Велигденско послание на Вселенскиот Патријарх Вартоломеј (17.04.2023 16:18)
+ Вартоломеј
По милоста Божја
Архиепископ на Константинопол – Новиот Рим и Вселенски Патријарх
До полнотата на Црквата:
Благодатта, мирот и милоста на Воскреснатиот Христос да бидат со сите вас
Пречесни браќа Архиереи,
Драги возљубени чеда,
Стигнувајќи со Божјата милост до сеспасителното Воскресение Господово, преку кое беше поразена силата на смртта и се отворија рајските порти за целиот човечки род, на сите вам ви ги упатуваме нашите пасхални поздрави и срдечни желби, објавувајќи со извикот „Христос воскресна!“, кој му дава радост на светот.
Во сите негови димензии, животот на Црквата е оживуван од неискажливата радост на Воскресението. „Искуството на воскресението“ е посведочено во подвигот на светиите и мачениците на нашата вера, како и во литургискиот и светотаинскиот живот, во проповедањето на Евангелието „до крајот на земјата“, во посветеноста и духовноста на верните, во нивната пожртвувана љубов и христијанско однесување, но и во нивното очекување за свет каде што „нема повеќе да постои смртта, ниту ќе има тага, болка или страдање“ (Отк. 21, 4).
Во и преку Воскресението, сè е во состојба на двиг кон совршенство во Царството Божјо. Овој есхатолошки порив отсекогаш им обезбедувал на православните христијани во светот динамика и перспектива. И, покрај тврдењата на спротивното, како резултат на есхатолошката ориентација на нејзиниот живот, Црквата никогаш не правела компромис со присуството на злото во сите негови изрази во светот. Ниту, пак, ја негирала реалноста на болката и смртта. Ниту, пак, ја игнорирала двозначноста на човечките работи. И конечно, таа никогаш не ја сметала борбата за поправеден свет како нешто туѓо за нејзината мисија.
Сепак, Црквата отсекогаш знаела дека болката и крстот не се крајната реалност. Искуствената суштина на христијанскиот живот е убедувањето дека преку Крстот и низ „тесната врата“ сме воведени кон Воскресението. Оваа вера се одразува во фактот дека јадрото на црковниот живот, Божествената Евхаристија, е суштински поврзана со Воскресението Христово. Во православната традиција, како што нагласува покојниот митрополит Јован Пергамски, Божествената Евхаристија „е исполнета со радост и светлина... затоа што не е втемелена на Крстот и идеализација на страдањето, туку на Воскресението како трансценденција на страдањето на Крстот“[1]. Светата Евхаристија нè пренесува на Голгота не за да останеме таму, туку за да нè води преку Крстот до вечно блескавата слава на Царството Божјо. Православната вера е надминување на утопиското спасение „без крст“ и на егзистенцијалниот бродолом на Крстот „без Воскресение“.
Нашето учество во Христовото воскресение преку светата тајна на Црквата, од една страна, е опипливо укинување на секој утопизам и на лажниот рај, кој ветува непречено самоуживање, а во исто време сигурно надминување на безнадежното самопоробување во наводно ненадминливата негативност, бидејќи Крстот Христов раѓа Воскресение, „бескрајна наслада“, „наслада на вечната слава“. Уништувањето на смртта преку Крстот и Воскресението на нашиот Спасител го издигнува нашиот живот до неговата божествено-човечка суштина и неговата небесна судбина.
Во Христос знаеме и живееме дека сегашниот живот не е целиот наш живот, дека нашата биолошка смрт не претставува крај или уништување на нашето постоење. Биолошките граници на животот не ја дефинираат неговата вистина. На крајот, чувството дека животот е неповратно „патување кон смртта“ води до егзистенцијален ќор-сокак, до депресија и нихилизам, до рамнодушност за она што навистина е важно во животот. Науката и финансискиот или општествениот напредок не се во состојба да понудат суштинско решение или излез. Христијаните се „оние кои имаат надеж“ (1 Сол. 4, 13), кои го очекуваат доаѓањето на Царството на Отецот и Синот и Светиот Дух како конечна реалност, како полнота на животот и познанието, како исполнување на радоста, не само за следните генерации, но и за целиот човечки род од почетокот до крајот на вековите.
Ова гледиште за историјата и вечноста, за воскреснатата природа на православната вера, етос и култура – имено, за несомнениот факт дека великото чудо на Вистината им се открива само „на оние што ја почитуваат тајната на верата“ – е она на што сме повикани да посведочиме денес во рамките на една цивилизација која го отфрла Трансцендентното и во контекст на многубројните деградирања на духовниот идентитет на човековото постоење.
Му оддаваме слава со пеење, химни и духовни песни на Господа, Кој воскресна од мртвите и им дава вечен живот на сите. Со радост учествуваме во „празникот што е заеднички за сите“. И ние Го молиме сесилниот, семудриот и семилостив Создател и Искупител на сите да донесе мир во светот и да ги даде сите Свои спасоносни дарови на човештвото, за да се прослави и благослови Неговото сечесно и величествено име, сега и секогаш и во сите векови. Амин!
Фанар, Велигден 2023
+ Вартоломеј Константинополски
Смирен молитвен застапник на сите пред Воскреснатиот Господ
________________________________
[1] Види: Eschatology and History: Works 1: Ecclesiological Studies (Athens: Domos Books, 2016), 498.