Кога сопружниците се „виновни“, а кога се „во право“
 
 
 
 
 

Кога сопружниците се „виновни“, а кога се „во право“ (16.03.2009)

Забележав дека некои духовници на мажите што имаат проблеми со своите жени им кажуваат: „Биди трпелив. Тоа е твојот крст. Што да се прави? Господ ќе те награди за тоа.“ Потоа, кога ќе дојдат кај нив жените и на нив им велат: „Биди трпелива, за да имаш награда од Бог.“ Значи, и двајцата можат да бидат виновни, а духовникот на двајцата им вели: „Трпете“. А тогаш оној кој е навистина виновен ја прима помислата дека го трпи другиот, а всушност секој ден го измачува.

            Еднаш, во мојата колиба дојде еден човек и ми раскажа дека има проблеми со жената. Веќе дојдоа и до развод. Не сакаа да се видат еден со друг. И двајцата имаа тежок карактер. Имаа две деца. Никогаш не јадеа дома. Мажот јадеше во еден ресторан после работа, жената во друг ресторан, а децата за јадење си купуваа сендвичи. Сироти деца, кога родителите се враќаа дома, бараа по нивните џепови и торби да видат дали им донесоа нешто за јадење. Поминуваа низ страшна драма! А мажот пееше на певница. Во една црква одеше неговата жена, а тој пееше во друга. До таму дојде работата!

Тој ми велеше: „Што да правам, отец, носам голем крст, многу голем. Секој ден кавги дома.“ Го прашувам: „Беше ли кај духовникот?“ А тој: „Да, бев, тој ми кажа да имам трпение, дека носам голем крст.“ Јас му велам: „Да видиме кој носи голем крст. Да видиме како сѐ почна. Кога се венчавте дали се расправавте толку?“ Тој одговори: „Не. Осум години бевме во голема љубов. Ја сакав мојата жена повеќе од Бог. Потоа, таа се измени. Стана зајадлива, избувлива...“

Слушаш ли? Ја сакал повеќе од Бог! Му велам: „Чекај малку, ја сакаше повеќе од Бог! Дали твојата жена е виновна или ти, затоа што дојдовте до ваква состојба? Заради тебе Бог ја зеде Неговата благодат од твојата жена. И сега што мислиш да правиш?“

„Сигурно ќе се разведеме“, вели тој. Го прашувам: „Да не сплетка со некоја друга?“ Тој вели: „Да, имам една“. „Ама, зарем не разбираш дека ти си виновен? Прво треба да бараш прошка од Бог, затоа што својата жена ја сакаше повеќе од Него. Потоа, треба да бараш прошка од својата жена. ‘Прости ми’ кажи ѝ, ‘Јас сум виновен затоа што дома се создаде таква состојба и затоа што децата страдаат’. Потоа, оди да се исповедаш и почитувај Го Бог како Бог, а својата жена сакај ја како своја жена и ќе видиш дека сѐ ќе биде добро.“ Го протресов. Почна да плаче. Ми вети дека ќе ме послуша. За кратко време тој дојде задоволен и весел. „Фала ти многу, отец, нѐ спаси“, рече. „Сега сѐ е во ред. Добри сме и ние и децата.“

Гледаш ли? Тој е виновен и уште мисли дека тој е оној што го носи големиот крст!

            А вие не смеете да ги оправдувате жените што доаѓаат и се жалат на своите мажи. Јас не ги оправдувам ниту мажите ниту жените, туку барам од нив да се замислат. Да претпоставиме дека некоја жена ми вели: „Мојот маж пие, се враќа дома касно, пцуе...“ Тогаш јас ѝ велам: „Слушај, кога маж ти ќе се врати дома пијан, однесувај се убаво кон него. Ако ти почнеш да негодуваш: ‘Каде си досега? Како си дозволуваш да доаѓаш во ова време? Кога веќе еднаш ќе се опаметиш? На што личи ова? Тоа не е еднаш или двапати, до кога ќе го трпам ова?’, па се намуртиш, тогаш ѓаволот ќе му каже: ‘А бе, човек, дали си луд па да живееш со оваа глупача! Оди и забавувај се со некоја друга!’

Можеби ти си во право, но ѓаволот ќе го одведе во друга насока. Но, кога ти убаво се однесуваш кон него и кога ќе претрпиш малку и не се жалиш на она што тој прави, тогаш тој ќе се свести, ќе се замисли и ќе се поправи.“

Потоа, доаѓа мажот и ми вели: „Мојата жена постојано мрмори, вика.“ „Ама, твоите деца и твојата жена те чекаат до полноќ“, му велам, „а ти се враќаш дома пијан и почнуваш да пцуеш! Нели ти е срам? Зарем се ожени за да го измачуваш своето семејство?“

            А тогаш, ако еден од сопружниците живее духовен живот, и кога е во право, сепак не е во право. Бидејќи, како духовен човек треба на духовен начин да се однесува кон неправда. Значи, треба кон сѐ да се однесува барајќи ја Божјата правда, трудејќи се другиот да го успокои. Оти, ако една душа е слаба и греши, ќе биде на некој начин поблаго судена. А другиот, кој е духовно во подобра состојба, а не покажува разбирање, греши многу повеќе. Кога духовните луѓе се однесуваат на световен начин, со световно, човечко барање правда, што потоа се случува? Треба непрестајно да одат по судови во светот. Заради тоа луѓето имаат толку маки.

 

Старец Паисиј Светогорец