Моли се непрестајно со Исусовата молитва и таа сè ќе доведе во ред (02.04.2009)
Што е поубаво од молитвата? Кој и да се моли, бива просветлен и доаѓа до познание на Божјата волја. А како го знае тоа? Се разбира, ако се моли добро. А кога се моли добро? Кога молитвите што Му ги упатува на Бога ги имаат сите составни елементи. А кои се елементите што ја прават молитвата угодна? Смирението, солзите, самоукорувањето, простодушноста и посебно - послушанието соединето со љубовта. Молитвата излева светлина и таа светлина го покажува спасителниот пат каков што го сака Господ.
Молитвата треба да биде нераслабена. Ако се молите на тој начин, од сите страни ќе бидете неранливи. Кога ќе ве обземат острастени помисли, фрлете се на молитва напрегнато и ревносно и истиот миг ќе најдете олеснување. Цврсто држете се за Исусовата молитва.
Изговарај ја молитвата со болка и со душевен плач и ќе се почувствуваш сосем поинаку. Насочи го вниманието единствено кон себе! Тогаш ќе се видиш себеси и ќе почувствуваш болка и оваа болка ќе ти ја донесе милоста Божја. Додека ја изговараш молитвата, не обрнувај внимание на отчукувањата на срцето. Сочувај го само својот ум да не отскита од молитвата, зашто тоа е тежиштето и целта на молитвата.
Моли се непрестајно со Исусовата молитва и таа сè ќе доведе во ред. Оној што се моли бива просветлен, а оној што не се моли - помрачен, каков што сум јас. Молитвата е светлост небесна и оној кој ја има молитвата во себе или на усните, ја има и светлината на молитвата што извира внатре во срцето. Таа го просветлува човекот што да мисли и како да се дочува од ѓаволските стапици.
Присилете се на Исусовата молитва и таа ќе ви стане сè - храна, пијалок, облека, светлина, утеха и духовен живот. Оваа молитва станува сè за оној што ја поседува. Без неа не може да се исполни празнината на душата. Ја сакате ли љубовта Христова? Копнејте по молитвата и прегрнете го смирението и тогаш ќе сфатите дека Царството Божјо е внатре во вас.
Не дозволувајте злите помисли да завладеат со вас. Веднаш оддалечете ги со молитвата. Ех, какви чуда прави таа молитвата! Повикајте со молитва и вашиот ангелчувар ќе ви го испрати духовното благоухание! Ангелите се многу радосни кога монахот се моли со молитвата на нашиот најсладок Исус. Исус нека биде насладата на вашите души.
Изговарајте ја молитвата непрестајно. Бог да ви подари благословен почеток! Нека не ве напушта молитвата или, подобро кажано, вие не ја напуштајте, бидејќи таа ѝ е живот на душата, таа му е дишење на срцето, миризлива пролет што во душата на борецот создава духовен процвет.
Молитвата и смирението, чеда мои, се семоќното оружје што со недремливо внимание непрестајно мораме да го држиме во рацете. Тоа, со Божја помош, ќе ни ја донесе победата над демоните.
Бидете трпеливи, чеда мои. Не губете храброст. Кажувајте ја молитвата напрегнато. Нека не се расејува вашиот ум по земните работи, дури и ако имате грижи. Сметајте ги за минливи. Имајте ги пред очи единствено непрестајната молитва и сеќавањето за смртта. Секогаш Го гледам пред себеси Господа. Тој е од мојата десна страна за да не се поместам (Пс. 15; 8). Ако се молите силно и непрестајно, нема да паднете. Ќе разберете, меѓутоа, дека ќе искусите сеопшто паѓање ако ја запоставите молитвата.
Старец Ефрем Филотејски