Верување на сопствените помисли е почеток на прелеста
 
 
 
 
 

Верување на сопствените помисли е почеток на прелеста (28.03.2009)

-                      Старче, кога се лутам, станувам како оркан, не можам да се воздржам?

-                      Зошто не можеш да се воздржиш?

-                      Затоа што ѝ верувам на својата помисла.

-                      Е, во тој случај ти имаш свое „Верувам...“, свој „Симбол на верата“!... За тоа е крив егоизмот. Немој да ја оправдуваш својата помисла. Будалестата помисла сама треба да ја отфрлиш, да не ја прифатиш.

-                      А како да знам дека е некоја помисла будалеста?

-                      Е, ако тоа не знаеш, довери ѝ ја на игуманијата и ќе ја отфрлиш така што ќе послушаш сѐ што ќе ти каже таа. А кога духовниот човек ѝ верува на својата помисла, тоа е почеток на прелеста. Се помрачува разумот од гордоста и може да западне во прелест. Подобро би му било да полуди, бидејќи тогаш поблаго и ќе му се суди.

-                      А зарем, старче, тука нема место за помош од другите?

-                      За да му се помогне во таква состојба, мора и сам на себеси да си помогне. Мора да сфати дека верувањето во помислата која му кажува дека е, на пример, најдобар од сите, дека е свет и така натаму, претставува прелест. Таквата помисла не си оди ни под закана со оружје, ако човекот сам ја задржува. Човекот мора да се смири за таа да си отиде. Понекогаш бараат од мене да се молам во такви случаеви. Како да се молам, кога оној во себе има ѓаволски фитил, па повторно ќе пламне. Тоа е како некој да држи во рацете детонатор од мина и бара да му помогнеш да не погине од нејзината експлозија.

 

Негување на добри помисли

 

-                      Старче, дали добрите помисли доаѓаат сами или треба да ги негувам?

-                      Треба да ги негуваш. Мораш да се следиш самата себе, да се испитуваш секогаш кога непријателот ќе ти наметне лоши помисли и да ги избркаш и да ги замениш со добри помисли. Кога така се бориш, ќе ти се развие и добрата волја. Тогаш Бог, кога ќе ја види твојата добра волја, ќе ти притекне на помош, а тогаш лошите помисли нема да можат да најдат место во тебе. Ќе си заминат и сега ќе имаш потполно природно добри помисли. Ќе се навикнеш на добро, добрината ќе ти влезе во срцето, и тогаш во себе ќе Го примиш Христос. Тоа, меѓутоа, не може да се постигне за еден ден. Неопходно е време и непрестајна борба за твојата душа да заслужи победнички венец. А тогаш, битката е засекогаш добиена, бидејќи битките се израз на внатрешната несреденост, што ја искористува непријателската пропаганда.

 

-                      Старче, како доаѓа до очистување на умот и срцето?

-                      Веќе кажав дека, за да го очисти умот и срцето, човекот не треба да прима лоши помисли кои му ги наметнува ѓаволот, ниту тој самиот треба да помислува зло. Треба да настојува секогаш да има добра помисла, лесно да не се соблазнува и со благост и љубов да гледа на гревовите на другите. Кога ќе се умножат добрите помисли, човекот во душата се осветува, се однесува побожно, станува помирен и животот му станува рај. Во спротивно, на сѐ гледа со недоверба и неговиот живот се претвора во пекол. Така човекот самиот свој живот го претвора во пекол.

Потребно е да се помачиме околу очистувањето. Можеме и да бидеме свесни за она што е лошо во нас, но тоа не е доволно. Ако не само што не прифаќаме лоши помисли и сами не помислуваме лошо, туку уште и за сѐ што ни кажуваат и што гледаме имаме добри помисли, ќе ни се очистат и умот и срцето. Искушувачот, се разбира, нема да престане да ни праќа лоша телеграфска порака. Бидејќи, дури и откако ќе се ослободиме од сите лоши помисли, и понатаму ќе има ѓаволски напади, но тие немаат влијание, ако е срцето чисто.

 

-                      Старче, дали молитвата помага во очистувањето на умот?

Молитвата не е доволна. Кога некој кади и килограми темјан додека се моли, ако умот му врви по лоши помисли за другите, нема никаква корист. Од умот телеграфската порака се симнува во срцето и од човекот прави ѕвер. Бог сака да имаме „чисто срце“, а нашто срце е чисто кога не дозволуваме низ умот да ни поминуваат лоши помисли за другите.

 

Старец Паисиј Светогорец