За сеќавањето на смртта
 
 
 
 
 

За сеќавањето на смртта (28.03.2009)

На секој збор му претходи мисла. А сеќавањето на смртта и на гревовите му претходи на плачот и риданието. Затоа сеќавањето на смртта по логичен ред и го ставаме на ова место.

            Сеќавањето на смртта е секојдневна смрт; сеќавање на крајот на животот, непрестајно воздивнување.

            Стравот од смртта е својство на природата, коешто произлегува од непослушноста, а треперењето пред смртта е знак за непокајани гревови. Христос се плаши од смртта, но не трепери, за јасно да ги пројави својствата на двете природи.

            Како што лебот е попотребен од секоја друга храна така и сеќавањето на смртта е попотребно од секој друг подвиг. Сеќавањето на смртта ги поттикнува монасите што живеат во заедница на труд и длабоко размислување, па дури и на радосно поднесување на навредите. А кај оние што живеат во безмолвие доведува до престанок на грижите за сè што е земно, до непрестајна молитва и чување на умот. Тие добродетели се и мајка и ќерка на сеќавањето на смртта.

            Како што калајот се разликува од среброто иако навидум личи на сребро таква и разликата меѓу природниот и противприродниот страв од смртта е јасна и очигледна за оние што умеат да расудуваат. 

            Прв знак дека човекот во длабочината на своето срце се сеќава на смртта е волната непристрасност кон сè што е создадено и целосното одрекување од својата волја. Искусен е оној којшто секој ден со сигурност ја очекува смртта, а свет е оној којшто во секој миг и ја посакува.

            Не е секоја желба за смрт добра. Има луѓе коишто моќта на навиката постојано ги наведува на грев, па се молат за смрт од смирение. А ги има и такви кои веќе и не сакаат да се покајат (зашто мислат дека тоа е невозможно), па ја повикуваат смртта од очајание. Некои не се плашат од смртта затоа што во својата надменост мислат дека станале бестрасни. А има и такви луѓе (доколку денес воопшто можат да се најдат) коишто по дејство на Светиот Дух копнеат по својата сопствена смрт.

            Некои истражуваат и поставуваат прашање зошто Бог го сокрил од нас мигот на смртта кога помислата на неа е толку благотворна за нас. Тие, меѓутоа, не знаат дека Бог токму преку тоа на чудесен начин го изведува нашето спасение. Бидејќи ниеден човек на когошто часот на смртта би му бил познат не би брзал да прими Крштение или да се посвети на монашки живот; целиот свој живот би го поминувале во беззаконија, а кон Крштението и покајанието би пристапувале дури пред својата смрт.

            Кога плачеш, немој никогаш да му веруваш на она куче што ти шепоти дека Бог е човекољубив (зашто неговата цел е да ги истреби од тебе плачот и неплашливиот страв), освен ако видиш дека пропаѓаш во бездна од очајание.

            Оној што сака постојано да ја држи во себе помислата на смртта и на судот Божји а се предава на грижи и земни работи, личи на човек кој сака да плива без да ги движи рацете.

            Дејствителното сеќавање на смртта ја отсекува невоздржливоста во храната. А кога оваа е отсечена со смирение, заедно со неа се отсекуваат и другите страсти. Нечувствителноста на срцето го ослепува умот, а големото количество храна го исушува изворот на солзите. Жедта и бдеењето го притискаат срцето, а кога срцето е потиштено, цели реки солзи навираат во нас. Тоа што го велам непријатно е за лапачите, неверојатно за мрзливите. Но човек ревнител усрдно ќе го испита тоа. Оној што го открил тоа во своето лично искуство, ќе се радува на ова. А оној кој уште бара, ќе биде уште понесреќен.

            Како што отците велат дека совршената љубов не може да падне така и јас велам дека совршеното сеќавање на смртта е слободно од страв.

            Многубројни се активностите на дејствителниот ум: мислата на љубовта кон Бога, сеќавањето на смртта, сеќавањето на Бога, сеќавањето на Царството Небесно, на ревноста на Светите маченици, сеќавањето на сегдеприсутноста на Самиот Бог (според она: ‘секогаш Го гледав Господа пред себе’ - Пс. 15, 8), сеќавањето на напуштањето на телото, на Судот, на маките, на пресудата. (Почнавме со големите нешта, а завршивме со оние што нè спречуваат да паднеме во грев).

            Нема да пропуштам да известам и за повеста за еден безмолвник од гората Хорив. Тој порано постојано живееше во потполна небрежност, не грижејќи се ни малку за својата душа. Најпосле се разболе и беше како мртов за време од цел еден час. Кога си дојде на себе, нѐ замоли сите веднаш да си одиме од него. И откако ја заѕида вратата на својата келија, помина во неа дванаесет години, а не прозборе со никого ни мал ни голем збор и не вкуси ништо друго освен леб и вода. Само седеше и со ужас размислуваше за она што го виде во својата екстаза, не менувајќи го никако својот начин на живот пред Господа. Постојано беше како надвор од себеси, не престанувајќи да пролева тивко врели солзи. А кога требаше да умре, ние ја скршивме вратата и влеговме во неговата келија. На нашите многубројни молби од него го чувме само ова, и ништо повеќе:

            „Простете! Ниеден човек што стекнал сеќавање на смртта нема никогаш да биде во состојба да згреши”.

            А ние се восхитивме, знаејќи колку небрежен беше порано кон своето спасение и гледајќи каква блажена и неочекувана преобразба доживеа. Откако го погребавме со сите почести на гробиштата што се наоѓаат во близината на Кастро, по извесно време ги побаравме неговите свети мошти и не ги најдовме, зашто Господ и со тоа сакаше да го посведочи неговото сесрдно и пофално покајание, и да нѐ поучи дека Он ги прима и оние коишто после долготрајна небрежност сакаат да се поправат.

            Како што некои ја замислуваат бездната како бесконечна (веќе врз основа на самиот збор) така и помислата на смртта прави нашата чистота и подвиг да станат бесмртни. Тоа го потврдува и преподобниот за којшто зборувавме сега. Таквите луѓе непрестајно додаваат страв на страв и не престануваат со тоа додека силата не им исчезне и од коските.

            Треба да знаеме дека и сеќавањето на смртта, како и секое друго добро, е дар Божји. Ние често остануваме без солзи, тврди дури и кога стоиме покрај гробовите, а многу често се разнежнуваме и кога немаме пред себе таква глетка.

            На смртта се сеќава само оној што умрел за сѐ што е земно. А оној на кого сè уште нешто му е важно, не може ни да се навикне на мислата дека му претстои смртта, зашто со своите желби самиот себеси се заробува.

            Не посакувај секој човек со зборови да го уверуваш во својата љубов кон него, но подобро барај од Бога Он да му ја открие твојата љубов без зборови. Инаку, не ќе имаш доволно време и за изјавување љубов и за покајание.

            Не залажувај се, неразумен подвижнику, мислејќи дека лесно ќе го надоместиш изгубеното време: ни цел еден ден не ти е доволен да Му отплатиш на Господ за она што си Му го згрешил за само еден ден.

            Невозможно е за човекот, рече некој, невозможно е побожно да го мине денешниот ден, ако не мисли дека тоа е последниот ден од неговиот живот. Навистина е чудно дека и Хелените кажале нешто слично, зашто тие философијата ја дефинираа како размислување за смртта.

 

Свети Јован Лествичник