Се упокои во Господ Епископот Атанасиј Јевтиќ
 
 
 
 
 

Се упокои во Господ Епископот Атанасиј Јевтиќ (04.03.2021 21:17)

Епископот Атанасиј Јевтиќ се упокои денес во вечерните часови, во јавната здравствена установа „Болница Требиње“.

Роден е на 8 јануари 1938 година, во село Брдарица, кај Шабац. Завршил Богословија во Белград. Се запишал на Богословскиот факултет во 1958 година, а бил замонашен на 3 декември 1960 година. Дипломирал на Богословскиот факултет во јуни 1963 година, а наредната година се запишал на Теолошката академија на Халки (Турција), а потоа на Теолошкиот факултет во Атина. Таму ја одбранил докторската теза од догматика на тема „Еклисиологијата на апостол Павле според свети Јован Златоуст“. Во 1968 година заминал за Париз, каде ги продолжил богословските студии на Институтот „Свети Сергеј“ и го восовршил францускиот јазик. По една година избран е за професор на Институтот. Во наредните три години предавал Вовед во богословие и Патрологија со Аскетика, а последната година предавал и Историја на Црквата од византискиот период. Се вратил од Париз во 1972 година и оттогаш предавал Историја на христијанската Црква на Богословскиот факултет на СПЦ во Белград, а во 1987 година бил избран за редовен професор по Патрологија. Бил избран за декан на Богословскиот факултет во периодот 1980–1981 и 1990–1991 година.

За време на работата на факултетот објавил околу стотина научни трудови. Од 1991 година бил избран за Епископ Банатски, а веќе наредната година бил поставен за Епископ Захумско-херцеговачки. Бил избран за прв ректор на новоотворената Духовна академија „Свети Василиј Острошки“ во Србиње, 1994 година. Поради тешка повреда се повлекол од архипастирската должност со согласност на Светиот архиерејски собор (1999).

Учествувал на многубројни домашни и меѓународни собири од областа на црковната историја, филозофијата, теологијата и христијанската култура. Автор е на бројни книги, студии, написи и беседи. Објавил многу преводи од старогрчки, старословенски, еврејски, француски, руски и други јазици.

Нека му е вечен споменот!

Извор: Епархија захумско-херцеговачка