Во различни карактери се крие Божјото согласие
 
 
 
 
 

Во различни карактери се крие Божјото согласие (14.03.2009)

Еднаш, во мојата колиба дојде еден човек и ми кажа дека е многу потиштен, бидејќи не се согласува со својата жена. Меѓутоа, видов дека меѓу нив не постои сериозен проблем. Тој се намуртил заради нешто, а неговата жена заради нешто друго и не можат да си пријдат еден на друг. Тука е потребно малку „делкање“. Како пример можат да ни послужат недоделкани даски. Една на едно место има чвор, а друга на друго место. И ако се обидеш да ги споиш, меѓу нив ќе остане простор. Но, ако едната даска малку ја изделкаш од една страна, а другата од друга, со иста алатка, тие брзо се вклопуваат. (Старецот смета дека двајцата сопружници треба да имаат ист духовник, кој ќе им помогне при решавањето на нивните несогласувања).

Некои мажи велат: „Не се согласувам со жената, сосема сме различни карактери! Зошто Бог прави такви чудни работи? Зарем Бог не можеше некако да устрои брачните партнери да бидат слични по карактер за да можат духовно да живеат?“

Им велам: „Зарем не разбирате дека во различните карактери се крие согласие Божјо? Различни карактери прават согласие. Да не даде Господ да имате слични карактери! Замислете што ќе се случеше кога, на пример, и двајцата ќе се налутите: ќе ја срушевте куќата. Или и двајцата да сте со благ карктер, и двајцата ќе заспиевте стоејќи! И двајцата да сте скржави, ќе бевте слични и ќе се согласувавте, но и двајцата ќе отидевте во пеколот. Ако, пак, и двајцата ќе бевте расипници, ќе можевте ли да ја сочувате куќата? Ќе ја растуревте, а вашите деца ќе скитаа по улиците. Кога еден накриво насаден ќе се земе со друг накриво насаден, и двајцата ќе наликуваат еден на друг, нели? Но, ќе се убиеја за еден ден! Бог устрои така, добриот партнер да се земе со оној кој е поинаков, за да добие помош, бидејќи овој можеби има добра волја, но никој од детството не му помогнал.“

Дури и мали разлики во карактерите на сопружниците помагаат да се создаде хармонично семејство, бидејќи се надополнуваат еден со друг. Во автомобилот е неопходн гас да го движи напред, но и кочница, за да запре, кога тоа е потребно. Кога автомобилот би имал само кочница, немаше воопшто да се движи, а кога би имал само мењач, не би можел да застане. Знаете што му реков на еден брачен пар? „Не си одговарате еден на друг, затоа што премногу си одговарате еден на друг!“ И двајцата се преосетливи. Кога во куќата нешто ќе се случи, двајцата се губат и почнуваат да зборуваат: „Ох, што нѐ снајде!“ - вели едниот; „Ох, што нѐ снајде!“ – вели другиот. Еден на друг си помагаат побрзо да паднат во очајание. Зарем не може таа него малку да го успокои: „Чекај малку, не е толку страшно тоа што ни се случи“. Го видов тоа кај многу брачни парови.

А, за воспитувањето на децата, кога сопружниците се со различен карактер можат многу повеќе да помогнат. Едниот малку држи кочница, а другиот вели: „Дај им на децата малку слобода“. Ако и двајцата премногу ги стегаат, ќе ги изгубат децата. Ако и двајцата премногу им попуштаат, пак ќе ги изгубат. А вака децата се наоѓаат во една рамнотежа.

Сакам да кажам дека сѐ е потребно. Се разбира дека не треба да се надминат границите, но секој човек може да му помогне на другиот на свој начин.

 

Старец Паисиј Светогорец