокот беше познаван како бесплотно Слово, а подоцна, пак, како воплотен од човекољубие заради нас, умртвен како човек и воскреснат со власт како Бог; како Оној Кој повторно ќе дојде со слава заради исполнување на Божествениот домострој.

Тајната и доживувањето на Воскресението претставува јадро на црковниот живот. Сесветлото богослужение, светите тајни, молитвениот живот, постот и подвигот, пастирското служење и доброто сведоштво во светот, сето ова го пронесува благомирисот на Пасхалната радост. Животот на верниците во Црквата е секојдневна Пасха, тој е „свише радост“ (од висините радост, н.з.), „радост спасителна“, но и „спасение како радост“[1].

Така, богослуженијата на Светата и Велика седмица не се очајни, туку полни со победоносната сила на Воскресението. Во нив се открива дека Крстот го нема последниот збор во планот за спасение на човекот и на светот. Ова се предвозвестува уште на Лазарева сабота. Подигнувањето од мртвите на блискиот пријател Христов е праобраз на „општото воскресение“. Песната „Денес виси на дрво“ се заокружува со извикот „покажи ни го и славното Твое воскресение“. Пред епитафот пееме: „Ги величам Твоите страдања, го песнословам и погребението, заедно со воскресението“. И, со уште повисок глас, на Пасхалната богослужба го објавуваме вистинското значење на Крстот: „Зашто, ете, преку крстот дојде радост во целиот свет“.

„Наречениот и свет ден“ на Пасха е изгревот на „осмиот ден“, зачетокот на „новата твар“, доживување на нашето лично воскресение, великото „чудо на моето спасение“[2]. Тој е искусното уверување дека Господ страдаше и се предаде на смрт заради нас и воскресна заради нас, „предподготвувајќи ни го воскресението во бесконечните векови“[3]. Во текот на целиот пасхален период со исклучителна поетичност се песнослови антрополошкото значење на светлоносното Воскресение Христово, преминот на човекот од ропство во вистинска слобода, „напредувањето и преминот од долните кон горните и кон земјата на ветувањето“[4]. Ова спасително во Христа обновување во Црквата дејствува како динамично продолжение на етосот на Евхаристијата во светот, како „вистинување во љубовта“, како соработка со Бога заради преобразување на светот, за тој да стане слика на полнотата на конечното објавување на Божјата љубов во Царството на конечноста. Да се живее во Христа воскреснатиот значи да се објавува Евангелието „до крајот на земјата“, според примерот на апостолите, тоа е дејствително сведоштво за благодатта што дојде и за очекувањето на „новата твар“, каде „смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе “[5].

Верата во Воскресението Христово и во нашето совоскресение не го одрекува печалното присуство на смртта, болката и крстот во животот на светот. Не замижуваме пред суровата стварност, ниту преку верата си обезбедуваме психолошко покритие наспроти смртта. Но знаеме дека овој живот не е целосен живот, дека овде сме само „минувачи“, дека Му припаѓаме на Христа и дека сме упатени кон Неговото вечно Царство. Присуството на болката и на смртта, колку и да е таа видлива, сепак не претставува конечна стварност. Конечна стварност е конечното укинување на смртта. Во Царството Божјо не постои болка и смрт, но бесконечен живот. „Пред Твојот Чесен Крст,“ пееме, „смртта беше страшна за луѓето, а по славното страдание, страшен ѝ е човекот на смртта“[6]. Верата во Христа дава сила, издржливост и трпение за да ги пребродиме искушенијата. Христос е Оној Кој „исцелува секоја болест и од смртта избавува“. Тој е Оној Кој страдаше за нас, Кој на луѓето им откри дека Бог е „засекогаш за нас“, дека во Вистината на Бога суштински припаѓа Неговото човекољубие. Овој посакуван глас на Божествената љубов одекнува во „не плаши се, чедо“ на Христа кон фатениот и „не плаши се, ќерко“[7] кон крвоточивата, во „не плашете се, Јас го победив светот“[8] пред Страданието и „не плаши се, Павле“[9] кон Апостолот на народите додека беше во затвор, под смртна закана.

Подмолната пандемија од новиот коронавирус покажа колку кршлив е човекот, колку лесно бива завладеан од страв и очај, колку несилни се покажуваат неговите знаења и самоувереност, колку е застојан ставот дека смртта претставува само еден настан на крајот на животот и дека заборавот или занемарувањето на смртта е правилното соочување со неа. Радикалните состојби покажуваат дека човекот е неспособен решително да се справи со своето постоење доколку верува оти смртта е непобедлива стварност и неотклонлива граница. Тешко е да останеме човечни без надежта за вечноста. Оваа надеж живее во срцата на сите лекари, болничари, доброволци, дарители и на сите што штедро застануваат покрај браќата и сестрите кои страдаат, со дух на пожртвуваност, самопридонес и љубов. Во неискажливата криза, тие шират благомирис на воскресение и надеж. Тие се „добрите Самарјани“, кои излеваат, при опасност за својот живот, масло и вино врз раните, тие се современите „Киринејци“ на Голготата на оние што лежат во болест.

Со овие мисли, сечесни браќа и возљубени чеда во Господа, Го славословиме над секое име Воскреснатиот Господ, кој извира живот од Својата светлина и просветува сè со светлината на Воскресението, молејќи Му се, како на лекар на душите и на телата, Кој дава живот и воскресение, да се смилува на родот човечки со Своето неискажливо човекољубие, да ни го дарува скапоцениот дар на здравјето и да ги управи нашите стапки на правиот пат, за нашата богодарувана слобода да се утврди во светот, предобразувајќи го своето совршенство во небесното Царство на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Христос воскресна!

Фанар, Света Пасха, 2020

† Константинополскиот
огнен молитвеник кон Воскреснатиот Христос за сите вас


[1] π. Ἀλεξάνδρου Σμέμαν, Ἡμερολόγιον, ἐκδ. Ἀκρίτας Ἀθήνα 2003, с. 223

[2] Григориј Богослов, На света Пасха, PG 36, ст. 664.

[3] Григориј Палама, На Вознесение, PG 151, ст. 277.

[4] Григориј Богослов, цит. дело, ст. 636.

[5] Откр 21, 4.

[6] Славник на вечерната на 27-ми септември.

[7] Мт. 9, 2 и 22.

[8] Јн, 16, 33.

[9] Дела 23, 11.

 

Извор: bigorski.org.mk