За Исусовата молитва (23.02.2009)
Ученикот: Можат ли сите браќа во манастирот да се занимаваат со Исусовата молитва?
Старецот: Не само што можат туку и мораат. При монашкиот постриг, кога на новопострижениот му се врачуваат бројаници, што за таа пригода се нарекуваат духовен меч, му се предава во завет непрестајно, деноноќно молење со Исусовата молитва. Значи, вежбањето во Исусовата молитва е монашки завет. Исполнувањето на заветот е обврска од која нема одрекување.
Старите монаси ми кажуваа дека уште на почетокот на ова столетие во Саровска Пустина, а веројатно и во другите благоустроени руски манастири, секој нов што ќе стапел во манастирот, веднаш го учеле на Исусовата молитва. Блажениот старец Серафим, кој се подвизувал во таа пустина и кој достигнал совршеност во молитвата, постојано ги советувал монасите да водат внимателен живот и да се занимаваат со Исусовата молитва. Него еднаш го посетилo едно момче, кое имало завршено духовна семинарија, и му ја открило на старецот намерата да стапи во монаштво. Старецот му дал спасителни за душата поуки. Меѓу нив, му предал и завет да се учи на Исусова молитва. Кажувајќи му за неа, старецот рекол: ”Само надворешна молитва не е доволно. Бог го следи умот човеков, па затоа оние монаси кои не ја соединуваат надворешната молитва со внатрешната, не се монаси.” Многу точна определба! Монах значи осаменик. Кој не се осамил во самиот себе, тој уште не е осаменик, тој уште не е монах, макар и да живее во најосамен манастир. Умот на подвижникот што не се осамил и не се заклучил во себе, нужно ќе се најде среде врева и метеж, предизвикани од безбројни помисли, кои имаат секогаш слободен пристап во него, и тој болно, без било каква потреба и полза, а напротив, на своја штета, заскитува по светот. Осамувањето на човекот во самиот себе не може да се изврши поинаку освен преку будна молитва, а пред сè со внимателна Исусова молитва.
Ученикот: Ми се чини дека мислењето на старец Серафим е премногу строго.
Старецот: Тоа изгледа така само при површно гледање на него. Тоа така се покажува при недоволно поимање на великите духовни богатства што христијанството ги крие во себе. Блажениот Серафим го изнел не само сопственото мислење, тој го изнел мислењето кое им припаѓа на сите свети Отци и на Православната Црква. Свети Исихиј Ерусалимски вели: ”Оној што се одрекол од сè житејско, од жена, од имот и слични нешта, го замонашил само надворешниот свој човек, а не и внатрешниот, односно умот. Вистински монах е оној кој се одрекол од страсните помисли. Тој непречено може, кога сака, да го стори монах и надворешниот човек. Но, голем подвиг е да се стори монах внатрешниот човек. Којзнае дали во современите поколенија монаси има таков кој совршено се избавил од притрасни помисли и се удостоил со чиста, невештествена, непрестајна молитва – што е знак за внатрешен монах?” Кога преподобен Агатон, свештеноинок на Египетскиот Скит, го прашале што е поважно, телесниот подвиг или внатрешниот подвиг, тој одговорил: ”Човекот е сличен на дрво; телесниот подвиг одговара на она што е листот за дрвото, а внатрешниот на плодот. Но, како што е речено во Писмото, секое дрво, што не дава добар плод, се сече и фрла во оган. Од тоа следи дека сета наша грижа треба да е за плодот, то ест за тоа како да се чува умот. Потребно е, секако, дрвото да биде покриено и украсено со лисја, тоа е слика што го претставува телесниот подвиг.” “О чудо! - восклика блажениот Никифор Атонски, наведувајќи ги зборовите на преподобниот Агатон во своето дело за духовниот подвиг, каква изрека изрече овој светител против сите оние кои не го чуваат умот, а се надеваат само на телесниот подвиг! Секое дрво кое не раѓа род добар, т.е. чувањето на умот, и има само лисја, т.е. телесен подвиг, се сече и в оган се фрла! Страшна е, оче, твојата изрека!” Чувањето на умот, заштитата на умот, трезвеноумието, вниманието, умното делување, умната молитва, сите тие се различни наименувања на еден и ист подвиг на душата во неговите разни видови. Во свое време, душевниот подвиг поминува во духовен. Духовниот подвиг е истиот оној душевен но само осенет од Божествената благодат. Тој душевен или духовен подвиг, Отците вака го определуваат:” Вниманието е срдечно, непрестајно безмолвие, молитвено тихување, што секогаш и постојано Го повикува Исус Христос, Синот Божји и Бог, за преку Него да се дише, со Него храбро да се напаѓа непријателот,за Нему да му се исповеда, единствениот Кој има власт да ги простува гревовите.” Едноставно речено, внатрешно делување, умно, душевно делување, умна молитва, трезвеност, чување и заштитување на умот, внимание, сето тоа е исто што и грижливо, исполнето со стравопочит вежбање на Исусовата молитва. Блажениот Никифор Атонски ги споредил овие називи со пресеченото парче леб кое сообразно на обликот, може да биде наречено и залак, и парче, и комат. Божественото писмо на Стариот Завет заповеда: Од сè што е за пазење, најмногу чувај го срцето свое, зашто од него се изворите на животот (Изрек. 4,23). Пази се, да не влезе во срцето твое лукава мисла.
Особено со Новиот Завет се заповеда бдеење над срцето и негово очистување. Кон тоа се упатени сите заповеди Господови: Очисти ја чашата и чинијата најнапред внатре, за да бидат чисти и однадвор. Овде Господ луѓето ги нарекол садови од кршливо стакло и од безвредна глина. Она што излегува од човекот, тоа го осквернува човекот. Зашто однатре, од срцето човечко, излегуваат лоши помисли, прељубодејствија, блудства, убиства, кражби, лакомства, лукавства, пакости, злоби, око лукаво, богохулство, гордост, безумство. Сето тоа зло однатре излегува и го осквернува човекот. Свети Варсануфиј Велики вели: ”Ако внатрешното делување со Бога, т.е. осенето од Божествена благодат, не му помогне на човекот, тогаш тој залудно се подвизува со надворешен, телесен подвиг”. Свети Исаак Сирин го вели истото: ”Оној што нема душевно делување, лишен е од духовни дарови.” Во една друга беседа, овој голем наставник на христијанското подвижништво, ги споредува телесните подвизи, без подвигот на очистување на умот, со бесплодни бедра и пресушени дојки. “Тие, вели светителот, не можат да му се приближат на умот Божји.” Свети Исихиј Ерусалимски пак вели: ”Оној кој нема молитва чиста од помисли, нема оружје за одбрана. Зборувам за молитвата што постојано дејствува во внатрешноста на душата, за молитвата во која со повикување на Христос се поразува и се спалува непријателот кој тајно војува.” “Неможно е да се очисти срцето и да се изгонат од него непријателските духови без често повикување на Исус Христос.” “Како што не е можно да се живее земскиот живот без јадење и пиење,така за душата е невозможно, без чување на умот и чистотата на срцето, од што и се состои трезнењето и она што се нарекува отрезнување, да достигне до било што духовно, или да се ослободи од мислениот грев, па макар некој и од страв пред вечните маки да се принудува да не греши”.
“Ако пак сакаш да ги посрамиш помислите што те напаѓаат, да тихуваш молитвено во душевен мир, слободно да се отрезнуваш и да бдееш со срце, тогаш Исусовата молитва нека се соедини со твоето дишење и ќе видиш дека тоа ќе се изврши после малку денови.” “Коработ не може да плови без вода и умот не може да се заштити без трезвеност, споена со смирение и со непрестајна Исусова молитва.” Ако имаш желба за Господа, не само да изгледаш како монах, но да бидеш благ и кроток, постојано соединет со Бога, ако имаш желба да бидеш навистина таков монах, тогаш сесрдно посвети се на добродетелта на будното внимание, која се состои од чување и заштитување на умот, од исполнување на срдечна молитва и тихување, од блажена состојба на душата, на која ѝ е туѓо мечтаењето, што може да се сретне само кај малкумина. Вистински и суштински земено, монах е оној кој извршува трезнење. Навистина извршува трезнење оној кој во срцето е монах.
Како основа на ова учење на светите Отци служи учењето на Самиот Господ, онака како што и крајаголниот камен е темел на зградата. Но иде време и дошло веќе, вели Господ, кога вистинските поклоници ќе Му се поклонуваат на Отецот во дух и вистина, зашто Отецот сака такви да бидат оние, кои Му се поклонуваат. Бог е дух и оние што Му се поклонуваат, треба да се поклонуваат во дух и вистина.
Се сеќавам, некои благочестиви мирјани, ги имаше дури и дворјани, современици од мојата младост, водејќи многу едноставен живот, се занимаваа со Исусовата молитва. Тој скапоцен обичај, денес, при општа исцрпеност на христијанството и монаштвото, речиси се загубил. Молењето со името на Господ Исус Христос бара трезвен, строго етички живот, живот во туѓинување, бара напуштање на страстите. А ние денес не можеме без расеаност, широк круг на познаници, задоволување на нашите многубројни потреби, без добротвори и добротворки. Но, Исус се беше отстранил, оти на тоа место имаше многу народ.