Свети Теофан Затворник
 
 
 
 
 

Свети Теофан Затворник (05.02.2009)

„Што е потребно за духовниот живот?”

Онака како што сте го насочиле животот, така и нека тече, и ќе дотече во областа на духовниот живот. Само не прекинувајте го текот. Не треба ништо однапред да се определува, говорејќи: ќе направам ова и ова или вака и вака ќе се потрудам и ќе се појави некое духовно движење. Сѐ е од Бог и од Неговата благодат, а таа доаѓа неочекувано. Трудете се, трпете, молете се, предавајќи се себеси на Бог без какви било нагодувања, дали тоа ќе се покаже надворешно или внатрешно. Кога ќе дојде часот да додели нешто, Бог нема да скрати.

Ги засакавте Вашите духовни обврски и пребивањето во осаменост; блаженствувајте и восхитувајте се! Добро е, добро! Само не мечтајте за себе и не се подготвувајте за полет на небо. Благодарете Му на Бог и вдлабочувајте се во смирени мисли и чувства за себе.

Многу Ви досадуваат поради честото причестување. Не возмутувајте се. Сите така треба да постапуваат, но тоа кај нас не е влезено во обичај. На Исток христијаните често се причестуваат, не само за Великите пости. Првоначално во Црквата Христова сите се причестуваа на секоја Литургија. За време на свети Василиј Велики, го прашувале дали може често да се причестуваат и колку често? Тој одговорил дека не само што е можно туку е и задолжително, а за тоа колку често рекол: „Ние се причестуваме четири пати неделно: во среда, петок, сабота и недела”. „Ние” - се однесува на Кесаријците. Зашто прашањето се однесува не на оние кои свештенодејствуваат, туку на мирјаните... На секоја Литургија свештенослужителот поканува: „Со страв Божји и вера пристапете”. Следствено, на секоја Литургија може да се пристапува... Кај нас некои велат дека е грев честото причестување, други објаснуваат дека не треба порано од шест недели да се причестуваме... Не обрнувајте внимание на таквите толкувања и причестувајте се толку често колку што е потребно, без да се сомневате. Трудете се само на секој начин да се подготвите како што е потребно и да пристапите со страв и со трепет, со вера, скрушеност и покајнички чувства. На оние што Ви прават забелешки за тоа одговарајте им: секој пат имам разрешение од мојот духовен отец. И тоа е доволно. За тоа, колку е тоа благотворно за Вас, подобро да не се зборува. Знајте го тоа за себе и благодарете Му на Господ.