27 јануари – спомен на света Нина рамноапостолна, просветителка на Грузија
 
 
 
 
 

27 јануари – спомен на света Нина рамноапостолна, просветителка на Грузија (27.01.2009)

Света рамноапостолна Нина, просветителка на Грузија, се родила околу 280 година во градот Коластри, во Кападокија, каде што имало многу грузиски населби. Нејзиниот татко Завулон бил роднина со свети великомаченик Георгиј. Тој потекнувал од племенит род, од благочестиви родители, и ја имал наклонетоста на императорот Максимијан. Наоѓајќи се во воена служба кај императорот, Завулон како христијанин учествувал во ослободувањето на заробените Гали, кои примиле христијанство. Мајката на света Нина, Сузана, била сестра на Ерусалимскиот патријарх Јувеналиј.

Дванаесет години по раѓањето, света Нина дошла во Ерусалим заедно со родителите, на коишто им била единствена ќерка. На заеднички договор и со благослов на Патријархот Ерусалимски, Завулон го посветил својот живот на служење на Бог во Јорданската пустина, Сузана била поставена за ѓакониса при храмот на Гробот Господов, а воспитувањето на света Нина било доверено на благочестивата старица Нианфора. Света Нина била послушна и трудољубива и после две години, со помош на благодатта Божја, се зацврстила во исполнувањето на правилата на верата и со усрдност го читала Светото Писмо.

Еднаш кога со плач сострадувала со евангелистот, кој го опишува распнувањето на Христос Спасителот, мислата ѝ застанала на судбината на хитонот Господов (Јован 19, 23-24). На прашањето на света Нина, каде се наоѓа хитонот Господов, старицата Нианфора ѝ објаснила дека исткаениот хитон Господов, според преднието, го однел мцхетскиот равин Елеазар во Иверија (Грузија), којашто се сметала за удел на Мајката Божја. Самата Пречиста Дева за време на Својот земен живот била повикана со апостолска жрепка да ја просветува Грузија, но Ангелот Господов, Којшто Ѝ се јавил претскажал дека Грузија ќе стане Нејзин земен удел подоцна, при крајот на времето, и дека Промислата Божја ѝ приготвила апостолско служење на Света Гора (која исто така се нарекува удел на Мајката Божја).

Дознавајќи од старицата Нианфора, дека Грузија не е просветена со светлината на христијанството, света Нина дење и ноќе Ја молела Пресвета Богородица да ја удостои да ја види Грузија обратена кон Господ, и да ѝ помогне да го најде хитонот Господов.

Небесната Царица ги услишала молитвите на младата праведничка. Еднаш, кога света Нина се одмарала после долги молитви, Пресвета Богородица ѝ се јавила во сон и врачувајќи ѝ крст сплетен од винова лоза, ѝ рекла: „Земи го овој крст, тој ќе биде твој штит и заштита од сите видливи и невидливи непријатели. Оди во земјата Иверска, благовести го таму Евангелието на Господ Исус Христос и ќе најдеш благодат кај Него: Јас ќе бидам твоја Заштитничка“.

Откако се разбудила, света Нина во своите раце видела крст (кој сега се чува во посебен ковчег во Сионската соборна црква во Тбилиси), се возрадувала со духот и доаѓајќи кон својот дедо, Патријархот Ерусалимски, му раскажала за видението. Патријархот ја благословил младата девојка на подвиг на апостолско служење.

На патот за Грузија света Нина на чудесен начин избегнала маченичка смрт од ерменскиот цар Тиридат, на којашто биле подложени нејзините сопатнички – царевна Рипсимија, нејзината учителка Гајанија и 35 девици (нивниот спомен се празнува на 30 септември / 13 октомври), коишто бегале во Ерменија од Рим за време на гонењето на императорот Диоклецијан. Поткрепена од видението на ангел Господов, кој првпат ѝ се јавил со кадилница, а вториот пат со свиток во рака, света Нина го продолжила својот пат и пристигнала во Грузија во 319 година. Гласот за неа наскоро се распространил во околината на Мцхет, каде што таа се подвизувала, бидејќи нејзината проповед била пропратена со многу чудеса. На денот на преславното Преображение Господово, по молитвите на света Нина, за време на незнабожечкото жртвопринесување, што го совршувале жреци во присуство на царот Миријан и многубројниот народ, од високата планина испопаѓале идолите Армаз, Гаци и Гаим. Ова јавување било пропратено со силна бура.

Влегувајќи во Мцхет древната престолнина на Грузија, света Нина нашла прибежиште во семејството на бездетниот царски градинар чијашто жена, Анастасија, по молитвите на света Нина била разрешена од неплодност и поверувала во Христос.

Света Нина ја исцелила грузиската царица Нана од тешка болест, а таа откако примила Свето Крштение, од идолопоклоничка станала ревносна христијанка. Не гледајќи на чудесното исцелување на сопругата царот Миријан, слушајќи ги наговарањата на незнабошците, бил решен света Нина да ја подвргне на жестоки мачења. Во тоа време, додека смислувале мачења за светата праведничка, сонцето потемнело и густа магла го покрила местото каде што се наоѓал царот. Царот наеднаш ослепел, неговата свита ја опфатил ужас и сите почнале да им се молат на своите незнабожечки идоли да им ја вратат дневната светлина. „Но, Армаз, Заден, Гаим и Гаци биле глуви, а темнината се зголемила. Тогаш исплашени едногласно повикале кон Бог Којшто Го проповедала Нина. Наеднаш темнината ја снемало, а сонцето сите ги осветлило со своите зраци.“ Ова се случило на 6 мај 319 година.

Царот Миријан, исцелен од своето слепило од света Нина, го примил Светото Крштение заедно со својата свита. После неколку години, 324 година, христијанството се зацврстило во Грузија.

Летописите зборуваат дека на света Нина, по нејзините молитви ѝ било откриено каде се наоѓа хитонот Господов, и на тоа место бил подигнат прв христијански храм во Грузија (најпрво од дрво, а потоа од камен во чест на светите Дванаесет апостоли).

Со помош на византискиот император Константин, којшто на молба на царот Миријан во Грузија го пратил Антиохискиот епископ Евстатиј со двајца свештеници и тројца ѓакони христијанството се зацврстило во земјата. Сепак, горните области на Грузија останале непокрстени. Во придружба на презвитерот Јаков и еден од ѓаконите света Нина тргнала таму и го проповедала Евангелието на незнабошците. Многумина од нив поверувале во Христос и го примиле Светото Крштение. Од таму света Нина преминала во источна Грузија и се населила во Бодба, во малечок шатор на падините на планината. Таму водела подвижнички живот, пребивајќи постојано во молитва и молејќи Го Христос за месните жители. Меѓу нив била и царицата Кахетии Соджа (Софија), која се крстила заедно со своите дворјани и мноштво народ.

Извршувајќи го своето апостолско служење во Грузија света Нина била известена одозгора дека ѝ се наближува смртта. Во посланието кон царот Миријан, таа побарала да ѝ го прати Епископот Јован за тој да ја подготви за последното патување. Не само Епископот Јован, туку и самиот цар заедно со сето свештенство тргнале во Бодба каде што кај смртниот одар на света Нина биле сведоци за многу исцелувања. Поучувајќи го народот кој дошол да ѝ се поклони, света Нина на молба на своите ученички им раскажала за своето потекло и за животот. Ова раскажување го запишала Соломија Уджармска и врз основа на тоа е составено житие на света Нина.

Причестувајќи се со Светите Тајни света Нина побарала нејзиното тело да биде погребано во Бодба и мирно се упокоила во Господ во 335 година (според некои други извори во 347 година, во 67 година од нејзиниот живот, после 35-годишно апостолско служење).    

Царот, свештенството и народот тагувајќи заради упокојувањето на света Нина сакале нејзините останки да ги пренесат во соборната црква во Мцхет, но не можеле сандакот со подвижничката да го помрднат од местото на нејзиното упокојување. На тоа место во 342 година царот Миријан основал, а неговиот син Бакур го завршил и го осветил храмот во име на роднината на света Нина - свети великомаченик Георгиј. Подоцна овде бил основан женски манастир посветен на света Нина. Нејзините мошти, по нејзина желба затворени, биле прославувани со многу исцеленија и чудеса.

Грузиската Православна црква во согласност на Антиохиската Патријаршија, ја прогласила просветителката на Грузија за рамноапостолна и прибројувајќи ја кон ликот на Светиите, востановила нејзиниот спомен да се празнува на 14 јануари / 27 јануари, на денот на нејзиното блажено упокојување.

 

                              
   Гробот на света Нина во Мцхет                                            Крстот на света Нина

Извор: Патриархиа.ру