Поуки (12.02.2009)
„Како што сонцето е светлина за телата така молитвата е светлина за душата. И така ако бедата на слепиот се состои во тоа што не го гледа сонцето, колкава ли е бедата на христијанинот кој не се моли непрекинливо и не ја внесува преку молитвата во својата душа светлината Христова? Исто така, кој не би се чудел и восхитувал на човекољубието што го излева Бог над нас, дарувајќи ни нам на луѓето толку голема чест што сме удостоени со молитвата, и со разговорот со Него? За време на молитвата ние навистина зборуваме со Бога, преку неа стапуваме во заедница и со ангелите и толку јасно се издвојуваме од множеството на бесловесните суштества.
А дека и самото дело на молитвата е - нешто возвишено, нè учат тие самите, со голем страв вознесувајќи ги своите молитви и давајќи ни да знаеме и да сфатиме, дека на Бога треба да Му пристапуваме со радост и со страв, за да не се покажеме недостојни за молитвата; со радост заради величината на честа, со оглед дека како смртен род сме удостоени со ваков голем дар, непрестајно да се насладуваме со Божествениот разговор, преку кој, иако по природа смртни, престануваме да бидеме смртни и минливи, зашто општејќи со Бога влегуваме во бесмртниот живот. И според природата на нештата, ползувајќи се со заедничарењето со Бога се издигнеме над смртта и секоја пропадливост. Сходно на тоа, како совршено неопходно, насладувајќи се со сончевата светлина ја избегнуваме темнината, токму како што е совршено потребно за насладувајќи се со Божественото заедничарење по ова да не бидеме смртни со оглед дека самата величина на славата нѐ возведува кон бесмртност.“
Свети Јован Златоуст
За подвижништвото
Впечатливи се указите царски што им се објавуваат на поданиците, но уште поизвонредни се царските наредби до војниците. И оној што посакува висок и велик чин, којшто сака секогаш да биде соподвижник Христов, внимателно и како војничка заповед треба да ги слуша великите зборови: Оној што Ми служи нека врви по Мене, и каде што Сум Јас таму ќе биде и Мојот слуга (Јован 12, 26). Каде е Царот Христос? Се разбира, на небото. Таму и ти, војнику, треба да го управуваш патот свој. Затоа, заборави на секаков земен спокој.
Ниеден војник не гради куќа, не стекнува полиња, не се впушта во различни купувања за зголемувања на имотот. Ниеден војник не се вплетува во работите на обичниот живот за да му угоди на својот војвода (2 Тим. 2, 4). Својата прехрана војникот ја добива од царот. Нему не му е неопходно самиот да си набавува храна: тој воопшто не треба да се грижи за тоа. Нему секаде царските поданици ќе му ги отворат вратите, според заповедта царска. Тој не мора да се грижи за куќа. Тој има шатор на широк пат, и храна колку што му е потребно, и сон колку што му дала природата. Тој поднесува големи походи и бдеења, и жега и студенило, битки со противниците, вонредни опасности, многупати и близина на смртта, но на славна смрт. Тој прима и почести и дарови царски. Многу е тежок неговиот живот во време на војна, и угоден во врме на мир. Како награда за јунаштвото и венец за добриот живот во подвизи, му се доверува началство, се нарекува царев пријател, има пристап кај царот, се удостојува да ја поздравува царската десница, да прима одликувања од раката на царот, да владее над неговите подредени и да се застапува за своите пријатели кога имаат потреба.
Значи, војнику Христов, земјаќи мали примери од човечките дела, размисли за вечните добра. Определи се за живот без дом, без дружење, без стекнување. Стани независен, откако ќе се ослободиш од сите светски грижи. Нека не те врзува ни жед за жена, ни грижа за деца. Зашто, тоа е невозможно за оној кој војува за Бога. Затоа што, оружјето на нашето војување не е телесно, туку силно со помошта Божја (2 Кор. 10, 4). Нека не те совладува телесната природа и нека не те притиска против волјата. Нека не те прави од слободен роб. Не грижи се на земјата да оставиш деца, но да се искачуваш на небото. Не приклонувај се кон плотското сопружништво, туку стреми кон духовното. Раѓај души и духовно воспитувај деца. Угледај се на небесниот Жених, соборувај ги побуните на невидливите непријатели војувај против поглаварствата и властите (Еф. 6, 12), изгонувајчи ги најнапред од својата душа (за да немаат никаков удел во тебе), а потоа и од срцата на оние што прибегнуваат кон тебе и те поставуваат за водач и заштитник, оние што ги штити твојот збор. Соборувај ги помислите што стануваат против верата Христова. Со збор на благочестие војувај со нечестивите и зли помисли. Зашто кажано е: Собори ги помислите и секоја надменост која станува против познанието Божјо (2 Кор. 10, 4 - 5). А најмногу надевај се во десницата на великиот Цар. Штом ќе се покаже, таа веднаш влева страв и ги втерува противниците во бегство. А ако Нему Му е угодно да покажеш одважност во опасностите и ако посака Својата војска да ја воведе во битка со противничката војска, ти биди истраен во секој напор, со непоколеблива душа сред опасностите, радо преминувајќи од земја во земја, од море во море. Зашто, кажано е: А кога ќе ве протераат, бегајте од град во град (Мат. 10, 23). И кога ќе бидеш принуден да се појавиш на суд, да застанеш пред управниците, да трпиш напади на толпа, да го гледаш страшниот изглед на џелатите, да го поднесеш страшниот лик на справите за мачење, да излезеш на маки, да се подвизуваш до смрт, не губи ја верата, туку имај Го пред очи Христа, Кој заради тебе сето тоа го издржа. Знај дека и ти заради Христа мора да претрпиш зло. И тогаш ќе победиш, зашто врвиш по Царот победник, Кој сака и ти да станеш заедничар на Неговата победа.
И ако умреш. нема да бидеш победен, туку напротив ќе ја стекнеш најсовршената победа, до крајот зачувувајќи ја во себе непоколебливата вистина и постојаната одважност за неа. И ќе преминеш од смрт во живот, од бесчестие пред луѓето до слава во Бога, од страдања и маки во светот до вечен спокој со ангелите. Земјата не те прифати како свој сограѓанин, но те прифати небото. Светот те прогонуваше, но ангелите ќе те понесат и ќе те претстават пред Христа, та ќе се наречеш Негов пријател и ќе ја чуеш најпоскауваната пофалба: Убаво, добар и верен слуго (Мат. 25, 23), добар војнику, подражавателу на Владиката, следбенику на Царот. Ќе те наградам со Своите дарови. Ќе ги послушам твоите зборови, зашто и ти ги послуша Моите. Ќе се молиш за спасението на браќата и за заедничарите на верата.
Свети Василиј Велики
„Што да знаеме, на што да се научиме [од Крштението Исусово]?“ И одговара: „Дека треба прво да се очистиме, и смирено да мислиме, и да проповедаме во совршеноста и на духовната и на телесната возраст. Она првото – за оние коишто се одлучуваат на Крштевање, а не се подготвени, ниту му пружаат цврстина на искупувањето преку усвоената навика за правење на добро. Зашто, ако дарот на благодатта – а е дар на благодатта! – пружа отпуштање на минатите гревови, тогаш тоа [очистувањето] е уште подостојно за почит, така што да не се враќаме на изблуеното. А ова второто – за оние коишто се вознесуваат над управителите на Светите Тајни, доколку се истакнуваат со некое достоинство. Третото, пак – за оние што се охрабруваат од својата младост (и ученост), па секое време го сметаат за прилика да ги поучуваат другите или да претседаваат (со другите). Исус се очистува, а ти го презираш очистувањето? Он тоа го прима од Јован, а ти се подигаш против својот духовен отец. Тој триесетгодишен, а ти уште голобрад ги поучуваш старите, или мислиш дека ги учиш, а ниту со (духовната) возраст ниту со некој начин на своето однесување заслужуваш почит...“
Свети Григориј Богослов