За чистите е сè чисто
 
 
 
 
 

За чистите е сè чисто (31.03.2009)

-                      Старче, како во денешново општество може да се живее правилно, христијански, а да не се соблазнуваме од луѓето што живеат далеку од Бог?

-                      Зошто би требало да се соблазнуваме од луѓето кои не се во Божја близина? Кога некој така би живеел во семејство и би имал уште пет-шест браќа и кога двајца-тројца би ги одвлекол сатаната и кога би живееле грешен живот, дали нивниот грешен живот би го соблазнувал?

-                      Не, туку би страдал заради нив, бидејќи му се браќа.

-                      Е, гледаш, злото се наоѓа во нас. Немаме љубов и затоа останатите луѓе не ги доживуваме како браќа, туку се соблазнуваме од нив. Сите сме едно големо семејство и браќа меѓусебно, бидејќи сите луѓе се деца Божја. Ако навистина мислиме дека сме меѓусебно браќа, тогаш ќе страдаме за оние кои живеат во грев и нема да се соблазнуваме од нивниот живот, туку ќе се молиме за нив. Доколку се соблазнуваме значи дека злото не е надвор од нас, туку во нас. Кога ќе се соблазниме треба да си речеме: „Колку луѓе јас соблазнив? Како Бог ќе ме трпи мене кога јас не го трпам својот брат?“ Помислете на Бог и на ангелите кои ги гледаат сите луѓе на земјата: едните да крадат, другите да се караат... Тие го трпат севкупното зло на земјата, а ние не можеме да го истрпиме својот брат! Тоа е страшно.

-                      Старче, што значат зборовите на апостол Павле дека „нашиот Бог е оган што изгорува“ (Евр. 12, 29)?

-                      Кога ќе фрлиш хартија во камин, што ќе биде со неа? Зар нема да изгори? Така и кај духовниот човек. Сѐ што му доаѓа од искушението е изгорено. „Оган што изгорува!“ Кога во човекот ќе се разгори божествениот копнеж, сѐ што е лошо изгорува. Лошите помисли повеќе не пребиваат во него. Односно, ѓаволот не престанува да уфрла лоши помисли, но духовниот човек, бидејќи оган, ги изгорува. Потоа ѓаволот ќе се измори и престанува со тој вид на искушенија, затоа апостол Павле и вели: „На чистите им е сѐ чисто“. Кај таквите луѓе, значи, нема ништо нечисто. Чистиот човек и во ѓубре да го фрлиш ќе остане чист, како и сочевите зраци, каде и да паднат, остануваат светли и чисти.

Духовниот човек се раководи од светителите, но ни телесниот човек не го соблазнува. Страда заради него но со тоа не се валка, не навлегува во сферата на злото. Телесниот човек не го сфаќа светиот човек. И додека демонизираниот човек кога ќе види свет човек веднаш бега, додека телесниот човек му се приближува на светителот за да го искуша. Човек кој дошол во состојба на Содом се соблазнува дури и од ангелите. Смирениот човек, дури и ако е духовно неискусен, го разликува ангелот Божји од ѓаволот бидејќи има духовна чистота и со тоа му е сличен на ангел. Самољубивиот и телесен човек, освен што лесно паѓа во демонска замка, со својата телесност шири измама и со своите микроби ги заразува душите на болните.

-                      Старче, како некој може да дојде до состојба сѐ да гледа чисто?

-                      Треба прво да го очисти срцето за во него да престојува благодатта Божја. Зар не се вели во псалмот: „Срце чисто соѕидај во мене, Боже“? Кога ќе се очисти срцето, било машко или женско, тогаш во него се населува Бог. Таквиот човек не ги соблазнува другите ниту бива соблазнет од другите, туку шири околу себе благодат и побожност. Човекот кој ја чува и ја одржува својата духовна чистота ја задржува и божествената благодат во себе. Така сѐ гледа чисто и знае да препознае она што е нечисто. Не се гнаси од нечистите работи, туку и нив ги преобразува во својата духовна работилница. Од нечистата хартија прави марамчиња или тетратки, од употребениот метал прави свеќници итн. Наспроти тоа, човек кој ѝ подлегнал на лукавоста и она што е добро го претвора во зло, како што фабрика за оружје од злато прави куршуми, бидејќи нејзините машини и калапи се така подесени.

            Кога некој ќе почне да му прави отстапки на гревот тој прво потемнува одвнатре, а очите на душата отапуваат и сѐ нејасно гледа. Потоа бива заразен од гревот и гревот го смутува. Дури и она што е чисто може да го гледа како грешно. Постојат, на пример, луѓе кои не веруваат дека има млади кои живеат со чист живот. „Не е возможно“, велат „тоа да постои денес“. Тие се толку потопени во грев што грев гледаат секаде околу себе. Луѓе кои се дружат со ѓаволот не можат да замислат дека постојат други кои се дружат со ангелите. Иако, не треба да се очекува од свињите убаво да се однесуваат кон цвеќето. И Самиот Христос тоа го вели: „Не фрлајте бисери пред свињи“ (Мат 7, 6). Затоа е добро оној кој живее духовно да не навлегува многу во работите од овој свет, за да не ги оштети другите и другите него. Телесниот човек има поинаков типик од духовниот и не разликува колонска вода од свето миро.  

-                      Старче, некој кој сака да живее во Христос, може ли да биде спречен од надворешни искушенија?

-                      Не. Од Христос може да нѐ одвои само нашиот не-духовен живот. Ѓаволот има следна задача: да создава соблазни и да шири зло, да се бори против луѓето, некогаш отворено а некогаш прикриено.

Христос секогаш нѐ љуби, а се наоѓа покрај нас кога живееме согласно Неговата волја. Затоа кога ќе видите соблазни немојте да се плашите и да паничите. Ако тие работи не ги решаваме на духовен начин ѓаволот во нас ќе ја пронајде својата цел т.е. ранливата точка.

 

Старец Паисиј Светогорец