За покајанието
 
 
 
 
 

За покајанието (09.02.2009)

Секогаш кога свети апостол Павле со Божествен и небесен јазик поучуваше на евангелската наука, тоа го правеше со големо внимание. Бидејќи она за што зборува тој не е според неговиот разум, туку според дадената власт од небесниот Цар. Толкаво внимание покажува особено тогаш кога грешниците ги учи на покајание, за што и јас сега сакам да ви зборувам.

Сите слушнавте дека истиот тој голем и прекрасен маж пишувајќи им на Коринтјаните рече: Да не би пак, кога ќе дојдам при вас, да ме унизи мојот Бог, и да плачам за мнозина, кои погрешиле порано и не се покајале за нечистотијата, блудството и срамотата што ги направиле (2 Кор. 12, 21).

            Овој голем учител според својата природа беше човек, но како ревносен слуга Божји зборуваше со небесен јазик и од самото небо ги земаше зборовите, така што на грешниците им ветуваше страв, а на покајаните простување. А додека ова го зборувам за него, оваа власт не ја припишувам на Павловиот јазик, туку сето тоа го припишувам на Божјата благодат, бидејќи и тој самиот тоа го потврди кога рече: „Сакате ли доказ дека Христос зборува преку мене?“ Само заради тоа тој можеше да им го проповеда лековитиот мелем и спасоносното покајание на грешниците.

            Но, покајанието е и дар небесен и чудесна сила, која соединета со милоста Божја ја надминува и силата на законот, па затоа и не го одбива блудникот, не го одбива прељубодеецот, не се одвраќа од пијаницата, не се гади од незнабожецот, не го отфрла оној кој осудува, а ни хулникот, па ни горделивиот не го презира, но сите ги прима. Бидејќи, покајанието го спалува гревот.

            Иако, пред сѐ, треба да зборуваме за намерата Божја, која се пројавува во покајанието, нема да се поведеме по своите мисли, туку ќе ја изнесеме вистината онака како што е посведочена во Светото Писмо.

            Кога милостивиот Бог долго го трпи грешникот, тогаш има двострука спасоносна намера т.е. промислува за неговото спасение по пат на покајание и на неговото потомството, коешто ќе расте во добродетели, им подготвува благочестивост. Повторно ќе го потврдам ова што го кажав.

            Бог долго трпи за да се покае оној кој греши, а на оние коишто после него ќе се родат да не им биде ускратено спасението. Па, иако оној кој згрешил не сака да се покае, Бог и тогаш го чува коренот за да ги сочува неговите идни плодови. Покрај тоа го исправува и самиот корен, како што порано кажав, па кога грешникот ќе западне и во крајна злоба, Бог повторно заради неговата полза одлага да го казни очекувајќи спасение на другите коишто ќе се покајат. А како тоа?

            Слушај! Тара, таткото на Аврам, беше незнабожец, но за своето неверие не беше казнет. А и тоа е праведно. Бидејќи, ако Бог го пресечеше коренот, како тогаш истиот би дал плод на толкава вера? А кој беше позлобен од Исав? Погледни, те молам и на друг пример на човекољубието. Кој од неговите пороци беше посрамотен? Зарем не беше тој и блудник и осквернител, како што и Апостолот вели за него (Евреи 12, 16)? А кога тој беше и блудник, и братоубиец, и осквернител, и мерзост пред Бога зошто не беше истребен? Зошто не беше посечен? Зошто токму во тој момент не го стигна достојна казна? Зошто прашуваш?

            Бидејќи, треба да ја кажеме вистината. Да беше истребен, светот би го немал големиот плод на вистината. А како тоа?

            Слушај! Исав го роди Рагуил, Рагуил го роди Зар, а Зар го роди Јов. Приметуваш ли колкав плод на трпението би загинал ако Бог претходно го отстранеше коренот? Па и во другите случаеви расудувај вака.

            Затоа Бог и Мисирците, како хулници долго ги трпеше, бидејќи во Мисир во најрано време се основани цркви и манастири. И Мисир меѓу првите се исполни со оние коишто тежнееле кон ангелскиот живот. Исто така говорат и оние коишто се запознаени со граѓанскиот закон, а така вели и римскиот закон: „Жена, која направила престап, а која се казнува со смрт, не треба да биде казнета пред да се породи.“ А тоа и е единствено праведно, бидејќи оние кои го донеле законот не сакале со онаа која згрешила, да биде погубено и невиното дете. А кога човечките закони ги  штедат оние кои ништо не згрешиле, колку повеќе Бог ќе го чува коренот кој во своите плодови ја сокрива благодатта на покајанието.

            Меѓутоа, да го погледнеме дејството на благодатта на покајанието над оние кои грешат, бидејќи и кај нив може да се воочи истоветна причина на Божјото човекољубие.

            Казната да не го чекаше поправувањето, светот сосема би бил истребен и би изгинал. Бог да брзаше со казнувањето, Црквата ќе го немаше Павле и не ќе добиеше толку голем маж. Затоа Бог го трпеше хулникот за да го покаже покајникот.

            Долготрпението Божјо, значи, направи гонителот да стане проповедник, долготрпението Божјо го претвори волкот во пастир, долготрпението Божјо направи од цариникот евангелист, а со истото долготрпение Божјо сите сме помилувани бидејќи се променивме, сите се обративме. Па кога ќе видиш дека и пијаницата станал испосник, кога ќе видиш дека и оној што хулеше станал богослов, и кога ќе видиш дека оној што со гнасни песни си ја валкал устата со божествени песни ја чисти својата душа, прославувај го долготрпението Божјо, фали го покајанието и за преображението расудувајќи говори: Ова е промена од десницата на Севишниот (Пс. 76, 11).

            И навистина! Бог спрема сите е милостив, а долготрпението го покажува најмногу кон грешниците. И ако сакаш да слушнеш тврдење, непознато на вообичаеното расудување, но вистинито и кое за благочестивоста говори, слушни го ова што ќе ти го кажам.

            На праведните Бог секогаш им се јавува како страшен, а на грешниците како благ и брз за нивно помилување. Грешникот кој паднал го подига и говори: зар паднатите не стануваат, и оние што скршнале од патот не се враќаат? (Јер. 8, 4-5). И повторно: Обрнете се кон Мене ... и Јас ќе се обрнам кон вас (Зах. 1, 3).

            На друго, пак, место со своето големо човекољубие и со заклетва потврдува дека спасението може да се здобие со покајанието: Жив сум Јас, вели Господ Бог: Јас не ја сакам смртта на грешникот, туку грешникот да се одврати од својот пат и да остане жив (Јез. 33, 11).   

            Спротивно, за праведникот вака говори: И праведникот, ако отстапи од својата правда и постапува неправедно, ако ги врши сите оние гадотии, што ги врши грешникот, ќе биде ли жив? (Јез. 18, 24).

            О, колку е голема строгоста кон праведникот и колку е големо милосрдието кон грешникот!

            Бог, значи, различно постапува и разновидни мерки употребува, но не затоа што е непостојан, туку затоа што Својата милост ја насочува исклучиво на полза. А зошто тоа?

Слушај! Ако Бог би го плашел грешникот кој неотстапно пребива во гревови, би го навел на очајување, па и на сомнеж во надежта, а ако праведникот би го пофалил, би го направил небрежен во добродетелниот труд, така што истиот и понатаму, веќе како блажен, не би ја практикувал добродетелта. Па затоа грешникот го милува, а праведникот го укорува. (Затоа Он е) Старшен за сите што Го опкружуваат (Пс. 88, 7) и добар... кон сите (Пс. 85, 5), како што е напишано.

            Старшен за сите што Го опкружуваат. А кои се тие што Го опкружуваат, ако не светиите? Бидејќи кој ќе Му се вподоби на Господ меѓу синовите Божји? Велик е и страшен за сите што Го опкружуваат (Пс. 88, 7-8) и ако види некого да паѓа, му ја подава раката на милосрдието, а ако го види другиот сѐ уште да стои, го укорува, и сето тоа го прави со праведен суд. Праведникот, значи, со стравот го зацврстува, а грешникот со милоста го подига.  

            Сакаш ли пак да видиш дека Он правовремено ја покажува Својата милост и дека со она што е полезно истовремено покажува и строгост, со внимание послушај за да можеш да ја разбереш длабоката смисла на ова.

            Онаа грешна жена (а тоа на сите им е познато), која се наоѓала во секој грев и беззаконие, и која многу згрешила и многу грешни дела правела, кога го посакала спасението и се покајала, дошла на гозбата на светиите (тој собир гозба го нарекувам затоа што на неа беше присутен и Светиот над Светиите). И додека Исус престојувал во куќата на Симон фарисејот, дошла жената, познатата грешница и се допрела до нозете на Спасителот и со солзи ги облила и со косата ги избршала, па иако со толку гревови била умртвена, Човекољубецот ја подигнал говорејќи ѝ: Ти се простуваат гревовите (Лука 7, 48).

            Немам намера целата приказна да ја толкувам, но само заради сведоштво ќе го наведам и ова: Затоа ти велам: нејзе ѝ се простуваат многу гревови, оти ме возљуби многу. (Лука 7, 47). И за толкуте гревови грешната жена доби простување, додека Марија, Мојсеевата сестра, поради некое мало роптање беше осудена на прогонство.

            А на грешниците им вели: Гревовите ваши да се како бакам, - како снег ќе ги избелам (Ис. 1, 18). Со промена, значи, патот на покајанието темнината ја претвора во светлина и со милостив глас ги простува безбројните гревови.

А што им зборува на оние кои се праведни?

            А оној што ќе го нарече брата си „будала“, ќе биде виновен за во пеколот (Матej 5, 22). Поради еден збор покажува толкава строгост, а наспроти толкавите гревови раздава толкава обилна милост.

            Погледни, те молам, уште нешто што е достојно за восхитување.

            Бидејќи гревовите како и другите долгови се запишуваат, така и на оние грешници кои се каат, им се простува и тоа што некогаш им е дадено. А од праведникот се бара и камата. Читаме во Евангелието, Му пристапил должник кој Му должел многу таланти, и бидејќи за ова со големо покајание и многу молби Го молел и велел: Господаре, почекај ме, и сѐ ќе ти вратам (Матеј 18, 26), милостивиот Господ не барал од него никаков надомест, но му го прифатил неговото признание наместо долгот.

            На должникот, значи, кој должел десет илјади таланти, му ја простил дури и главницата, додека на праведникот и камата му побарал. Па зошто, се вели, не го даде моето сребро на трговците, та кога ќе се вратам, да го добијам со интерес?“ (Лука 19, 23).

            Ова не ви го велам за да ве убедам дека на праведниците им е непријател, бидејќи ништо не му е помило на Бог од праведен човек, но како што и претходно реков, Бог грешникот го теши, за да го подигне, а праведникот го плаши за да го зацврсти. И на грешните и на гордите, кои се како непријатели, многуте гревови им ги простува, а на праведните и за најмалку им замерува, бидејќи сака да немаат во своето совршенство ниеден недостаток.