Солзи на покајание
 
 
 
 
 

Солзи на покајание (03.04.2009)

Покајанието е крштение со солзи. Со своето покајание човекот доживува повторно крштение, повторно се раѓа. Апостол Петар со своето одрекување, на некој начин Го предаде Христос. Но, бидејќи „плачеше горко“ (Матеј 26, 75 и Лука 22, 62) доби простување за својот пад. Значи, него го изми, повторно го очисти искреното покајание што го имаше во себе. Гледаш, Бог прво ја создаде земјата, морето, сета твар, па дури потоа од земјен прав го создаде човекот. Човекот прво се раѓа телесно, а дури потоа, на Крштението се преродува духовно. Од твар Божја, со вода и со Духот Свет, со благодатта Божја – „со вода и Дух“ (Јован 3, 5) – станува нов човек.

 

-                      Дали тоа значи, старче, дека Бог, како што тогаш го создаде човекот од прав земјен, така и сега, на Крштението, користи вода за повторно да го создаде?

-                      Да, водата во себе симболизира очистување и затоа свештеникот на Крштението го потопува човекот во вода. Човекот ги испира од себе последиците од прародителскиот грев, се очистува од гревовите, осенет е од благодатта Божја, се облекува во Христос и станува нов, повторно роден, човек. Тоа е дело на Крштението. Тоа совршено јасно му го кажа Христос на Никодим, кога овој го праша како човекот може повторно да се роди: „Вистина, вистина ти велам: ако некој не се роди со вода и Дух, не може да влезе во Царството Божјо“ (Јован 3, 5). Со Крштението настанува, после падот, ново совршено Божјо создание. Заради тоа човекот, кога нема да ја извалка Светата Тајна Крштение, има многу благодат Божја. Но, и кога ќе ја извалка, постои крштение со покајание. Ако стане свесен за својот грев, и трпи болка заради тоа, миејќи се, очистувајќи се на некој начин со солзи на покајание, на него повторно се спушта благодатта Божја.

 

- Старче, каква е тоа жалост која твори радост (радосотворна тага)? 

- Тоа е радост која произлегува од жалост заради направениот грев. Во таква жалост постои и болка и радост, па затоа и се нарекува радосотворна тага. Човекот жали што го ражалостил Христос, а се радува затоа што чувствува утеха Божја. Грешник, кога искрено ќе се покае добива простување од Бог, чувствува во себе утеха Божја и може да осети духовна сладост.

 

- Старче, дали човекот кој се бори може целиот живот да живее во покајание?

- Да. Ако се бори правилно, не гледа колку напреднал, туку ги гледа само своите падови и живее во непрестајно покајание. Не знае дека во почетокот се борел против еден демон, а потоа дека можеби се бори против цела чета демони. Бидејќи колку повеќе сили некој вложува за да искорени некоја страст и да стекне добродетел, толку повеќе непријатели се собираат. Тогаш, иако не гледа напредок, тој сепак напредува. Може сѐ до смртта да живее во таква состојба, т.е. да не гледа никаков напредок, да мисли дека не напредува, бидејќи има падови, а всушност, напредок има, бидејќи непрестајно ја засилува борбата и се бори со сѐ повеќе демони.

Покајанието за подвижникот е како некакво ракоделие кое никогаш не завршува. Умрените ги оплакуваат, погребуваат, па забораваат... Гревовите свои ќе ги оплакуваме без престан, сѐ додека не умреме, но со расудување и со надеж во Христос Кој беше распнат, за да ни подари духовно воскресение.

 

Старец Паисиј Светогорец