Душата не може да го има мирот ако не се учи во законот Божји и дење и ноќе (24.03.2009)
Душата не може да го има мирот ако не се учи во законот Божји и дење и ноќе, оти тој закон е напишан со Духот Божји. А Духот Божји од Писмото преминува на душата, и душата во тоа чувствува насладување и пријатност. И повеќе не сака да го љуби земното, затоа што љубовта кон земното ја опустошува душата, и тогаш таа паѓа во униние, и подивува, и не сака да Му се моли на Бог. Непријателот, пак, гледајќи дека душата не е во Бога, ја колеба и слободно става во умот што сака. И ја гони душата од едни помисли кон други, и така душата целиот ден го поминува во неред, и не може чисто да Го созерцува Господа.
Тој што во себеси го носи мирот на Светиот Дух, го излева мирот и на другите. А оној што во себе го носи злиот дух, тој го излева злото и на другите.
Прашање: Како да го сочува мирот старешината, ако неговите луѓе се непослушни?
На старешината му е тешко и мачно ако луѓето не го слушаат, но за да го сочува мирот, тој треба да се сеќава дека дури иако се непослушни луѓето, Господ сепак ги љуби, и пострада за нивното спасение. И треба усрдно да се молиме за нив, и тогаш на оној кој се моли, Господ ќе му ја даде молитвата. И ти од опит ќе познаеш дека умот на оној кој се моли има смелост пред Бог и љубов. Дури и да си грешен човек, Господ ќе ти даде да ги вкусиш плодовите на молитвата, и ако така се навикнеш да се молиш за потчинетите, тогаш во твојата душа ќе владее голем мир и љубов.
Прашање: Како може да го сочува душевниот мир оној што е потчинет, ако неговиот старешина е гневлив и зол човек?
Гневливиот човек самиот поднесува големо страдање од злиот дух. Тоа мачење тој го трпи заради гордоста. Оној кој е потчинет, кој и да е тој, треба да го знае тоа. И да се моли за старешината што има болна душа, и тогаш Господ гледајќи го неговото трпение, ќе му даде (на потчинетиот) простување на гревовите и непрестана молитва. Пред Бог е големо дело да се молиме за оние што нè навредуваат и нè нажалуваат. За тоа Господ ќе ни ја даде благодатта и ќе Го познаеме Господ преку Светиот Дух. И тогаш со радост ќе ги трпиме сите неволји заради Него, и Господ ќе ни даде љубов за сиот свет. И огнено ќе им сакаме добро на сите, и за сите ќе се молиме како за својата душа.
Господ ни заповедал да ги љубиме непријателите, и оној што ги љуби непријателите, Му се вподобува на Господ. Но, да ги љубиме непријателите можеме само по благодатта на Светиот Дух. И затоа, кога некој ќе те навреди, моли Го Бог за него. И тогаш ќе го сочуваш мирот во душата и благодатта Божја. А ако ропташ и го караш својот старешина, тогаш и самиот ќе станеш гневлив како и тој. И тогаш врз тебе ќе се исполнат зборовите на пророкот Давид: „Со светиите постапуваш свето, со лукавите наспроти нивното лукавство.” (Пс. 17, 27)
Така, и на послушникот му е тешко да го сочува мирот ако неговиот старец има тежок карактер. Да се живее кај лош Старец е голем крст за послушникот. Тој треба да се моли за Старецот, и тогаш ќе го сочува душевниот мир и телесниот. А ако си ти старешина, и треба му судиш на некого за лошите дела, тогаш, моли Му се на Господ, за да ти дарува срце кое милува. Таквото срце љуби Господ. И тогаш ти ќе постапиш правилно. Но, ако судиш според делата, ќе згрешиш, и нема да му бидеш угоден на Господа.
Треба да судиш така, што човекот да се исправи. И треба да ја сожалуваш секоја душа, сета твар, и сето создание Божјо, и самиот во сè да имаш чиста совест. И тогаш во душата и во умот ќе имаш голем мир. Ќе живееш во мир и љубов, и тогаш Господ ќе нè услиши и ќе ни даде сè полезно што бараме.
Светиот Дух е во љубовта. Така вели Писмото и така покажува опитот.
Душата не може да има мир ако со сите сили не бара од Господ да ги сака сите луѓе. Господ знаеше дека ако не ги љубиме непријателите, нема да имаме мир во душата. И затоа ни ја даде заповедта: „Љубете ги вашите непријатели.” Ако не ги љубиш непријателите, тогаш душата ќе биде спокојна само повремено. Но ако ги љубиме непријателите, тогаш мирот ќе пребива во душата и дење и ноќе.
Чувај го мирот на благодатта на Светиот Дух во душата. Не го губи заради малите нешта. Ако на својот брат му го дадеш мирот, Господ тебе ќе ти даде неспоредливо повеќе. А ако го нажалиш брата си, тогаш и на твојата душа неизбежно ќе пријде неволја.
Ако ти дојде блудна помисла, веднаш избркај ја, и тогаш ќе го сочуваш мирот во твојата душа. Ако ја примиш помислата, тогаш душата ќе ја загуби љубовта спрема Бог и повеќе нема да имаш смелост во молитвата.
Ако ја сечеш својата волја, го победуваш непријателот, и како награда ќе го добиеш душевниот мир. А ако ја спроведуваш својата волја, ќе бидеш победен од непријателот, и униние ќе ја мачи твојата душа.
Кој е среброљубив, тој не може да Го љуби Бог и ближниот. Умот и срцето на таквиот човек се зафатени со богатството, и кај него нема дух на покајание, ниту скрушеност заради гревовите. И неговата душа не може да ја знае сладоста на мирот Христов.
Душата што Го позна Господ, секогаш сака да Го гледа Него во себеси, оти Он доаѓа во душата тивко и ѝ го дава мирот, и сведочи за спасението без зборови.
Царевите и владетелите на народите, да ја знаат љубовта Божја, никогаш нема да војуваат. Војната се праќа заради гревовите, а не заради љубовта. Господ нè создаде од љубов и ни заповеда да живееме во љубов и да Го славиме Него.
Ако старешините ги чуваат заповедите Господови, а народот и потчинетите ги слушаат во смирение, тогаш на земјата ќе има голем мир и веселие. Но, заради властољубието и непослушанието на горделивите, страда целата вселена.
Те молам, Милостив Господи, дај му на сиот народ од Адама до крајот на вековите, да Те познае Тебе, дека Ти Си благ и милостив. Дај им на сите народи да се насладуваат од Твојот мир, и да ја гледаат Светлината на Твоето Лице. Твојот тивок и кроток поглед ја привлекува душата.
Свети Силуан Атонски